04 Мај, 2024
0.0676

Зошто молчи Гувернерот околу предлогот за Валутен борд?

Објавено во: Економија, Колумни 18 Јануари, 2016

Добивај вести на Viber

Минатата недела во фокусот на интерес на јавноста беше предлогот за  воведување на Валутен борд и тоа не од било кого туку од првиот човек на една од најголемите комерцијални банки во земјава. Стручната јавност излезе со свои размисли, но најповиканиот, гувернерот на НБРМ, не се огласи. Како предлогот воопшто да не го засега, иако нагласувањето на потребата за создавање на вакво тело е и  идиректна критика на ефектите од досегашната монетарна политика во обезбедувањето на финансиската стабилност во земјата. Додека општествено-економската криза  се продлабочува, НБРМ,  под негово водство, се однесува како институција надвор од системот. Идејата и позицијата за независност во работата на централната банка ја практицира како „баш ми е гајле“ политика за тоа што се случува во другите сфери на работење и живеење. Опседната  со остварување на стабилност на цените и одржување на фиксниот курс на денарот спрема еврото (тоа би биле главни цели и на евентуален Валутен борд) како цели сами за себе, ги апсолутизира тие цели,  дури до денеска. Како ништо да не е променето од крајот на 90-тите години на минатиот век.  Како монетарната политика, заснована врз стратегијата на таргетирање на девизниот курс на денарот, да е “света крава“. Дури и независно од тоа што се случува во пошироката финансиска сфера, особено во буџетската потрошувачка. А таму сме или на работ или во амбисот. И покрај определбите за намалување на буџетскиот дефицит и на јавниот долг тие и натаму се зголемуваат. А заради порастот на средствата за сервисирање на обврските, се редуцираат можностите за остварување на повисока стапка на раст на БДП, од која определено фајде треба да почувствуваат и вработените и другото население. Со самозадоволството од остварувањето на главните цели на Валутен борд, централната банка самата се сведе и стави во функција на „незадолжителна“ и можеби „небарана“ поддршка на буџетската потрошувачка. Познато е дека централната банка раководена од Валутен  борд  не смее да ги финанира буџетските потреби. Таа тоа  не го прави директно ни со сегашниот степен на независност. Но, тоа не значи дека со реализацијата на долго применуваната монетарна стратегија не и‘ оди во прилог. И  не само кога тоа може да биде корисно за развојните цели, туку и кога е очигледно дека јавната потрошувачка е контрапродуктивна. Да потсетиме само на трендот на зголемување буџетските дефицити и на намалување на стапката на пораст на кредитите на приватниот сектор од страна на банките и штедилниците. Почетоците се речиси синхронизирани. Во 2009 година буџетскиот дефицит се зголеми на 2,9% од БДП, а кредитите од околу 35% пораст во 2008 година, се сведоа на раст од само 3,5%.  Намалените пласмани во стопанството се насочија кон финансирање на државата, дури и покрај тоа што таквиот пресврт во 2009 година доведе и до пад на БДП од  0,5%. Централната банка не може да се амнестира и од одговорноста за постојаниот пораст на меѓусебните побарувања на стопанските субјекти кои веќе достигнаа 65% од БДП. Точно е дека таа не одобрува кредити на стопански субјекти, но ги диктира условите на банките. А тие се такви што на државата и‘ обезбедуваат задлжување по пониски каматни стапки отколку во странство, иако тие се поповолни и за банките за купување на хартии од вредност на државата, отколку средствата да ги пласираат во стопанството, поради поголемиот ризик. И не е случајно што речиси со една милијарда евра банките ја кредитираат државата. Но, затоа, пак, домашните бизнисмени пискаат по кредитни средства и тоа, претежно за обртни средства т.е. за преживување, бидејќи не можат благовремено да ги наплатат своите побарувања. Гревот на централната банка е и во тоа што со долгогодишната примена на   монетарната стратегија на таргетирање на курсот на денарот (и откако ги оствари нејзините цели) изнуди стратегија на раст воден со пораст на внатрешната потрошувачка и на увозот, наспроти извозно ориентираната, како единствена стратегија на одржлив развој за мала земја, каква што е Македонија.  Заради одржување на стабилноста на преценетиот курс банката долго време одржуваше високи каматни стапки, со што дестимулативно влијаеше врз инвестиционите активности во земјата. Таквиот  курс ги дестимулираше и извозните активности на постојното стопанство. И не е случајно што денеска сиот влог е ставен врз странските директни инвестиции. Тие треба да обезбедат средства за сервисирање на обврските спрема странство и да ја подобрат надворешната нерамнотежа. А тоа е многу несигурно, ако се има предвид дека минатата година нивниот износ е половина од претходната година, а тогаш изнесуваа само 2,4% од БДП. Со потпирањето врз нив се чини дека и натаму ќе тониме. Во нив никој не нашол надеж за спас, иако не се отповеќе ако доаѓаат поради општите услови на стопанисување и практикуваните олеснувања, а не поради субвенции за персоналниот данок и придонесите од плата. Ако се тие стварно потребни и за нив за да стопанисуваат кај нас, тогаш треба да се запрашаме дали ни се реални и цените и курсот. Тие се репери за преземање на стопански активности. Да не забораваме дека од нашите бизнисмени извезуваат само оние кои мораат, бидејќи производот им се пласира само на странските пазари, а нема интерес на домашниот. Порастот на извозот е само од странските инвеститори во ТИРЗ-овите. Во овој контекст не треба да се потценува ниту повеќегодишната стагнација на платите на вработените, како мерка на внатрешна девалвација, за да се зачува конкурентноста на странските пазари. Слична е функцијата и на субвенциите за нововработените. Се ангажираат зошто цената на трудот се намалува. Да не зборуваме за субвенциите во земјоделството. Иако на планот на извозот не се постигна којзнае колку, без нив веројатно и тоа не би се постигнало, особено кај тутунот. Наведеното јасно зборува дека е  крајно време за промена на монетарната стратегија. Со актуелната се остварија целите кои со неа најефикасно се постигнаа. Не треба да се биде слеп дека долгогодишната примена доведе и до штетни последици врз динамиката и одржливоста на растот. Нејзината натамошна одбрана е бессмислена и бајата ако се потпира  врз укажувањата за штетите од евентуалната депрецијација на вредноста на денарот (од што најголема корист извлекуваат должниците, вклучувајќи ја и државата, и увозно зависните бизниси). Овој аргумент најдиректно го негира успехот на досегашната стратегија. Ни по две децении не се успеа да се  оствари реален курс како израз на стабилноста во земјата и урамнотеженоста на односите со странство. А ако се тврди дека е реален, штета е што и порано не се пристапило кон изградба на нова монетарна стратегија, која би била во функција на извозно ориентирана развојна стратегија. Факт е дека со досегашната не се успеа да се обезбеди одржлив раст и развој. Не помогнаа ниту ефектите од мерките на внатрешна девалвација, ниту странските инвестиции, ниту зголемените странски кредити. Одамна се стекнати  услови за изградба на нова монетарна и развојна стратегија на земјата, со кои ќе се пробие замката на ниски стапки на раст. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години

НОВ СКОК НА ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА ВО АПРИЛ - најскапо месото

НОВ СКОК НА ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА ВО АПРИЛ - најскапо месото

ПАДНА СПОГОДБА - Џонсон и Џонсон ќе плати 6,475 милијарди долари по многубројните тужби за добиен рак од нивната пудра

ПАДНА СПОГОДБА - Џонсон и Џонсон ќе плати 6,475 милијарди долари по многубројните тужби за добиен рак од нивната пудра

„ПЛАТАТА НА КЕЛНЕРИТЕ ВО ХРВАТСКА 1.200 ЕВРА, ВО АВСТРИЈА 3.000 ЕВРА“: ќе работат само луѓе од трети земји

„ПЛАТАТА НА КЕЛНЕРИТЕ ВО ХРВАТСКА 1.200 ЕВРА, ВО АВСТРИЈА 3.000 ЕВРА“: ќе работат само луѓе од трети земји

„Да се напушти вештачкото надувување на капиталните инвестиции“: еве што велат економистите за изборните ветувања на партиите

„Да се напушти вештачкото надувување на капиталните инвестиции“: еве што велат економистите за изборните ветувања на партиите

ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ: Колку маслиново масло произведува Шпанија?

ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ: Колку маслиново масло произведува Шпанија?

СИНОТ НА СВЕТОЗАР, ЈАНЕ ЈАНЕВСКИ, СТАНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УО НА „АУТОМАКЕДОНИЈА“ - и оттаму заминува Џон Илија Јоновски

СИНОТ НА СВЕТОЗАР, ЈАНЕ ЈАНЕВСКИ, СТАНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УО НА „АУТОМАКЕДОНИЈА“ - и оттаму заминува Џон Илија Јоновски