(ФОТО+ВИДЕО) КАМПАЊА: Политичар за седум дена пеш ќе ја помине својата земја
Објавено во: Балкан 09 Август, 2017
Претседателот на Словенија, Борут Пахор за време на претседателската кампања тргна на пат низ Словенија и за седум дена планира да ја обиколи државата.
Негова крајна дестинација е Пиран, јавуваат тамошните медиуми.
Пахор и неговиот мал тим, во кој е и неговиот син Лука и две претставнички за односи со јавноста, тргнаа вчера попладне добро расположени со ранци од Ходоша во близина на границата со Унгарија, а секој ден планираат да поминат по 40 километри сѐ додека не стигнат до море.
Во Пиран, според планот, ќе стигнат в понеделник, а веќе во вторник претседателот има обврски. За разгледување на словенечката природа, Пахор го користи својот одмор и поставува фотографии од патувањето.
Едни го фалат заради неговиот младешки изглед и добрата физичка кондиција, а политичките опоненти го критикуваат за популизмот и велат дека Пахор е заведен од социјалните мрежи повеќе од американскиот претседател, Доналд Трамп. Пахор и претходно го нарекуваа крал на „Инстаграм“.
На Пахор мандатот му истекнува оваа година, а точниот датум на новите избори ќе се знае в петок.
Според медиумите, Пахор засега е фаворит.