ЖИВЕЕ РАСКОШНО: Koj е Тимур Иванов кој е уапсен во Русија?
Објавено во: Свет 25 Април, 2024
Рускиот министер кој е уапсен, Тимур Иванов живееше раскошно.
Заменик-министерот за одбрана на Русија, Тимур Иванов, човек на листата на „Форбс“ како еден од најбогатите луѓе во рускиот безбедносен естаблишмент, е уапсен и обвинет за примање мито. Тој заврши во притвор. Иванов, кој ги негира обвиненијата, е обвинет за примање поткуп „во особено големи размери“. Назначен за заменик-министер за одбрана во 2016 година, 47-годишниот Иванов беше одговорен за воените инфраструктурни проекти на Русија.
Тој профитирал од градежните проекти во украинскиот пристанишен град Мариупол, од кои голем дел беше уништен од руското бомбардирање во месеците по почетокот на инвазијата, за по падот на градот, Русите да започнат реконструкција.
Минатата година британскиот „Дејли мејл“ објави детални информации за луксузниот начин на живот на Иванов и особено на неговата поранешна сопруга Светлана Маниович, гламурозна русокоса која „превентивно“ се разведе од својот високо позициониран сопруг за да избегне санкции. Информациите за луксузниот живот наводно дошле од протечени мејлови.
Фондацијата на починатиот опозициски лидер Алексен Навални дошла до посед на околу 8.000 пораки испратени во текот на 12 години, кои го откриваат животот обележан со вили, јахти и автомобили на суперлуксузниот бренд „ролс-ројс“ во Сан Тропе каде уживаа Тимур Иванов и 50-годишната Светлана.
Фондацијата објави дека „превентивниот“ развод на Светлана со Иванов во летото 2022 година ѝ овозможил да ги заобиколи санкциите на ЕУ кои потоа му беа наметнати на нејзиниот сопруг, но мејловите укажуваа дека вистинската разделба на двојката никогаш не се случила – барем ваква била состојбата минатата година.
Тимур и Светлана се венчаа во 2009 година, откако таа се разведе од успешниот бизнисмен Михаил Маниович.
Семејството потрошило 850.000 евра за изнајмување вила во Сан Тропе и 250.000 евра на јахти во периодот од 2013 до 2018 година, според информациите во нејзините мејлови. Отишла на шопинг во Женева и Париз, потрошила 104.000 евра за дијамантски прстен и 150.000 евра за обетки, а нејзиниот роденден, кој го прославила во Истанбул во 2018 година, чинел 178.000 евра. На шопинг листата има и фустан на „Долче и Габана“ од 59.500 евра и комплет мебел од 19. век од 85.000 евра купен во Белгија.