Добивај вести на Viber
Хрватската влада одлучи да ја спаси и зачува националната авиокомпанија „Croatia Airlines“ со докапитализација тешка вкупно 800 милиони куни (106 милиони евра), објави денеска во Загреб Синиша Хајдаш Дончиќ, министерот за транспорт и инфраструктура.
Докапитализацијата ќе се спроведе технички во две фази. Во првата фаза, Владата долгот од 652 милиони куни, кој главно се должи на набавката на новите Ербас авиони, ќе го претвори во свој сопственички удел. Во следните две години од државниот буџет во оваа компанија ќе се слеат уште 150 милиони куни.
Од „Croatia Airlines“ се очекува во следниот период да ги зголеми приходите и да го рационализира своето работење. Според плановите дека од 1130 вработени, 10% може да бидат прогласени како технолошки вишок. Планот за докапитализација мора прво да го одобрат акционерите на „Croatia Airlines“ и синдикатите, што според Министерот е услов Владата да влезе во овој проект. Ако овој план се одбие, Министерството не ја отфрла можноста хрватскиот авиопревозник да банкротира.