11 Јули, 2020
0.0328

Интервју со Сашо Наумоски, Генерален извршен директор на Витаминка

ИНТЕРВЈУ Наумоски: Витаминка е во постојан раст, цврста во политичките предизвици

Објавено во: Економија, Интервјуа 27 Декември, 2019

Самиот е еден од најпознатите македонски бизнисмени, уште попозната е фирмата со која раководи. Витаминка и во 2019 година го зголеми пазарното учество и ја зголеми продажбата. Компанијата има 60 години традиција, а генералниот извршен директор Сашо Наумоски во интервју за Фактор вели дека компанијата не отстапува од агресивниот план за раст и во следниот период. Витаминка извезува на трисетина странски пазари, а на фирмите извозници, вели Наумоски секако им е потребна поддршка и од државата, затоа што тие се своевидни херои на домашната економија. Во компанијата со која раководи годинава воведе за три месеци подлго породилно отстуство, можност да го користи и таткото, но и за пет отсто повисока плата за родители со трето дете. Наумоски е бизнисмен кој стои цврсто на земја и во предизвици кои секако ја следат македонската економија.

„Честите избори, менувањето стратегии, воведување па повлекување закони, неконзистентноста по многу прашања и политики, нерасчистувањето на аферите, нивното проширување и поврзаноста со правниот систем, прави домашните компании да егзистираат во несигурност и со краткорочни планови. Неопходно е да се направи попис, да се видиме колку сме и кои сме, вели Наумоски.

Го прашав прво со какви показатели ја завршува Витаминка годината и дали ги исполнија очекувањата за 2019 година.

„Плановите се остварливи со добра реализација. Нашите планови за 2019 година ги надминаа нашите проценки и очекувања. Успеавме со постојани вложувања во иновативни производи зад себе да оставиме успешна година. Стратешките цели ни беа насочени и кон брендовите, посебно успешно позиционирање на Брилијантот но и на новите производи што ги пласиравме. Посебен фокус на нашите активности беа вработените и промените што ги воведовме како зголемување на породилното отсуство за три месеци и можноста таткото да го користи, 5 отсто повисока плата за родители со трето дете и на двата родители ако работат кај нас, како и бесплатни медицински превентивни прегледи, тенденција што ќе продолжи и понатаму и ќе се развива. Добрите оперативни резултати, што се одраз и од одлична работна атмосфера се потврдуваат и со бројките. Витаминка во 2019 година го зголеми пазарното учество и ја зголеми продажбата, а паралелно со тоа се зголемува и извозот. Вкупно, со сите резултати и достигнувања, ги надминавме очекувања за 2019 година.

Оваа требаше да биде економска година, каков е вашиот впечаток, какви се перформансите на домашната економија?

Наумоски: Многу беше ветувано, но само мал дел од тоа се реализира. Беа најавувани проекти коишто директно ќе се одразеа врз нашите перформанси. Дел од ветените работи е подобрување на патната инфраструктура, од што во голема мера зависи нашата работа. Ова е започнато но не е довршено и не секаде. Вистина е дека се дадени можности за компаниите да инвестираат во својот развој, но тоа се стимулативни мерки и главно се насочени кон оперативноста на компаниите, додека нас ни се потребни и системски промени во административното работење како и унапредување на работата на институциите со кои работиме. Македонските компании не работат само во земјава, туку и надвор, на регионалните пазари и на тоа треба да се гледа како на дел од македонската економија. А тука сме најслаби и најранливи, тука е потребно државата да застане зад нас. Сепак, и покрај сето тоа, перформансите на домашната економија во изминатава година покажуваа позитивни трендови, но уште долг пат ни престои пред да каже дека имаме стабилна и одржлива економија.

Следната е изборна година, а земјата и официјално ќе стане членка на НАТО. Иако датумот за ЕУ е неизвесен како гледате на поширокиот контекст во кој егзистира домашниот бизнис?

Наумоски: Членството во НАТО несомнено ја става државата во зоната на безбедни и правно регулирани држави каде што и социолошко-економски и правно е препорачливо за инвестирање. Но тоа повеќе се однесува на странските инвестиции, кои во извесна смисла би работеле со домашните компании, но не ја опфаќа домашната индустрија во целост. Исто така, тоа што воопшто и генерално се најавува започнување преговори за пристап во ЕУ, најавува и носи позитивни промени во административното работење, во процедурите и регулативите. Овие два моменти, односно состојби претставуваат „ветер во грб” за домашните компании. Но неизвесноста и нестабилноста доаѓа од домашната политичка ситуација. Така, честите избори, менувањето стратегии, воведување па повлекување закони, неконзистентноста по многу прашања и политики, нерасчистувањето на аферите, нивното проширување и поврзаноста со правниот систем, прави домашните компании да егзистираат во несигурност и со краткорочни планови. Неопходно е да се направи попис, да се видиме колку сме и кои сме.  Сето тоа го стеснува контекстот на домашните бизниси и го сведува на состојба на одржување добар оптимум, умерени инвестиции и вложувања во планови коишто даваат инстант резултат.


Вие сте една од извозните компании, со какви предизвици се соочувате?

Наумоски: Вистинската борба за пласман се одвива надвор од границите на земјата. Ние години наназад сме една од компаниите коишто голем дел од своето производство го пласираме на триесеттина странски пазари и тоа прави точно да знаеме со колкави и со какви предизвици се соочуваме. Иако секој пазар е различен и со тоа носи за нас различни и специфични барања, едно е заедничко а тоа е дека секаде домашните компании се заштитени од државните институции и со институционалната регулатива. Кога се пласирате на странски пазар треба да се натпреварувате со квалитет, со цена, со имплементирани стандарди, со изглед, комуникација, потекло, технологија, сето тоа се атрибути за еден производ, а наспроти себе имате домашни компании кои ги поседуваат сите овие карактеристики и уште се веќе добро позиционирани, познати за купувачите, докажани и плус во далеку поповолна и преферирана положба од вашиот странски бренд.

Дали добивате поддршка од институциите за пласман на соседните пазари и воопшто за извозот?

Наумоски: Поддршката од државните институции за пласманот на соседните пазари треба да биде постојана и растечка, затоа што, сите ние како компании, брендови и произведувачи сме амбасадори на Македонија и од повеќе аспекти е важно нашето присуство на странските пазари и како сме присутни. Така што, поддршката што ја добиваме е недоволна и нецелосна. Некогаш пречките со кои се соочуваме се сведуваат на бирократски процеси за нешто толку елементарно како добивање виза, коишто се комплицирани, долги и нејасни а тоа е само почеток на една деловна соработка. По тоа следат низа препреки додека да се стигне до извозот а кога веќе сте таму – вашата умешност и искуство се вашите главни средства за пласман и позиционирање.

Има ли нелојална конкуренција на македонскиот пазар и како се справувате со тоа?

Наумоски: Витаминка зад себе има квалитет којшто е потврден низ годините и тоа е нашиот најсилен атрибут наспроти нелојалната конкуренција и воопшто на пазарот. Покрај нелојалната конкуренција, исто така секојдневно се натпреваруваме со бројни производители од соседството што добиваат подеднаков ист третман, а дури во некоја смисла и повластен за разлика од нас домашните производители.  Што не е во ред, затоа што ние, домашните производители сме столбот на македонската економија и тоа треба да се стимулира, да се поттикне, да се помогне.

Она што ние го имаме како вредност со тоа настапуваме и се бориме, со квалитет, со високи производни стандарди, со иновативност, современи трендови во исхраната и одговорен однос кон заедницата. Тоа е нашата стратегија за денес и за во иднина. Потрошувачите може да бидат сигурни дека од Витаминка ќе го добиваат најдоброто и најквалитетното.

Што е најважно за да се менаџира голема производна компанија во Македонија земајќи ја во предвид спецификата на нашиот менталитет?

Наумоски: Не би се рекол дека менталитетот има каква било улога. Секој пазар има потрошувачки одлики, профил на потрошувач. Спецификата во овој однос е тоа што Витаминка е домашна, наша компанија и што постои толку долго време. Сме биле сведоци на нејзиниот раст и развој, сме растеле со неа и нејзините производи. Верувам дека нема ни еден дом во Македонија каде што нема барем еден од производите на Витаминка. И тоа е најцврстата врска што домашниот потрошувач ја има со Витаминка. Затоа, за да се одржи и да се зацврсти таа врска потребно е да се поседува знаење, за пазарот, за потрошувачите, за она што го сакаат и она што ги поврзува. Ние сме дел од FMCG индустријата и тоа нè прави и силни и ранливи. Силни затоа што влегуваме во секојдневните потреби, а ранливи затоа што овој сектор најбрзо се развива и конкуренцијата доаѓа од секаде, лојална и нелојална. Но, токму знаење за нашите потрошувачи, за тоа што им е потребно, вложувањето во нови, иновативни производи ни ја зацврстува позицијата. Исто така, треба да се знае дека денешниот потрошувач е образуван, едуциран и знае да препознае вистински од лажен квалитет, искрена од декларативна заложба, грижа и посветеност.


Витаминка е ценета компанија кај инвеститорите на берза затоа што бележи континуиран раст, а дели и дивиденда. Имате ли порака како успешен менаџер за акционерите и воопшто на инвеститорите потенцијални акционери?

Наумоски: Би им порачал да ги гледаат и вредностите што една компанија ги има и ги застапува. Всушност тоа не е тоа моја порака, тоа е порака од Витаминка, а таа порака говори за повеќе од 60годишно искуство, за раст од еден производ во компанија со повеќе од 350 типови пакувања, пласман на производите на повеќе од 30 пазари низ целиот свет, имплементирани најнови производни и стандарди за квалитет, современа производна технологија, следење трендови во кондиторската индустрија, компанија со производи што се толку долго присутни и константни што спојуваат барем три генерации потрошувачи. Говори за свесен и ангажиран однос кој заедницата и околината, општествено одговорна и семејно одговорна компанијата што се грижи за вработените, нивните семејства, за потрошувачите, за граѓаните и животната околина за сите нас. Витаминка не може да се опфати само со неколку аспекти, но тоа што сме лидери во една од најкомпетитивните индустрии на пазарот воопшто доволно говори за нас.

Витаминка е најголемата фирма во кондиторската индустрија. Како го организирате вашето работно време  и колку трае работниот дел од вашиот ден?

Наумоски: Денот е подреден на работните обврски и тоа е целата филозофија. Јас лично, кога пред мене стои обврска не можам да ја турнам на страна, затоа што мојата обврска најчесто е поврзана со нечија друга обврска, барање, прашање. Тоа е мојата работна етика и веројатно тоа ме довело тука кај што сум денес. Кога сте во центарот на компанијата не може процесите да чекаат на вашето внимание или одлука, менаџерска обврска е да реагирате веднаш, кога е потребно. Затоа, работниот ден односно обврските некогаш завршуваат порано, а некогаш го исполнуваат целиот ден. Сепак, не станува збор за жртви и успевам да одвојам време за семејството, за пријателите, за себе.

Како го менаџирате работниот стрес?

Наумоски: Кога станува збор за управување со компанија од обем и големина како Витаминка, илузорни би било да кажам дека нема стрес. Има многу стресни ситуации, но точно искуството ме научи дека стресот не може да биде продуктивен и затоа се обидувам да го трансформирам во нешто конструктивно. По природа сум човек кој не застанува и не се предава пред пречките. Упорен сум и не застанувам се додека не го најдам најсоодветното решение. Така што, за мене секоја стресна ситуација е само уште една препрека и барање нов пат и решение.

Како одлучувате кому ќе доверите задача и како го контролирате процесот на управување?

Наумоски: Витаминка е компанија со повеќе од 60 години искуство и успешна работа зад себе. Во текот на сите овие години резултатите и успехот доаѓал како резултат на нашата работа, односно добра организациска структура, хиерархиска поставеност на одговорности, обврски и задолженија и така натаму. Сакам да кажам дека успехот на една компанија не доаѓа само од една страна, не се гради само врз еден столб, производ, квалитет, менаџмент... Доколку немате добар тим позади себе, колку и да е добар производот не се произведува сам, не се продава самиот. Тоа мора некој да го сработи. Така, добрата структурна поставеност, квалитетниот, образован и пожртвуван тим, вработените од еден до последен придонеле за Витаминка да биде таму каде што е – на врвот. И токму врз основа на овие карактеристики низ годините и денес го градиме и надградуваме тимот на кој му верувам, тимот кој го контролира процесот и кој ги исполнува сите обврски и задачи. Покрај стартните преференции врз кои го создаваме тимот, во Витаминка имаме и политика на константна надградба на знаењата и едукација, што исто така, ми влева доверба во беспрекорниот квалитет, професионалност и компетенции на тимот што работи во Витаминка.

Александра Томиќ


Можеби ќе ве интересира

НАВАЛЕТЕ НА ЗЕЛЕНА НАФТА - тие што имаат картички од лани ќе точат веќе од понеделник

НАВАЛЕТЕ НА ЗЕЛЕНА НАФТА - тие што имаат картички од лани ќе точат веќе од понеделник

Даноците нема да се менуваат, правичен данок е можен само по долга дискусија

Даноците нема да се менуваат, правичен данок е можен само по долга дискусија

Безмалку 4 милиони евра дале Скопјани за „вечен живот“ минатата година

Безмалку 4 милиони евра дале Скопјани за „вечен живот“ минатата година

МАЛА ПОНУДА НА НАФТА: Во светот вакво нешто немало една деценија

МАЛА ПОНУДА НА НАФТА: Во светот вакво нешто немало една деценија

Ангеловска: Над 187.000 граѓани со домашните платежни картички потрошиле 10.7 милиони евра

Ангеловска: Над 187.000 граѓани со домашните платежни картички потрошиле 10.7 милиони евра

Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија повикува компаниите да не бидат вклучени во предизборната реторика

Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија повикува компаниите да не бидат вклучени во предизборната реторика

Кои се најуспешните компании во Кавадарци?

Кои се најуспешните компании во Кавадарци?

МАСОВНО КУПУВААТ ИМОТИ: Словенците го „окупираа“ хрватското крајбрежје

МАСОВНО КУПУВААТ ИМОТИ: Словенците го „окупираа“ хрватското крајбрежје

Еве каде можете да ги искористите ваучерите за туризам

Еве каде можете да ги искористите ваучерите за туризам