17 Јуни, 2024
0.0270

ИНТЕРВЈУ НИКОЛА ЉУШЕВ: Нашата мрежа е основа на новото дигитално општество

Објавено во: Економија 27 Декември, 2022

Добивај вести на Viber

Денес дигиталната поврзаност е неопходен дел од нашето секојдневие. Технологијата ни е потребна за да комуницираме, да работиме, да купуваме, да патуваме, да се едуцираме... Таа ги опфаќа сите области, а ние сме вмрежени и зависиме од неа. Токму со појавата на новите технологии како 5G се отвораат и бескрајни нови можности и нови апетити. Над 5 милијарди интернет корисници во светот бараат постојана поврзаност и квалитетна услуга. Сето ова се случува во време кога светот е погоден од енергетска криза и инфлација, време на несигурност и негативни трендови. Во телекомуникацискиот сектор, којшто е носител на дигиталната трансформација, овие турбуленции и промени носат многу предизвици и отвораат нови поглавја. Разговаравме со Никола Љушев, Главниот извршен директор на Македонски Телеком, за достигнувањата во годината што измина, идните планови, трендовите во индустријата и можностите што ги отвораат новите технологии.

Како ја завршивте 2022 година? Кое е најголемото достигнување годинава?

Љушев: Оваа турбулентна година којашто ќе остане запаметена во нашата колективна меморија по енергетската криза, воениот конфликт во Украина, високата инфлација и негативните светски трендови, воедно е и година на голем успех за Телеком, со целосна надградба кон нова понапредна  генерација на безжични комуникациски технологии. Горд сум што сме пионери во воведувањето на новите технологии и сега ја имаме најсовремената и најдобра мрежа. За само 18 месеци целосно ја модернизиравме мобилната мрежа, поставивме 900 нови базни станици и го зголемивме капацитетот на 4G за дури 70%. Први ја воведовме 5G мрежата во Македонија и сега 26 градови можат да користат 5G услуги. Гигабитните брзини и ниската латенција се реалност и 12% од сообраќајот се на 5G. Ова е најголемиот проект во последниве десет години и важна пресвртница којашто ќе овозможи целосен пресврт не само во технологијата туку и во секој аспект од нашите животи. Ја поставивме основата, скелетот на новата технолошка револуција, врз која во наредните години ќе се гради новиот дигитален свет.

Што е потребно за да се направи еден ваков исчекор, да се заврши толку голем проект?

Љушев: Милионски инвестиции, тимска работа, интернационална поддршка и добар мотив. Овој проект се работеше во исклучително комплексно време и опкружување, но како што нè научи пандемијата, токму мрежата е основата на стабилноста што овозможува да функционираме во секакви услови и тоа беше нашиот мотив. Живееме во време кога светот постојано се менува. Потребата за побрз интернет, подобра поврзаност, повеќе податоци, поголеми капацитети и подобра услуга сè повеќе се зголемува. Само за илустрација, доколку направиме споредба на потрошувачката на мобилен интернет во октомври 2021 со онаа во октомври 2022, можеме да забележиме зголемување за над 50%.  Во такви услови, телекомуникациските оператори мора да останат мотивирани постојано да ја градат и подобруваат мрежата, затоа што таа е основата и столбот, особено во овие турбулентни времиња. Сега ја имаме најмодерната мрежа, но таа е жива материја и ние ќе продолжиме да ја одржуваме и подобруваме за да можеме да им излеземе во пресрет на барањата на новото време и да ги поврземе сите, секаде.

5G е реалност, мрежата е изградена. Што може да очекуваме наредната година? Кои се следните чекори?

Љушев: Прво, со 5G технологијата ќе може да им овозможиме на корисниците од руралните области, каде не е исплатливо или не може да се стигне со оптика, висококвалитетен интернет со големи брзини. Оваа технологија ќе биде движечка сила за развојот на нови фукционалности и во областа на Massive IoT, во делот за паметни градови и паметна инфраструктура, област во која веќе имаме доминација на пазарот, а сега ќе одиме и многу понапред. Трето, 5G ќе овозможи примена на вештачката интелигенција за подобрување на ефикасноста на самата мрежа. Преку вештачката интелигенција ќе можеме да детектираме и најмала недоследност во функционирањето на мрежите и системите коишто испорачуваат клучни услуги. На тој начин, ќе можеме да ги спречиме и пресретнеме, а корисниците воопшто нема ни да ги забележат. Сето ова ќе го зголеми задоволството на корисниците и ќе обезбеди супериорна услуга, а токму тоа е нашата цел. Ова се плановите само за наредната година. На прагот сме на нова индустриска револуција којашто целосно ќе ги трансформира сите сфери на нашето општество. Новите технологии имаат голем потенцијал да бидат алатка којашто ќе ни овозможи да се справиме со глобалните предизвици како глобалното затоплување, пренаселеноста на градовите, производството на храна, пристапот до чиста вода итн.

Кои се најголемите предизвици со кои во моментот се соочува телекомуникациската индустрија?

Љушев: Телекомуникацискиот сектор е сериозно погоден од енергетската криза, иако не се зборува многу на таа тема. Нашите услуги зависат од електричната енергија, а со ширењето и надградбата на мрежата со најнови технологии потрошувачката уште повеќе се зголемува. Не станува збор само за отстапување во однос на иницијалните проекции од бизнис планот, туку и за сериозни  трошоци коишто негативно ќе влијаат врз целата индустрија. Ќе биде предизвик долгорочно да се издржи овој огромен ценовен притисок, особено поради големите капитални инвестиции. Залудни се инвестициите во новите технологии доколку придобивките од нив не можат да бидат искористени од страна на сите граѓани по прифатливи цени. Телекомуникациите треба да бидат третирани како  витална индустрија којашто го движи општеството напред и овозможува тоа да функционира непречено во секакви услови, особено во време на криза. Доколку продолжи овој негативен тренд, ќе можеме да ги почувствуваме ефектите преку намалување на општествената подготвеност за дигитална трансформација и влошување на DESI (Digital Economy and Society Index).  Дополнително, може уште повеќе да се зголеми дигиталниот јаз, што е најголемиот предизвик на новото дигитално општество.

Дигиталниот јаз е глобален проблем. Дали вие како компанија работите на неговото намалување?

Љушев: Токму така, намалувањето на дигиталниот јаз е еден од најголемите глобални предизвици. Дигиталната трансформација е неизбежна, но не и доволна доколку таа не им е овозможена на сите. Недозволиво е поврзаноста и пристапот до интернет да бидат луксуз за малкумина; тие се основна човечка потреба. Посветени сме да се справиме со овие предизвици и да влијаеме на создавањето на еднакво дигитално општество. Од една страна, со постојаното ширење на 5G мрежата и оптиката, целта ни е сите да ги поврземе со новите технологии, а со тоа и со можностите што ги нуди современото време. Од друга страна, веруваме во дигиталната инклузија и во еднакво дигитално општество и стратешки работиме на проекти од овој тип. Воедно ја користиме технологијата како алатка за да ја постигнеме целта. Годинава, во партнерство со УНИЦЕФ, работевме на ко-креација со млади иноватори за изнаоѓање дигитални решенија за намалување на последиците од глобалното затоплување. Со проектот „Итно копче“ заедно со Црвениот крст им обезбедуваме поддршка на повозрасните лица со уреди коишто тие можат да ги користат за да алармираат доколку им е потребна помош. Ова е само дел од иницијативите и проектите коишто се однесуваат на дигиталната инклузија. Имаме сериозни цели коишто ги поставуваме на оваа тема. Годинава се обврзавме да достигнеме над 14 000 корисници на проекти од дигитална инклузија и ја остваривме оваа цел. Имаме сериозни намери да направиме вистинска разлика.

Сериозноста на глобалното затоплување поттикнува многу „зелени“ практики кај компаниите. Која е вашата улога во оваа заедничка борба?

Љушев: Одржливоста е неизоставен дел од нашата стратегија. Правиме сè за да ги намалиме штетните емисии на CO2, но и да ги обновиме и зачуваме природните ресурси. Ова се реализира преку нашето работење, нашите услуги, но и  преку проектите и акциите коишто ние ги поттикнуваме. На пример, со користење софтвер и ИТ инфраструктура директно во TelekomCloud, нашите многу ефикасни дата центри трошат до 80% помалку енергија во споредба со она што се случува кога корисниците користат нивна сопствена инфраструктура. Со решенијата за паметен град се штеди над 70% електрична енергија и се создава одржлива инфраструктура, се овозможува заштеда на вода, како и намалување на издувните гасови. Први на пазарот воведовме замена на пластичните СИМ картички со електронски, што директно влијае врз намалувањето на пластиката. Работиме на намалување на електронскиот отпад преку собирање стари мобилни уреди. Годинава собравме над 12 000 стари уреди и посадивме 25 000 нови дрвца за обнова на зелениот појас во Кочанскиот регион. Заедно со другите европски подружници на Дојче Телеком, се обврзавме да собереме и рециклираме над милион стари уреди до 2024 година. Ние сме одговорни не само да испорачаме услуги, туку и да направиме вистинска разлика, од една страна, со создавање еднакво дигитално општество, а од друга страна, со намалување на штетните влијанија од глобалното затоплување.

Што нè очекува наредната година?

Љушев: Со развојот на 5G технологијата, ќе се развие и рашири употребата на Интернет на нештата (Internet of Things). Во моментов на светско ниво има 13,1 милијарди уреди поврзани на интернет и оваа бројка се очекува да порасне во 2023 година, особено поради можностите коишто ги носи 5G. Вештачката интелигенција ќе има сè поголема примена. Ќе може да се детектираат мрежни проблеми и тие проактивно да се решаваат, што ќе го подобри корисничкото искуство.  Работењето во облак (Cloud computing), иако не е нов тренд, ќе се засили во 2023 година. Со новите технологии, освен можности, секако ќе се појават и предизвици и опасности. Со развојот на 5G, безбедноста и сигурноста на податоците и мрежите ќе останат како приоритет. Неопходно ќе биде да се осигури одржливост и изнаоѓање нови и алтернативни извори на енергија, коишто ќе носат заштеди и ќе ја штитат животната средина. Останува да продолжиме да се бориме за намалување на дигиталниот јаз и воспоставување етичко дигитално општество. Новите технологии треба да бидат достапни што пошироко, а патентите и истражувањата треба да бидат отворени за јавноста. Треба да развиеме рамки и принципи за сите да имаме придобивка.

Кои се предизвиците со кои локално треба да се справиме?

Љушев: Иако сите алатки се тука, иако велиме дека сме генерација којашто ќе го посведочи сопствениот премин во нова еволутивна фаза, адаптацијата сепак не е толку брза. Треба да почнеме да ги менуваме вкоренетите навики и да се менуваме самите себе за промената да може вистински да се случи. Ние зборуваме многу за важноста и потребата за дигитална трансформација во јавниот и приватниот сектор, но постигнувањата за жал се многу скромни. Недостасува структуриран пристап, визија и посветеност во имплементација. Дигиталните регистри на податоци треба да бидат уточнети и на прецизно дефиниран начин достапни до сите ентитети коишто можат да создаваат дополнителна вредност со нивно користење. Треба интензивно да работиме на полето на стратегија за дигитално образование којашто ќе се надградува со напредокот на технологијата и ќе им биде од корист како на наставниците така и на учениците, потоа на дигитализација на услугите во здравството со дијагностика на далечина итн. Клучниот фактор за целосна дигитална трансформација е човекот, неговата желба да се менува и напредува и, најважно, да соработува за таа промена да биде целосна. Токму таа способност за соработка за оваа заедничка цел ќе биде клучна за да се справиме со глобалните предизвици и да ги искористиме технолошките достигнувања како алатки за подобар и похуман живот.

Предходно објавено во Economist World In

ФОТО 

Маја Аргакиева

Можеби ќе ве интересира

Скандалозно! Заради провизијата на ЕСМ Продажба сите девет школи во Општина Центар ќе плаќаат поскапа струја од касарните на АРМ

Скандалозно! Заради провизијата на ЕСМ Продажба сите девет школи во Општина Центар ќе плаќаат поскапа струја од касарните на АРМ

Во македонската Развојна банка се добива по 1.000 евра плата и никој не сака да си оди

Во македонската Развојна банка се добива по 1.000 евра плата и никој не сака да си оди

КОЈ Е РИЗИКОТ ОД ТРГОВСКА ВОЈНА МЕЃУ КИНА И ЕУ?: Дали таа е возможна и што би се случило доколку ја има?

КОЈ Е РИЗИКОТ ОД ТРГОВСКА ВОЈНА МЕЃУ КИНА И ЕУ?: Дали таа е возможна и што би се случило доколку ја има?

Квадрат на хрватското приморје чини 4.000 евра, во Албанија под 1.000: Ова се цените на недвижностите покрај море на местата каде Србите најмногу купуваат

Квадрат на хрватското приморје чини 4.000 евра, во Албанија под 1.000: Ова се цените на недвижностите покрај море на местата каде Србите најмногу купуваат

Измама од две евра завладеа со социјалните мрежи: Еве како да ја препознаете

Измама од две евра завладеа со социјалните мрежи: Еве како да ја препознаете

ЌЕ ИМ СЕ СЛУЧИ БУМ ИЛИ РАЗОЧАРУВАЊЕ: Еве како фудбалското првенство во Германија ќе влијае на економскиот раст

ЌЕ ИМ СЕ СЛУЧИ БУМ ИЛИ РАЗОЧАРУВАЊЕ: Еве како фудбалското првенство во Германија ќе влијае на економскиот раст

Европа ја губи битката, ѝ требаат радикални промени: Зошто е исплашена шефицата на Европската централна банка?

Европа ја губи битката, ѝ требаат радикални промени: Зошто е исплашена шефицата на Европската централна банка?

БАНКА ОТПУШТИ ВРАБОТЕНИ БИДЕЈЌИ ЛАЖИРАЛЕ ДЕКА РАБОТАТ ОД ДОМА - работниците вложиле само по 10 долари за измамата, а еве како ги откриле

БАНКА ОТПУШТИ ВРАБОТЕНИ БИДЕЈЌИ ЛАЖИРАЛЕ ДЕКА РАБОТАТ ОД ДОМА - работниците вложиле само по 10 долари за измамата, а еве како ги откриле

ВЕСТ КОЈА ПРЕДИЗВИКА ШОК ВО ЦЕЛА ЕВРОПА - германскиот туристички џин ги откажа сите патувања од јули, повеќе од 175 илјади луѓе останаа без аранжман

ВЕСТ КОЈА ПРЕДИЗВИКА ШОК ВО ЦЕЛА ЕВРОПА - германскиот туристички џин ги откажа сите патувања од јули, повеќе од 175 илјади луѓе останаа без аранжман