КАКО ЌЕ СЕ ВРАТАТ: Следува отплата на долг од 423 милиони евра!
Објавено во: Финансии 30 Јуни, 2017
Во втората половина од годинава државата ќе треба да врати 423 милиони евра, пари што веќе се позајмени од домашниот пазар. Оваа сума ќе треба да се врати во периодот од јули до декември, односно во тој период доспеваат веќе издадените државни хартии од вредност. За да ги врати овие пари, Министерството за финансии ќе треба повторно да се задолжи. Според објавените податоци, до крајот на годината ќе има 13 нови задолжувања. Односно, аукции на државни хартии од вредност ќе има по два пати секој месец, освен во октомрви за кога се планирани три задолжувања на домашниот пазар.
Според објавениот календар, после секое задолжување, веќе следниот ден следува раздолжување.
За да се реализираат постојните расходи во Буџетот за 2017 година, Министерството за финансии, како што информираат ќе започне на домашниот пазар да повлекува поголеми износи од оние кои достасуваат, односно ќе се зголеми нето повлекувањето на државни хартии од вредност.
„Истовремено, Министерството за финансии ќе ја намали фреквенцијата на оддржување на аукции на државни хартии од вредност, на два пати месечно. Ова го правиме со намера да се поттикне секундарното тргување со државните хартии од вредност, каде ќе се јават инвеститори кои имаат потреба од ликвидни средства на покуси рочности од оние кои се нудат на редовните аукции на државата“, соопштуваат од Министерството за финансии.
Задолжувањето на домашниот пазар на државни хартии од вредност ќе продолжи и на среден рок, но комбинирано со странско задолжување, велат уште од Министерството со објаснување дека ќе продолжат перманентно да ја следат состојбата на меѓународниот пазар на капитал, каде инвеститорите позитивно ја перципираат стабилизацијата на политичката состојба во Македонија и перспективите за македонската економија.
Сепак, во Министерството за финансии велат дека не се исклучува можноста за земање на еврообврзница за отплата на долг за следната година
С.Н.