16 Јули, 2020
0.0247

БАНКАРСКИТЕ КАМАТИ НЕ СМЕАТ ДА БИДАТ ПОВИСОКИ ОД 5,75 ОТСТО - Уредбата објавена, банкарите на потег

Објавено во: Финансии 06 Април, 2020

Каматните стапки на банките нема да смеат да бидат повисоки од 5,75 отсто.

Ова произлегува од Уредбата со законска сила што Владата ја усвоила во четвртокот минатата недела, и која веднаш потоа е објавена во Службен весник.

Станува збор за Уредбата со законска сила за примена на Законот за облигационите односи за време на вонредна состојба

„Стапката на казнената камата се определува на месечно ниво и тоа во висина на каматната стапка од основниот инструмент од операциите на отворен пазар на Народната банка на Република Северна Македонија (референтна стапка), што важела на последниот ден од претходниот месец, зголемена за пет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за четири процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата). Кога паричната обврска е изразена или определена во странска валута, стапката на казнената камата се определува за секој месец, и тоа во висина на едномесечна стапка на Еурибор за евра што важела на последниот ден од претходниот месец, зголемена за пет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за четири процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата)“, се наведува во Уредбата.

Во неа се додава и дека при пресметката на казнената камата се користи последната референтна стапка утврдена и објавена на веб страницата од Народната банка.

„Определената висина на стапката на казнената камата, како и периодот и начинот на пресметка нема да влијае на стапката, перидот и начинот на пресметка на договорната камата во договорите во кои барем едното лице не е трговец, склучени пред влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила. Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во ‚Службен весник‚“, се вели во Уредбата. 

Оваа уредба всушност е истата која Владата најави дека ќе ја донесе пред околу две недели, односно на седницата на 23 март, но потоа ја немаше и банкарите очекуваа да видат дали и кога, и во каква форма ќе биде објавена. 

Тогаш познавачите за Фактор коментираа дека доколку се донесе истата оваа Уредба, без промени, како што и се случи, тоа значи дека банките нема да смеат да имаат камати повисоки од затезната камата, односно од 5,75 отсто. 

Според нов, со Уредбата всушност се намалува висината на законската казнена камата, а со тоа и висината на максимално дозволената договорна камата. На пример, кај физичките лица максималната казнена камата е 5,75 отсто. Од друга стрна, велат тие, има договори за кредит со повисока договорна камата. 

Тоа го отвори и прашањето дали ова ќе важи и за каматите на кредитните картички и на минусите, кои се највисоки и далеку ја надминуваат оваа висина на каматата.

Фактор разговараше со дел од банкарите во земјава, за кои тогаш не беше јасно дали Уредбата ќе важи за сите кредити, односно и за постојните и за новите, или само за новите кредити што допрва ќе се одобрат. 

Инаку, во моментов, затезната камата е 10,25 отсто, и таа се ажурира, односно НБМ им ја пушта на банките, а тие потоа ги прилагодуваат каматните стапки.

„Колкава и да е новата законска затезна камата, сите банки ќе ја почитуваат. Имено, ние со законот сме обврзани на тоа и мора да ја почитуваме, односно бнките ќе се прилагодат на таа камата. Односно, ако таа биде 5,75 отсто, ние банките ќе се прилагодиме на таа камата“, изјавија банкарите за Фактор.

Според нив, во моментов многу од банкарските кредити се со стапки пониски од 5,75 отсто. На пример, станбените кредити имаат камати меѓу три до 3,5 отсто, а каматите на потрошувачките кредити се движат околу 5 проценти. Повисоки се, велат, само каматите на кредитните картички и на дозволените минуси, кои изнесуваат околу 10 проценти. 

Останува денеска Народна банка и банкарите да дадат многу попрецизни одговори колку всушност сега ќе биде максималната висина на каматните стапки.

А токму прашањето за каматите беше многу актуелно, откако банките решија да ја одложат исплатата на кредитните рати за граѓаните, но нагласија дека и за тој период од шест месеци ќе мора да ја пресметуваат каматата, а потоа ќе почнат да ја наплаќаат кога ќе стартува редовното плаќање на кредитните обврски.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ЗЕМЈАТА ЈА НАРЕКУВАА „БЛЕСКАВА ЅВЕЗДА“: Сега е во најдлабока рецесија откако стекна независност од Малезија

ЗЕМЈАТА ЈА НАРЕКУВАА „БЛЕСКАВА ЅВЕЗДА“: Сега е во најдлабока рецесија откако стекна независност од Малезија

Поради пандемијата доларот трета седмица по ред паѓа

Поради пандемијата доларот трета седмица по ред паѓа

Колку пари има во гробарскиот бизнис?

Колку пари има во гробарскиот бизнис?

За пет месеци ни легнале над 102 милиони евра од брз трансфер на пари

За пет месеци ни легнале над 102 милиони евра од брз трансфер на пари

Народната банка е добитник на наградата на „Комерцбанк“

Народната банка е добитник на наградата на „Комерцбанк“