Зголемена невработеност и намалени инвестиции во норвешки нафтени компании
Објавено во: Економија, Свет 24 Август, 2016
Нафтените и гасните компании кои работат во Норвешка - најголемиот производител на нафта во Западна Европа, ги намалија уште повеќе прогнозите за инвестиции за оваа и следната година, додека продолжуваат напорите за надминување на двегодишниот пад на цените на нафтата, соопштува Bloomberg.
Сега се очекува инвестициите во норвешката крајбрежна нафтена и гасна индустрија да се намалат до 163 милијарди круни (20 милијарди долари) за 2016 година во однос на евалуацијата за 166 милијарди круни во мај, покажува тримесечно истражување објавено од норвешката статистичка служба во средата . Оценката за 2017 година е намалена до 151 милијарди круни од 153 милијарди круни. Инвестициите достигнаа врв од 221 милијарди круни во 2014 година, пред нагло да се намалат до 195 милијарди круни во 2015 година.
Падот за 2016 година главно се должи на пониските проценки за развојот на полињата, а тоа за 2017 година - на затворање, отстранување и проучување, вели статистичката агенција.
„Падот за третиот квартал во однос на вториот квартал во годината пред инвестициската година е исклучително необичен“, вели службата во соопштението. Ова се случува во текот на минатата година за прв пат од 1999 година.
Нафтени компании одлагаат проекти за развој и сондажи во Норвешка и на други места, за да се спротивстават на падот на цените на нафтата. Околу 40 илјади работни места биле скратени во норвешката крајбрежна индустрија, додека во исто време централната банка ги намали каматните стапки на рекордно ниско ниво.
Невработеноста во Норвешка се зголеми до 4,8% во јуни - највисоко ниво од 2004 година, се вели во друга изјава . Падот во индустријата ја принуди владата оваа година да го направи првото влечење од државниот инвестициски фонд за 890 милијарди долари, бидејќи користи поголем дел од нафтеното богатство на земјата со оглед на намалената добивка од производството на нафта.