Богоевски тврди дека Груевски само за роаминг потрошил 184.000 денари кои ќе ги плати државата
Објавено во: Македонија 04 Април, 2017
Пратеникот од СДСМ, Павле Богоевски обвини дека поранешниот премиер и актуелен пратеник и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, од службениот телефон направил сметка од 184.000 денари за роаминг и неа ја плаќа државата.
„Вчера до мене стигна една фотографија од увид на сметката на службениот телефон на Груевски. Груевски не е премиер веќе колку што знам година дена. Овдека пишува дека од службениот премиерски телефон кој што го плаќа Владата на Република Македонија, во перидоот од 1 март до 1 април 2017 година, значи сега откако почнавме, е направена сметка од над 184.000 денари за роаминг. Не е фер колеги, многу пари ја чиниме оваа држава. Ќе ве замолам да продолжиме со работа“ - изјави Богоевски денеска во Собранието.
Тој ги повика службите да го проверат овој податок.
Богоевски праша дали оваа сметка е направена за, како што рече, координацијата на партијата која ја водел Груевски додека бил надвор од државата.
Тој рече дека со реплики е блокирано Собранието и се прикрива криминал.