Ѓоко Котевски ќе поднесе оставка како што побара Заев
Објавено во: Македонија 22 Февруари, 2019
Првиот човек на затворот Шутка, Ѓоко Котевски денеска изјави дека го прифаќа барањето на премиерот Зоран Заев за оставка. Тој кажа дека извештајот за физичкиот напад врз екс министрите, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски ќе биде готов в понеделник.
„Јас сум одговорен човек, професионалец, посветен на службата и кога службата ќе потфрли, логично е од професионални и морални причини, да се поднесе оставка. Од досегашната истрага за случувањата утврдени се пропусти во постапувањата и непочитувања на стандардните безбедносни протоколи од службата за обезбедување на затворот „Скопје“ и затоа преземам одговорност“, вели Котевски.
Премиерот Зоран Заев претходно побара оставка од Котевски. Тој изрази жалење и го осуди инцидентот кој се случи во затворот.
Министерката за правда, Рената Тренеска Дескоска најави дека за случајот ќе има и истрага.
Се огласија и од делегацијата на Европската Унија во земјава. Велат дека најостро осудуваат било каква форма на насилство и нагласија дека очекуваат истрага и одговорност за инцидентот.