До крајот на март АВМУ ги откажува сите настани
Објавено во: Македонија 10 Март, 2020
Согласно Препораката на Владата за неодржување јавни масовни собири со цел превенција од појава и ширење на Ковид-19 (корона вирус), Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги откажува сите јавни настани предвидени за месец март.
Имено, се откажува конференцијата за Медиумите и изборите: регулатива и пракса, влијание на дезинформациите врз резулатите од избори, којашто требаше да се одржи на 23 март. Воедно, се откажуваат и планираните работилници со радиодифузерите, вклучувајќи ја и онаа за медиумското известување за време на изборната кампања, но, Агенцијата, како и досега, ќе биде континуирано достапна за сите прашања, телефонски или преку електронска адреса (списокот на вработени заедно со нивните контакт податоци е објавен на веб страницата на Агенцијата https://avmu.mk/contakti/). Во различни фази од изборниот процес, ќе се објавуваат соопштенија со потсетувања за обврските на радиодифузерите. Сите материјали поврзани со Предвремените парламентарни избори 2020 ќе се објавуваат на веб страницата www.avmu.mk во банерот Избори 2020.
Првиот јавен состанок за 2020 година, предвиден за крајот на месецов, исто така, се одложува. За датумот на неговото одржување, Агенцијата навремено ќе ја информира јавноста и засегнатите страни.
Седниците на Советот на Агенцијата, како и досега, ќе можат да се следат во живо преку YouTube-каналот на Агенцијата, информираат од АВМУ.