ДИК НА ПОТЕГ: Ќе го послуша ли Чулев за новиот шеф на СВР – Скопје
Објавено во: Македонија 13 Јануари, 2020
Државната изборна комисија денеска треба да се произнесе по барањето за мислење Ристо Ставревски да биде поставен за шеф на СВР Скопје.
Став за ова прашање побара новиот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев откако дополнителната заменик министерка во МВР Славјанка Петровска изрази несогласување со Чулев.
Петровска го проблематизира назначувањето на новиот шеф од причини, како што наведе дека за Ставревски имало аудио снимки од кои можело да се чуе дека тој врши притисоци врз гласачи.
За техничкиот министер пак нема ништо спорно во тоа Ставревски да ја извршува таа функција бидејќи не бил осудувано лице и против него не се водела никаква постапка или истрага.
Според Чулев, проблематизирањето на изборот на Ставревски за началник на СВР-Скопје е од политички причини и го изразува стравот на критичарите од професионално вршење на активностите.
Кадровските промени во МВР почнаа по доаѓањето на Чулев на чело на МВР. Една недела како траат несогласувањата по низа прашања меѓу министерот и дополнителната заменик министерка и по прашањето со телеграмата во која Чулев бараше да се вратат околу 35 возила во МВР а кои според него биле злоупотребувани и користени за приватни цели.
За Петровска, оваа наредба пак значеше загрозување на безбедноста на граѓаните.