19 Мај, 2024
0.0244

Зошто „Актор“ стана фактор?

Објавено во: Колумни 17 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Во изминатите десетина дена бевме изложени на вистински галиматијас на изјави, прозивки и деманти. Бевме сведоци на ситуација кога деловната тајна, кој знае по кој пат, се претвори во јавна тајна. Бевме сведоци на ситуација кога сите „засегнати страни“ се обидуваа да ја вршат работата на институциите на системот, а „кутрите“ институции, наместо да си ја вршат својата работа, мораа да се занимаваат со она што се нарекува „односи со јавноста“. Преку ноќ „Актор“ стана фактор. Стана conditio sine qua non – услов без кој не се може, за жал, од сосема погрешни причини.

          Со оглед на тоа што во изминатиот период јавноста „беше принудена“ да се занимава со надлежностите и делокругот на работа на одредени институции, редно е да се каже збор – два за начинот на работа на тие институции. Со цел нештата да се вратат на вистинскиот колосек. Содржината на деловниот однос помеѓу правното лице Актор и Стопанска банка АД Скопје претставува деловна тајна. Секое изнесување во јавноста на конкретни трансакции извршени од страна на Актор претставува кршење на деловната тајна и непочитување на одредени законски прописи. Секој коментар на она што беше изнесено во јавноста на оваа тема може да биде контра продуктивен и да им наштети на институциите на системот кои во рамките на своите законски овластувања се занимаваат со оваа проблематика. Во спротивно, деловната тајна се претвора во јавна тајна. Мора да се почитува и презумпцијата на невиност на правното лице Актор и на лицата кои беа јавно прозвани дека извршиле одредени трансакции. Во јавноста се појави информацијата дека сите поединечни и поврзани готовински трансакции во износ од 15.000 евра во денарска противвредност или повеќе претставуваат предмет на известување до Управата за финансиско разузнавање. Од тие причини, накратко ќе го разгледаме начинот на функционирање на оваа институција. Управата за финансиско разузнавање е орган во состав на Министерството за финансии. Оваа институција служи како мост помеѓу превентивниот и репресивниот сегмент на процесот на спречување на перење пари. Нејзините надлежности се јасно дефинирани во Законот за спречување на перење пари. Согласно овој закон, Управата за финансиско разузнавање врши прибирање, обработка и анализа на податоците добиени од банките и другите субјекти наведени во законот. Врз основа на сопствените анализи, како и врз основа на податоците и документацијата од другите државни органи, финансиските институции или други правни и физички лица, оваа институција доаѓа до заклучок дали има основи за сомневање за извршено кривично дело перење пари и финансирање на тероризам или не. Со оглед на сензитивноста на прашањето, треба да се нагласи дека Управата е самостојна во поглед на донесувањето на соодветен заклучок. Евентуалните понатамошни мерки што треба да бидат преземени се регулирани со горе наведениот закон. Соработката на Управата за финансиско разузнавање со државните органи кои делуваат во репресивниот сегмент на процесот на спречување на перење пари нема да биде предмет на анализа. Авторот на овие редови е економист, а во нашава земја има доволно правници кои можат да ги образложат деталите на таа соработка. Наместо тоа, ќе се обидеме да одговориме на прашањето што го поставивме во насловот на колумната: Зошто „Актор“ стана фактор? Заради грижа за функционирањето на правната држава и на институциите на системот? Заради сензационализам? Заради остварување на одредени цели? На овие прашања, секоја заинтересирана страна ќе настапи со свој одговор и ќе ја понуди својата вистина. И секоја страна ќе мисли дека нејзината вистина е единствената можна и исправна „верзија“ на вистината. Своја „верзија“ на вистината ќе понуди и авторот на овие редови. Ќе си дозволи јавно ги повика сите засегнати и незасегнати страни да ги остават институциите на системот да си ја вршат својата работа. Вработените во тие институции се експерти во својата професија. Треба барем малку да се има доверба во нив и да им се дозволи да го завршат она што го започнале. Во зависност од резултатите од работењето, можеме да ги критикуваме или да ги пофалиме соодветните институции. Но, прво мораме да ги почекаме тие резултати. Заради доброто на сите нас заедно! д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе