17 Мај, 2024
0.0370

Билал Суџубаши, Главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје

Интервју Суџубаши: Со новите потрошувачки кредити со грејс период од 6 месеци, Халкбанк дава можност за дополнителна консолидација на граѓаните

Објавено во: Економија 02 Октомври, 2020

Добивај вести на Viber

Веќе шест месеци земјава се справува со последиците од кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19, не само со оние од здравствен аспект, туку и од економски бидејќи последиците се чувствуваат во сите сегменти од функционирањето на државата. Ни следи неизвесен период во кој, според проценките на здравствените власти, може да има раст на заболените, а со тоа и можни нови рестриктивни мерки. За влијанието на кризата врз банкарскиот сектор, помошта за клиентите, новите производи кои ќе помогнат во консолидација на граѓаните, случајот „Еуростандард банка“ и исплата на „заробените“ штедни влогови, разговаравме со Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје.

Народна банка во својот извештај за финансиска стабилност излезе со став дека банкарскиот сектор е стабилен, но и со стравување дека банките може да бидат на удар пред сѐ поради неможноста на дел од клиентите навремено да ги намируваат своите обврски, со што се нагласуваат ризиците од кредитни загуби во билансите и од можно забавување на кредитниот раст? Какви се Вашите очекувања?

Суџубаши: Банкарскиот сектор во изминатите години помина низ две поголеми кризи, светската финансиска криза во 2008 година и кризата со која денес се соочуваме, и во овој период се покажа дека довербата во банкарскиот сектор е на највисоко ниво и дека сѐ уште расте, како и дека банкарскиот систем е флексибилен на непредвидени шокови.

Согласно јавно достапните информации за банките, како и согласно сите сигнали од монетарните власти, уверени сме дека банкарскиот сектор е стабилен и ќе остане стабилен. Народна банка веќе објави анализи кои покажуваат дека домашниот финансиски сектор е добро подготвен да се справи со предизвиците на корона-кризата. Впрочем, тоа го потврди и најновиот извештај на агенцијата „Стандард и Пурс“ во кој е нагласено дека поставеноста на монетарната политика и мерките на Народната банка придонесуваат за неутрализирање на ефектите од пандемијата со Ковид-19 врз македонската економија, како и дека банкарскиот систем останува стабилен. 

Стабилноста се должи на фактот што во годините пред појавата на пандемијата, домашниот банкарски сектор остваруваше здрав и одржлив кредитен раст што се согледува и преку падот на стапката на нефункционални кредити. Со ова на некој начин и се потврдува дека добрата поставеност на банкарскиот сектор значи и негова подготвеност за справување со предизвиците кои ќе следат.

Централната банка веќе објави дека нефункционалните кредити се одржуваат на историски ниско ниво од 4,7 проценти, при што кај најголем дел од банките има нивно намалување, односно, без Еуростандард банка на која ѝ е одземена дозволата за работа, нивото на нефункционалните кредити на банкарскиот систем е значајно помало и изнесува само 3,7 отсто од вкупните кредити. Истовремено, кај банкарскиот систем во поглед на финансиските резултати во целина се забележува подобрување за речиси 21 проценти.

Секако, банките, нивните клиенти и, генерално, сите економски субјекти и институции во нашата земја се соочуваат со бројни предизвици од оваа криза, чии што последици ќе зависат од времетраењето и интензитетот на негативните ефекти од глобалната здравствена, и последователно со тоа и економска криза.

Од аспект на Халкбанк, како една од четирите најголеми банки во земјава, како се справувате со кризата? Дали има намалување на кредитирањето или пад на депозитите во Халкбанк?

Суџубаши: За сега, не чувствуваме последици. Секако, тоа се должи во голема мера на фактот што Халкбанк е добро капитализирана банка. Со стартот на кризата, нашата матична банка Халкбанк АШ Турција донесе одлука за докапитализација на Халкбанк АД Скопје со 20 милиони евра, токму со цел да бидеме подготвени да се справиме со сите предизвици. И секако, значаен за нашата стабилност и нашата работа е и фактот што изминативе години одлично работевме во сите сегменти на банкарското работење. Халкбанк е четврта најголема банка на пазарот според активата од 935 милиони евра и четврта банка по големина на профит. Ланската година за нас беше исклучително успешна, односно рекордна бидејќи постигнавме профит од 11.4 милиони евра, забележавме пораст на активата за повеќе од 10 отсто, го зголемивме пазарното учество и во кредитирањето, а истата растечка тенденција е регистрирана и во делот депозити.

Оттаму и можевме да излеземе со низа мерки за помош на државата и граѓаните – од предвремено плаќање на обврските кон државата, преку одложено плаќање на кредитите на стопанството и граѓаните за период од 6 месеци, до низа акции во насока на помош за малите фирми, наши клиенти, кои беа силно погодени од кризата.

Покрај сите шокови, Халкбанк е стабилна и бележи високи стапки на ликвидност и раст на депозитите. Како одговор на кризата на пазарот понудивме и повеќе нови кредитни производи со атрактивни каматни стапки и услови, кои се добро прифатени од граѓаните.

Очекуваме дека мерките и на Централната банка и на Владата ќе овозможат закрепнување на стопанството, а со тоа и на населението, што пак, позитивно ќе се одрази и на банкарскиот сектор. Но, останува да видиме како ќе се одвива состојбата со пандемијата, од што впрочем зависи сè.


Од октомври сите што нема да добијат ново одложување на обврските почнуваат со редовна отплата на своите кредитни обврски. Како ќе се плаќаат каматите кои течеа во периодот на одложувањето? И колку Ваши клиенти ќе ги исполнат условите од второто одложување на обврската за отплата на долговите, согласно одлуките на НБРСМ?

Суџубаши: Првата рата на доспевање на месечните ануитети по кредитите започнува со 30.09.2020 година. Начинот на плаќање останува ист како и пред одложувањето, на месечно ниво, согласно новите амортизациони планови кои клиентите ќе ги имаат на располагање, со плаќање на ануитети кои ќе содржат главница, камата и мал дел од пресметаната камата за периодот на одложување. Пресметаната камата за периодот на одложување ќе биде рамномерно распоредена на остатокот на рокот на кредитот кој ќе биде зголемен за дополнителни 6 месеци, со цел да се избегне наметнување на поголем товар на клиентот, а во согласност со објавата на банката за првото одложување на обврските во текот на март 2020 година.

Што се однесува до новото одложување на кредитните обврски, според анализата на банката,бројот на клиенти кои го исполнуваа критериумот за намалени месечни примања изнесуваше околу 8.000 клиенти. Од нив 799 клиенти – физички лица, со вкупно 2037 кредитни производи, во моментов ја користат втората мерка за шестмесечно одложување на кредитните обврски. Овој број значи драстично намалување од првично одложените, и истиот се предвидува дека ќе претрпи дополнително намалување од причина што одреден број клиенти ќе ја одбијат понудата бидејќи се соочуваат со намалени трошоци, како резултат на работењето од дома, некористењето годишни одмори, и слично. Останатите клиенти кои сметаат дека ги задоволуваат критериумите за одложување потребно е да достават адекватна документација, бидејќи во спротивно нема да имаме основ за понатамошно одложување на нивните изложености.

Деновиве излеговте со нов Потрошувачки кредит со грејс период од 6 месеци? Дали овој производ всушност е резултат на фактот што истече рокот од 6 месеци во кој граѓаните добија можност да ги пролонгираат своите кредитни обврски, освен доколку не влегуваат во онаа категорија граѓани која може да добие ново пролонгирање на обврските?

Суџубаши: На некој начин да. Со овој производ, излегуваме во пресрет на сите оние кои имаат потреба од дополнителни средства. А тука влегуваат и оние кои за своето кредитно задолжување во претходниот период ја користеа мерката за одложување на отплатата, а сега не ги исполнуваат условите за добивање ново пролонгирање на ратите. Според условите утврдени со мерките за ново одложување на ратите, оваа можност можат да ја искористат само оние кои имаат намалени приходи за најмалку 10% во однос на периодот пред кризата предизвикана од Ковид-19, оние кои останале без работа или, пак, доколку имале трошоци за лекување. Многу граѓани можеби немале намалување на личните доходи, но со оглед на неизвесниот период, чувствуваат страв за својата финансиска стабилност. Токму затоа креиравме производ со кој можат да бидат порелаксирани. Новиот потрошувачки кредит е со ниска каматна стапка од само 5% во првите две години, односно 5,5% варијабилна за останатиот период, рокот на отплата е до 120 месеци и истиот е без надомест за обработка. Односно, единствен трошок е надомест од 350 денари за добивање податоци од Кредитното биро и 150 денари за апликација за кредитот, кои се наплаќаат доколку кредитот е одобрен.

Корисникот на кредитот во грејс периодот од 6 месеци единствено ќе има обврска да ја плаќа само каматата. На пример, ако се работи за кредит во износ од 10.000 евра, со рок на отплата од 72 месеци, за кој ратата изнесува 161 евро, во првите 6 месеци додека трае грејс периодот ќе треба да се плаќа само камата која изнесува 41 евро, а ратата во пресметаниот износ клиентот ќе продолжи да ја плаќа по истекот на грејс периодот. За новиот производ од Халкбанк не се потребни жиранти, туку обезбедувањето е врзано со осигурителна полиса од Халк Осигурување АД и износи до 1.200.000 денари се со задолжителна полиса од незгода која годишно изнесува 600 денари, за период еднаков на рокот на отплата на кредитот. Повисоките износи на кредити се со Пакет полиса за осигурување каде висината на трошокот за осигурување е во зависност од тарифата на Халк Осигурување АД Скопје и индивидуалните параметри на кредитокорисникот. 

Со нашиот нов производ, сите клиенти кои веќе имаат кредитно задолжување кај нас, истото ќе можат да го рефинансираат. Тоа се однесува и на оние кои имаат кредити во други банки. На овој начин, не само што ќе добијат порелаксиран период, туку можеби и пониски рати доколку постојниот кредит го имаат земено во претходните години кога каматните стапки се движеа околу 7-8 проценти, па и повеќе.

Стопанството беше на силен удар од кризата. Многу извозници престанаа со своите производни и извозни активности, одделни сектори беа целосно замрени. Дали и за нив подготвивте некакви мерки?

Суџубаши: Халкбанк АД Скопје ја продолжува поддршката на корпоративниот сектор преку  изготвување на понуда за користење на втор период на одложување на кредитните обврски, што е во согласност со нашите главни принципи и вредности, односно обезбедување одлична услуга на нашите клиенти преку понуда на најдобрите решенија за нивните потреби.

Вториот период се состои од продолжување на рокот за подмирување на кредитните обврски за дополнителни шест месеци на своите клиенти – правни лица кои веќе користат финансиска поддршка. Притоа, компаниите ќе имаат можност и за дополнително финансирање за потребите за обртни средства, овозможување прилагодливи услови за отплата согласно природата на бизнисот или за реструктурирање на бизнис кредитите во неколку сектори. Имајќи ги предвид импликациите што пандемијата ги предизвика на домашната економија и тешкотиите со кои се соочуваат нашите корпоративни и мали и средни претпријатија, ние искрено веруваме дека со нашата поддршка и понуда ќе придонесеме истите во наредниот период да бидат надминати и заедно со своите клиенти успешно ќе продолжиме да чекориме кон остварување на заедничките цели.

Халкбанк будно ќе го следи развојот на ситуацијата во одделни бизнис сектори, особено секторите кои беа најмногу погодени, ситуацијата на пазарот на труд, владините мерки и политики, макроекономските параметри, итн., за да може навремено да реагира и да понуди соодветни решенија како комплементарна интервенција со сите чинители. Со сите активности кои банката во изминатиов период ги презема покажавме дека секогаш сме во тесна комуникација со клиентите, посветени на соодветни решенија и производи прилагодени на потребите на граѓаните со цел генерирање на задоволни клиенти, а водени од начелото „Важни се луѓето”.

Во екот на пандемијата со Ковид-19 се случи одземањето на дозволата за работа на Еуростандард банка од страна на НБРСМ. Дали ова ќе има влијание на стабилноста на банкарскиот сектор и дали можеби негативно ќе се одрази и на останатите банки во поглед на повлекување на заштедите поради несигурноста?

Суџубаши:Малото пазарно учество на Еуростандард банка АД Скопје во вкупната актива, вкупните депозити и вкупните кредити на банкарскиот систем воопшто не ја доведува во прашање стабилноста. Банкарскиот систем е и останува стабилен и добро капитализиран, со висока ликвидност. Затоа, иако одземање на дозвола за работа на некоја банка не е убава вест, ниту за банкарскиот сектор, ниту за клиентите, сепак, кога зборуваме за целокупниот банкарски систем, сметам дека истото нема да има негативен ефект. Истото се однесува и на депозитите кај кои ние како банка не чувствуваме никакви поместувања. Македонските граѓани во целина веруваат на домашните банки.

Исплатата на штедачите на Еуростандард банка веќе почна и според најавите од Фондот за осигурување депозити, над 99 отсто од депозитите кај физичките лица се до 30.000 евра колку што се осигурени во Фондот, па така најголем дел од граѓаните ќе ги добијат своите средства.

Халкбанк е една од четирите банки преку кои се врши исплата на штедачите на Еуростандард банка. Колку штедачи и во колкав износ треба да бидат обештетени преку Вашата банка?

Суџубаши: Халкбанк ќе обештети 34.201 штедачи во вкупен износ од 1.122.730.790 денари. Како што знаете, штедачите се распределени меѓу четирите банки според првата буква од нивното презиме. Процесот на исплата тече непречено. Филијалите во најголема можна мера се прилагодени на потребите, од аспект на број на вработени и број на шалтери, а ангажирани се и лица за одржување на редот и почитување на мерките за заштита.

На досегашните штедачи кои средствата ги подигаат во нашите филијали им нудиме можност да продолжат да штедат, со избирање наш депозитен производ кој е соодветен на нивните потреби и можности. Тие можеби по првиот шок ќе ги однесат своите пари дома. Но тоа е несигурна опција и затоа верувам дека ќе продолжат да штедат одбирајќи сигурен партнер. Халкбанк е токму тоа.

Халкбанк и во овој период продолжува да биде активна во поддршката на низа проекти кои претставуваат помош за заедницата. Кои се приоритетите во овој поглед?

Суџубаши: Халкбанк е постојан поддржувач на проекти врзани за заштита на животната средина, културата и спортот. Меѓутоа, со оглед на кризата, и некои други проекти кои значеа поддршка за граѓаните и компаниите се најдоа во нашиот фокус. Па така, со оглед дека голем број сектори беа сериозно погодени од пандемијата и беа принудени да ги затворат своите врати поради карантинот, како помош за нив преку медиумите организиравме доделување ваучери за производи и услуги на голем број мали бизниси – угостителски објекти, цвеќари, салони за убавина, спортски центри и други.

Дополнително, заедно со Mastercard креиравме и кампања која ја нарековме „На наша сметка“, а со којасите физички лица, нови или постоечки клиенти, доколку станат корисници на некој нов производ на банката, добиваат Mastercard дебитна картичка и вредносен ваучер од 500 денари кој може да го искористат во еден од локалите клиенти на филијалата од каде го подигнале ваучерот. Ова за нас беше инвестиција од над 25.000 евра, но веруваме дека таа е од голема помош и поддршка на локалните бизниси. Во овој период ја проширивме и платформата HalkEco - успешно помина трката „HalkEco хронометар 10км“ каде Халкбанк беше генерален покровител, а неодамна во Маврово ја организиравме и првата хронометар велосипедска трка Halk Velo Green, која се надеваме ќе прерасне во традиција.

Исто така, по помошта која ја дадовме на Град Скопје во која ги реновираме сите мостови во вториот дел од Градскиот парк, сега поддршка дадовме и на општина Карпош. Во ТЦ Лептокарија веќе е во функција Халк Корнер – едно убаво катче, со зеленило, урбана опрема, систем за наводнување и содржини за деца, кое ќе биде пријатно место за сите кои го посетуваат овој трговски центар. Во рамките на платформата HalkEco неодамна ја поставивме и првата еко автобуска постојка во општина Аеродром, која е опремена со зелен и одржлив покрив и е прва и единствена од ваков вид во земјава.

А нашиот тим од корпоративни комуникации веќе работи на реализација на уште низа проекти од општествено значење кои наскоро ќе бидат видливи и корисни за јавноста.


Можеби ќе ве интересира

„Лидл“ за секој вработен во Македонија троши по 3.000 евра месечно

„Лидл“ за секој вработен во Македонија троши по 3.000 евра месечно

Давор Сакач, директор на Telekom Srbija Ventures Fond: Половината стартапи во кои инвестиравме се засновани на развојот и имплементацијата на ВИ

Давор Сакач, директор на Telekom Srbija Ventures Fond: Половината стартапи во кои инвестиравме се засновани на развојот и имплементацијата на ВИ

ФАКТОР АНАЛИЗА: Најуспешни компании во Градот на Гемиџиите - фамилијарен бизнис направи топ-добивка од „амбалажа“ за храна

ФАКТОР АНАЛИЗА: Најуспешни компании во Градот на Гемиџиите - фамилијарен бизнис направи топ-добивка од „амбалажа“ за храна

Светски инвеститори со интерес за македонските стартапи

Светски инвеститори со интерес за македонските стартапи

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скопските ИТ компании доминираат со направените добивки кај програмерите

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скопските ИТ компании доминираат со направените добивки кај програмерите

ЕКОНОМСКИ НАПРЕДОК: За две децении 10-те „нови членки“ на EУ го удвоија својот БДП

ЕКОНОМСКИ НАПРЕДОК: За две децении 10-те „нови членки“ на EУ го удвоија својот БДП

„Ќе забават инвестициите на германските компании во Македонија“: бизнис климата ја оценуваат како добра, но недостига стручен кадар

„Ќе забават инвестициите на германските компании во Македонија“: бизнис климата ја оценуваат како добра, но недостига стручен кадар

ФАКТОР АНАЛИЗА: Најголеми компании по добивка во Струмица - Панче Заев и Г'на дебитанти

ФАКТОР АНАЛИЗА: Најголеми компании по добивка во Струмица - Панче Заев и Г'на дебитанти

ИЗМАЧУВАЧКО БАВНО ЗАКРЕПНУВАЊЕ: Европската комисија ја намали економската прогноза за Германија

ИЗМАЧУВАЧКО БАВНО ЗАКРЕПНУВАЊЕ: Европската комисија ја намали економската прогноза за Германија