26 Април, 2024
0.0304

Европската унија конечно се обидува да ѝ зададе навистина болен удар на Русија

Објавено во: Економија 05 Декември, 2022

Добивај вести на Viber

Европската унија конечно се обидува да и зададе навистина болен удар на Русија - целта се резервите на нафта. Но, ЕУ мора да внимава да не си наштети на себе, како и на кревката глобална економија.

Од понеделник стапува на сила и ембаргото за увоз на руска сурова нафта. Тоа е една од најсилните санкции што Европската унија ги воведе од почетокот на војната, а нејзината цел е да ги намали приходите од фосилните горива со кои Владимир Путин ја финансира неговата инвазија на Украина.

Извозот на руската нафта е неверојатно важен за целиот свет. Русија е трет најголем производител на нафта во светот, по САД и Саудиска Арабија, и втор најголем извозник на суровини, по Саудиска Арабија. Минатата година дури половина од извозот отишол во Европа, пишува Politico.

Војната не промени многу во однос на жнеењето на рускиот профит од нафтата. Вкупниот извоз на нафта од Русија не е значително намален од февруари годинава. Во октомври Русија извезуваше 7,7 милиони барели нафта дневно, според информациите на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), што е само за 400.000 барели дневно помалку во споредба со нивото на извоз пред војната. Од почетокот на инвазијата, Москва заработила десетици милијарди долари од извозот на фосилни горива.

САД и нивните европски сојузници сакаат да го променат тоа.

Каков е планот?

Претходно оваа година, земјите-членки на ЕУ се согласија да забранат увоз на нафта на Путин по морски пат. Земјите од Г7, како и Австралија, исто така го забранија увозот на сурова нафта. Забраната доаѓа истовремено со воведувањето на ограничување на цената на руската нафта што се извезува во остатокот од светот од 60 долари, што теоретски треба да го спроведат земјите-членки на Г7 и ЕУ. Во февруари 2023 година ќе стапи на сила новото ембарго на Европската унија – забрана за увоз на нафтени деривати како бензин, дизел и авионско гориво.

Тие три мерки имаат различни потенцијални последици за Европа, Русија и глобалната цена на нафтата и сите со себе носат значителни ризици за и онака нестабилната економска и геополитичка ситуација.

Што значи ова ембарго?

Од понеделник земјите-членки на ЕУ нема да можат да увезуваат руска сурова нафта по морски пат. Исклучок е Бугарија, на која и е даден малку подолг рок за усогласување.

Од Брисел беше кажано дека околу 90 отсто од увозот во ЕУ ќе биде покриен со ова ембарго до крајот на годинава. Суровата нафта е нафта во својата оригинална форма, пред да се рафинира во производите што ги користиме во секојдневниот живот.

Во текот на годината рускиот извоз во ЕУ драстично се намали, за дури 1,5 милиони барели дневно, а до октомври падот се искачи на 3,95 барели дневно, според ИЕА. Најголем дел од извозот се префрли во Индија и Кина.

Последиците од ембаргото се завршување на ова „преобликување“ на глобалниот проток на нафта, вели Клаудио Галимберти, виш потпретседател за анализа во енергетската истражувачка компанија Ристад. „Постои капацитет да се пренасочи речиси целата сурова нафта што сега оди во Европа.

Доколку тоа се случи, последиците од забраната за глобалната цена на нафтата ќе бидат скромни, што значи дека цените на горивата за европските потрошувачи нема веднаш да пораснат. Но, владата сепак ќе внимава на цената на нафтата во наредниот период.

Во петокот референтната цена на суровата нафта беше 87 долари за барел - нешто пониска од неодамнешниот рекорд од јуни, кога беше 110 долари. Побарувачката во Кина е помала отколку што би можела да биде, поради заклучувањата предизвикани од пандемијата, што ја намалува глобалната цена на нафтата.

Каде ќе оди нафтата?

„ЕУ ќе увезува сурова нафта од други извори“, рече Симоне Таљапитра, виш соработник во тинк-тенкот „Бројгел“. „Русија веројатно ќе го зголеми извозот во Кина и Индија, што ќе ја намали побарувачката на нафта од Блискиот Исток, поради што Европа ќе добие повеќе нафта од тој регион и од другите земји. Условите на пазарот треба да останат слични. Не треба да забележуваме ништо“.

Забраната за увоз на сурова нафта по морски пат во ЕУ не се однесува на нафтата што доаѓа во Европа од Русија преку цевководи. Тоа значи дека Унгарија, Чешка и Словачка ќе продолжат да добиваат руска нафта преку оваа рута.

Германија и Полска добиваат нафта и преку цевководи, но тие еднострано се обврзаа да прекинат со увоз до крајот на годината. Поради нејзината зависност од токму таков увоз, Бугарија доби исклучок од забраната до крајот на 2024 година.

Како функционира ограничувањето на цената?

Земјите членки на Г7 и ЕУ најавија планови за ограничување на цената по која руската нафта може да се продава на глобалниот пазар. Тој план стапува на сила и во понеделник, а ќе го спроведат земјите од Г7.

Тоа ќе го направи така што ќе им забрани на своите осигурителни и транспортни компании да ракуваат со руски пратки кои се продадени по цена повисока од лимитот. Многу се расправаше за конкретната сума, особено во ЕУ, а во петокот пропадна договорот за нејзино ограничување на 60 долари за барел. Таа сума ќе биде предмет на промена во зависност од промените на пазарот на нафта.

Сепак, ограничувањето од 60 долари за барел можеби всушност нема да влијае на приходите на Москва, барем засега. Руската нафта моментално поевтинува на светскиот пазар - минатата недела цената беше околу 52 долари за барел. Токму затоа украинскиот претседател Володимир Зеленски ја нарече мерката „слаба“.

„Ограничувањето на цената на 60 долари за барел нема да и наштети на Русија“, вели Таљапитра. „Тоа не е оптимално од геополитичка перспектива, но би можело да има смисла ако прво го воведеме, а со тек на време го зголемуваме притисокот со намалување на дозволената цена.

Бродовите кои не се во сопственост на земјите од ЕУ, кои го прекршуваат ова ограничување, ќе платат прилично лесна казна: на операторите на ЕУ нема да им биде дозволено да ги осигуруваат, финансираат или сервисираат за транспорт на руска нафта 90 дена. Казните за европските превозници ќе бидат одлучени според националните закони на секоја поединечна земја.

Што е поентата?

Вистина е дека целта на ограничувањата беше да се намали профитот на руската нафта без да се предизвикаат големи потреси на глобалниот пазар.

Без ограничувања, санкциите на ЕУ ќе ја ограничат способноста на Русија да го пренасочи извозот кон Индија и Кина, кои се потпираат на услугите на танкери обезбедени од осигурителни компании од ЕУ и од Британија.

Ова би ризикувало исчезнување на милиони барели руска нафта дневно од глобалниот пазар, што би било „екстремна работа“ за цената на нафтата, вели Галимберти.

Ограничувањето на цените до одреден степен стана мерка за контрола на инфлацијата, која има за цел да ги неутрализира последиците од европските санкции, како и да го намали рускиот профит од продажбата на нафта.

Како ќе реагира Русија?

Само еден маж може да одговори на тоа прашање, а тој не е познат по претпазливост.

И додека Русија најверојатно ќе најде нови купувачи за својата сурова нафта, никој не го потценува ризикот Путин да реагира насилно.

Во последните неколку недели, руските министри постојано се закануваа дека ќе престанат да продаваат нафта на земјите што го прифаќаат ограничувањето. Како ограничувањето повисоко од сегашната пазарна цена ќе влијае на одговорот на Москва, останува да се види. Но, Русија веќе има собрано таканаречена флота во сенка на стари танкери - и ги постави темелите за сопствените даватели на поморско осигурување - да ја заобиколат границата, вели Татјана Митрова од Центарот за глобална енергетска политика на Универзитетот Колумбија.

Митрова додава дека Русија би можела да го „намали извозот и производството“ што би ги зголемило светските цени на нафтата и ќе предизвика штета на економиите на нејзините непријатели.

„Некои претпоставуваат дека Русија треба да носи рационални економски одлуки...но, искрено, кога ќе погледнете сè што се случува во Русија, не можам да го наречам рационално однесување. Економските интереси може да се жртвуваат во име на политички и воени цели“, вели Митрова.

Ќе се набљудува и реакцијата на другите земји производители на нафта.

„ОПЕК разбира дека овој механизам може да се примени и во други земји, доколку се покаже како успешен. Земјите членки на ОПЕК би можеле самите да станат цел“, вели Митрова. „Тие не се задоволни од овој механизам. Тие сакаат да пропадне“.

Групата ОПЕК +, во која се Саудиска Арабија, други големи производители од Блискиот Исток, Африка, Латинска Америка и Централна Азија, како и Русија, се состана буквално во неделата, каде беше заклучено дека засега нема да ја менуваат својата политика, пишува Ројтерс.

Галимберти вели дека очекува клучната група во ОПЕК, која е предводена од Саудиска Арабија, засега да ја следи ситуацијата.

„Има преголема неизвесност. Не знаеме точно што се случува во Кина во однос на присилното затворање. Не знаеме колку барели Русија ќе загуби“, предупредува тој.

Што е со ембаргото за дизел?

Дури и ако светот не биде погоден од голема нестабилност на пазарот на нафта во следните неколку недели, следните санкции на ЕУ би можеле да донесат значителен шок, како за понудата на Европа, така и за глобалните цени.

Ембаргото на ЕУ за „рафинирани нафтени деривати“ од Русија, кое ќе стапи на сила на 5 февруари следната година, е најважно“, вели Галимберти, особено што се однесува на еден производ - дизелот.

„Европа е зависна од Русија за увоз на дизел: 60 проценти доаѓаат од Русија. Нема едноставни алтернативи“, вели тој. „Во средината на зимата може да има недостиг на дизел, кој се користи насекаде во Европа, од автомобили до индустрија и греење.

За разлика од суровата нафта, Кина и Индија нема да го „јадат“ рускиот извоз кој досега одеше во Европа, додава Галимберти, бидејќи тие имаат свои сектори за рафинирање.

„Тие секогаш претпочитаат да увезуваат сурова нафта што самите ја преработуваат. Ова отсекогаш била стратегијата на Кина и Индија. Која и да е цената, тие сами ја обработуваат.

Што ќе се случи со рускиот дизел?

Русија би можела да продаде дел од рафинираните производи наменети за Европа на Северна Африка или Турција, но во многу помали количини.

„Ова значи дека тие ќе го намалат сопственото производство на сурова нафта“, вели Галимберти. „Суровата нафта мора да се преработува во нафтени продукти. Ако не можете да најдете пазар за производите, или самите ги консумирате или ги складирате“.

Но, Русија нема доволно капацитет за големи магацини“, додава Галимберти.

„Ако од пазарот отстраните околу 1 милион барели дневно, колку мислиме дека Русија ќе загуби поради забраната за извоз на производи, тоа ќе биде драматично. Тоа е околу 1 процент од целиот пазар. Не звучи многу, но нафтениот бизнис се заснова на маргинална економија. Потребно е многу малку за да се промени рамнотежата и да се предизвика големо поскапување, што очекуваме да се случи во февруари“, вели тој.

Во својот месечен извештај од ноември, ИЕА, исто така, предвиде дека руското производство на нафта следната година би можело да падне за 1,4 милиони барели дневно, што потенцијално може да доведе до пораст на глобалните цени. „Спектарот на несигурност никогаш не бил толку голем“, се вели во извештајот на агенцијата.


ФОТО: Freepik

Можеби ќе ве интересира

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти