Зошто на 2 евра вратен долг плаќаме 1 евро камата?
Објавено во: Финансии 25 Јануари, 2018
За првите 11 месеци лани плативме 139,6 милиони евра за камати на долгот на централната власт. Колку километри автопат ќе изградевме со тие пари или колку автобуси на електричен погон за јавен превоз можевме да купиме со тие пари или колкава хидроцентрала да направиме? Ако соодносот на вратен долг со вратена камата е 2 наспрема 1 нешто треба да се преземе.
Официјалните податоци на Министерството за финансии за првите 11 месеци 2017 година покажуваат дека на вратени 2 евра долг на централната влада сме плаќале едно евро камата. Што значи ова и дали е поволно или е неповолно и колку е сериозно треба да кажат економски аналитичари и експерти.
Податоците покажуваат дека од централен буџет во периодот јануари-ноември лани се исплатени вкупно 289,2 милиони евра долг и во исто време за целиот долг на централната власт се платени камати од 139,6 милиони евра. Соодносот е 2 спрема 1.
Статистиката покажува најцрн месец за плаќање за надворешен долг бил јули. Тогаш за главница на надворешен долг се платени 77,9 милиони евра, а за камати се платени 53 милиони евра. Во другите 10 месеци за камата биле платени 32,8 милиони евра, а за главница 60,3 милиони евра.
Кај домашното задолжување состојбата со отплатите е многу поумерена. Највисок месечен износ на камата е платен во март и изнесува 6,3 милиони евра во денарска противвредност, а најмногу главнина е платена во август и тоа изнесува 38,2 милиони евра во денарска противвредност. За сите 11 месеци се платени 43,8 милиони евра за камати и уште 151 милиони евра за отплата на главница.
Р.Ф.