ЕУ повика на итен прекин на борбите во Алепо
Објавено во: Свет 18 Август, 2016
Европската унија повика денеска на итен прекин на борбите во Алепо, за да може да биде укажана медицинска и хуманитарна помош на луѓето во сирискиот град, пренесоа светските агенции.
„ЕУ и земјите членки повикуваат на итно запирање на воените дејствија во Алепо, за да може од градот да бидат евакуирани луѓето кои имаат потреба од медицинска помош, да се достави хуманитарна помош и да бидат поправени витални инфраструктурни објекти, вклучувајќи такви за вода и електрична енергија„, вели во коминикето Федерика Могерини.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност додаде дека ЕУ ја осудува остро ескалацијата на насилството и незапирливите бомбардирања кои го изложуваат на уште поголема опасност животот на стотици илјади Сиријци.
Таа го обвини режимот на претседателот Башар Асад за извршување на прекумерни и непропорционални напади и додаде дека Дамаск има одговорноста да го заштити цивилното население.