Зошто „Арчелормитал“ ја продава производната хала на РЖ „Ленти“во Железара?
Објавено во: Економија 26 Септември, 2017
Арчелор Миттал го продава имотот на ХРМ односно погонот за производство на топловалани котури и топловалан лим. На претстојното собрание акционерот „Арчелор Миттал Холдингс“ кој поседува 86 отсто од акциите ќе ги задолжи менаџерите да најдат купувач за производна хала од 77.715 квадратни метри
„Арчелор Миттал“ (ХРМ), поранешна „РЖ Ленти“ ја нуди на продажба својата производна сала во железарскиот компплекс, пишува во предлог одлуката што ќе се најде на дневен ред на претстојното акционерско собрание закажано на 20 октомври годинава, објавено е на интернет страницата на берзата. Оваа компанија одлучи да продаде 77.715 квадратни метри објект односно нивната производствена хала во железарскиот комплекс. Во предлог одлуката акционерите треба да го овластат менаџментот на компанијата да вложи максимални напори за пронаоѓање купувачи за производната хала.
Оваа компанија чија дејност е производство на топло валани котури и топло валан лим не работи веќе некое време. Од достапните официјални информации кои можат да се најдат на берзата се гледа дека компанијата лани има приходи од продажба во износ од 200.000 евра, во 2015 година компанијата воопшто нмала приходи, а во 2014 година тие биле само 10.000 евра. За првите шест месеци годинава приходите од продажба се четири пати повисоки од истиот период лани и изнесуваат 400.000 евра, но тоа е мал обем на работа за компанија со таков капацитет. Оперативната добивка за првите шест месеци е околу 300.000 евра. Главен проблем на оваа компанија се нејзината кредитна изложеност и трошоците што ги има за финансиски расходи.
Од акционерската структура во ХРМ достапна на страницата на Централниот депозитар за хартии од вредност се гледа дека има еден крупен акционер и тоа е „Арчелор Миттал“ со 86 отсто од акциите. Околу 2.650 домашни физички лица поседуваат 12,3 отсто од управувачките права. Последната пазарна цена на таа акција изнесуваше 27 денари, а во период од една година оваа акција се тргувала во дијапазон од 6 до 61 денар. Книговодствената вредност на акцијата е - 232 денари и таа е единствена компанија чија книговодствена вредност е негативна.
ХРМ е компанија со убедливо најголеми трошоци за камати!
Според официјалните податоци тие за првите шест месеци годинава се 85 милиони денари односно 1,38 милиони евра. Во споредба со лани овој трошок пораснал за 4 отсто. Вкупните обврски на компанијата, од полугодишниот извештај за 2017 година, изнесуваат 2,86 милијарди денари односно 46,35 милиони евра и од нив помалку од 20 отсто се обврски кон добавувачи, а другите се обврски за кредити.
Р.Ф.