04 Мај, 2024
0.0258

Зошто Македонија не е среќна со ваков раст на БДП?

Објавено во: Економија, Колумни 01 Февруари, 2016

Добивај вести на Viber

Нема среќа во статистички растови на БДП доколку не се создаде економија која може да го финансира порастот на квалитетот на живеењето  на народот е  правило   кое важи без разлика која политичка партија ги влече економски потези и без разлика во која економија истите ги имплементираш. Значи гревот е уште поголем доколку се декларираш  дека правиш добро, а свесно во „кал до гуша“ го вовлекуваш сопствениот народ. И перверзијата да биде поголема овие манипулации му се продаваат на истиот тој народ, како најдобро нешто што   му  се случува.

И така, додека лидерот на партијата на власт ја продолжува канонадата  со најави на нови странски инвестиции, не само опозиционерите, туку и неговите приврзеници (поискрените) почнаа да се прашуваат за фајдето од таквите активности. И без нив, земјата остваруваше раст од 4-6,5%, а денеска, и со нив и со интензивно зголемување на долгот на државата, никако да ги оствариме планираните 3,5%.

Веќе станаа дегутантни фалбите на власта дека Македонија остварува раст кој е меѓу неколкуте највисоки во Европа. Повторно и овој резултт го продаваат како нешто исклучително.  Впрочем, тие и ниеден потег не повлекуват доколку претходно не смислат како истиот да го продадат.  Но, како и при секоја продажба кога трговецот не ја кажуваа целата вистина, тука овде свесно забораваат да потенцираат дека, по правило, неразвиените економии остваруваат или треба да остваруваат повисоки стапки на раст од развиените. Па, затоа е несоодветно споредувањето со нив. За успехот или неуспехот на макроекономската политика на Македонија пореално говорат споредувањата со земјите на слично ниво на развој. Земјите во подем и земјите во развој остваруваат повисок раст од Македонија- 4,6% во 2014 и 4% во 2015 година. Притоа, азиските земји остварија респективно 6,8% и 6,6%. Дури и земјите од оваа категорија во Европа остварија стапки од 2,8% и 3,4% респективно. Затоа е манипулативно истакнувањето на растот од 3% како некакво чудо во Европа.

Само со  споредбата на стапките на растот власта нема аргументи да прикаже успех во изминатиот период. Уште помалку, ако остварувањата се стават во однос на потрошените средства и на нивните ефекти во подобрувањето на состојбите во земјата.

Којзнае што дубиози ќе се откријат и појават во наредниот период, ама и ова што досега се знае јасно покажа и покажува дека земјата потроши огромни средства за скромни резултати. Неусогласеноста е толкава што и најдобронамерните кон власта се прашуваат што се случило со 6-7 милијарди евра по 2006 година. Во оваа година државата ги финансираше општествените потреби со буџет од 1,7 милијарди евра и оствари стапка на раст од 5,1%. Оттогаш до денеска буџетот се зголемува постојано и годинава достигна износ од 3,2 милијарди евра, а се бориме за раст од 3-3,5%. Тешко е дека може да се најде разумно оправдување за вакво неефикасно трошење на буџетските средства. Притоа, проблем е што таквите средства се набавувани со задолжување во земјата и странство, а нивниот обем е толкав што веќе ја достигна границата за економски корисно задолжување. А што е, па, сега тоа, кога власта вели дека земјата  не е презадолжена, односо е умерено задолжена земја?

Меѓу економистите е апсолвирано дека нема општ праг на задолженост кој покажува ниско, средно или високо задолжена земја. Прагот си го утврдува секоја земја во согласност со можностите за сервисирање на обврските. Со оглед на тоа што сервисирањето може да се врши од новосоздадената вредност  во земјата и со задолжување во странство, од клучно значење за прагот на задолженоста е продуктивното искористување на позајмените средства. Колку е тоа поповолно толку е поголема можноста за зголемување на обемот на долгот во однос на БДП. И обратно, ако долговите се користат за финансирање на тековната потрошувачка се симнува прагот на можноста за зголемување на долговите. Точно е дека можете да се задолжувате и понатаму, ако има кој да ви дава кредити, а вие можете со, строги мерки на штедење (како во Грција) да ги покривате нерационалностите на власта. Но, тоа не е бесконечно. Има крај, во трпението на вработените, пензионерите, социјалците и другите, особено небработените. Добар дел од нив ги изгубија надежите  за подобрување на состојбите и веќе неколку години масовно и трајно се иселуваат од земјата. Тие сфатија дека нема фајде од растот кој се прикажува како меѓу највисоките во Европа, а не создава можности за пораст на вработеноста, за пораст на платите, за намалување на сиромаштијата, за подобрување на состојбите во образованието, здравството и другите сфери на општественото живеење.

А тие што останаа веќе се прашуваат како е можно ако растот на БДП е висок да не чувствуваат подобрување на личната и општествената состојба, иако јавниот долг се приближува до 50% од БДП. Објаснувањето е едноставно, но и поразително за власта која неколку години ги игнорира укажувањата за нерационално и непродуктивно трошење на позајмените средства. Народот ги трпи последиците од таквото однесување на власта. Со многу позајмени средства таа не создаде стопанство од кое обврските ќе ги сервисира преку остварувањето на повисоки стапки на раст. Затоа, буџетските корисници на средства не можат да се надеваат на подобро доколку економскиот раст не се зголеми над нивото на обврските што државата мора да ги сервисира. Состојбите се сериозно влошени во последниве три години, бидејќи учеството на износот од отплатите  на долговите и каматите во БДП е повисоко од растот на БДП или е колку тој раст.

Особено ќе биде тешка оваа година, бидејќи за отплата на старите долгови и камати на долговите треба да се обезбедат 450 милиони евра (350 милиони за долговите и 100 милиони за камати). Тоа е досега највисок одлив- речиси 5% од очекуваниот БДП. А ако БДП се планира да расте со 3,5% тогаш е очигледно дека за сервисирање на достасаните обврски државата не само што ќе нема поголеми можности за трошење, туку ќе мора да штеди или наново да се задолжува или и едното и другото истовремено, во определен сооднос. Но, до кога? Можностите и за штедење и за задолжување се стеснети. Корисниците на буџетски средства се на работ на преживување, а задолжувањето станува се‘ поскапо. Пробивот кон пресврт е единствен: рационално стопанисување со буџетските средства, со нулта толеранција на корупцијата, и строго наменско задолжување за   вложувања во капацитети и тоа само во оние  кои ќе можат самите да обезбедат враќање на обврските (електроенергетски капацитети, инфраструктурни објекти). Многу е едноставно, но и е тешко изводливо. Се‘ зависи од власта. А власта ја бира народот, се разбира на фер и демократски избори. После тоа, нема каење!

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години

НОВ СКОК НА ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА ВО АПРИЛ - најскапо месото

НОВ СКОК НА ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА ВО АПРИЛ - најскапо месото

ПАДНА СПОГОДБА - Џонсон и Џонсон ќе плати 6,475 милијарди долари по многубројните тужби за добиен рак од нивната пудра

ПАДНА СПОГОДБА - Џонсон и Џонсон ќе плати 6,475 милијарди долари по многубројните тужби за добиен рак од нивната пудра

„ПЛАТАТА НА КЕЛНЕРИТЕ ВО ХРВАТСКА 1.200 ЕВРА, ВО АВСТРИЈА 3.000 ЕВРА“: ќе работат само луѓе од трети земји

„ПЛАТАТА НА КЕЛНЕРИТЕ ВО ХРВАТСКА 1.200 ЕВРА, ВО АВСТРИЈА 3.000 ЕВРА“: ќе работат само луѓе од трети земји

„Да се напушти вештачкото надувување на капиталните инвестиции“: еве што велат економистите за изборните ветувања на партиите

„Да се напушти вештачкото надувување на капиталните инвестиции“: еве што велат економистите за изборните ветувања на партиите

ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ: Колку маслиново масло произведува Шпанија?

ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ: Колку маслиново масло произведува Шпанија?

СИНОТ НА СВЕТОЗАР, ЈАНЕ ЈАНЕВСКИ, СТАНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УО НА „АУТОМАКЕДОНИЈА“ - и оттаму заминува Џон Илија Јоновски

СИНОТ НА СВЕТОЗАР, ЈАНЕ ЈАНЕВСКИ, СТАНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УО НА „АУТОМАКЕДОНИЈА“ - и оттаму заминува Џон Илија Јоновски