04 Мај, 2024
0.0247

Збогум на двојниот морал

Објавено во: Колумни 11 Јануари, 2016

Добивај вести на Viber

Се ближи денот Д. Ветеното ќе мора да се исполни. Знам, тешко е, но зборот си е збор, па и за оној кој не е навикнат да го почитува. Да нема измрдување, за секој случај, стигна абер за „проштална средба“ и од Америка и тоа не од било кого туку од Потпретседателот на САД  Џо Бајден. Не ја отфрлам опцијата дека премиерот преку барата во ракав ја носи и картата за решавање на спорот со името, но сите трикови веќе се прочитани. Можеби нема да е и на 15, но веќе не е ни битно дали е некој датум погоре или подолу. Ако треба ќе се поместат изборите за плус некој месец, но на крајот повторно и тие што не сакаат ќе мора да учествуваат на слободни, фер и демократски избори. Битно е,  дека и таа прикаска се приведува кон крај. Она што мене ме интересира е дали со заминувањето, во историјата ќе замине и системот на воспоставените двојни стандарди. Ќе му кажеме ли збогум на двојниот морал на политичарите и дали во иднина ќе можат да виреат политичари со ваков морален, интелектуален и политички багаж? Дилемите ми се оправдани затоа што во изминатиот период живеевме во востоличен систем на  невидени популистички мерки инспирирани од личните сознанија и разбирања на човекот од кого чекаме да си замине. Притоа, не му е гајле што таквото негово разбирање претставува еклатантно   вулгаризирање на  уставната категорија за изградба на социјална држава. Меѓутоа, да не бидеме наивни. Ваквиот начин на практицирање на власта не е поради  наивност или неинформираност. Тој ја сфати моќта на популизмот. Со високо развиен мирис за пари, во него согледа големи материјални можности,  додека се „грижи“ за народот и ранливите категории население, распределувајќи им трошки, да го ѕида  сопственото и партиското конто. Да не биде „неправеден“, популизмот по негов терк го прошири и кон странските инвеститори. Само истрагите можат  да покажат со каков „ефект“ се искористени  постојано зголемуваните буџетски средства и странски заеми. Затоа, не е случајно што  за ниеден од илјадниците проекти во изминатите години не поднесе економска сметка за нивната оправданост. Тоа за него е маргиналија, барем, додека народот се „воодушевува“ од она што го гледа. До него не допира ниту критиката од неговите најблиски соработници кои, во ретки прилики (веројатно само кога мораат), го следат во неговите патешествија и  го оставаат се‘ сам да решава. Самиот информира за се‘ и сешто, а најмалку за глобалните општествено-економски и политички проблеми. Или, само кога ќе дојде до гола информација која покажува некаков раст, заборавајќи дека во многу растови има и негативни последици. На пример, растат девизните резерви, а тоа се должи на одобрување на некој странски кредит, или расте вработеноста, а тоа се случува во администрацијата (каде се прима плата, а не се оди на работа), или расте извозот во ТИРЗ-овите, а стагнира или се забавува извозот на домашните бизнисмени, или  се зголемуваат инвестициите, а тоа не се чувствува во динамиката на економскиот раст и тн. За тоа не се дискутира. Премиерот  и  натаму тера по „свое“. Во интензивните пропагандни соло настапи  пред поднесувањето  на неговата договорена оставка на функцијата, несакајќи, ама веројатно силно верувајќи, како и досега, дека повеќепати изречените лаги се земаат како вистина, самиот ги открива неговите „сламки“ за спас. На очиглед на јавноста, во борбата за личен опстанок на власт, не се воздржува ниту од полувистини и од постапки и активности кои повеќе го дезавуираат отколку што го легитимираат како човек кој заслужува да продолжи да ја врши премиерската функција. Притоа, не го земаме предвид   самодемаскирањето што му се случи  преку јавно објавените прислушувани разговори. Ниту  кажувањата  на луѓе од врвовите на власта за нејзиното практицирање, за што е тој најодговорен. Тие беа доволни тој да се повлече од власта откако почнаа да се обзнануваат разговорите од лентите кои сведочат за масовно прислушување на илјадници граѓани и невидени нерегуларности во вршењето на власта. За да се остави простор надлежните институции да ја утврдат одговорноста за случајот и да донесат суд за бројните индиции на криминогени постапки и однесувања во вршењето на власта. Како чин на морална одговорност. Кога се има морал тоа е нормално, меѓутоа, голем проблем е кога личноста има двоен морал. Премиерот ја пропушти моралната  шанса  за да се легитимира како „невин“. Дополнително ја уништи со избегнувањето јавно да сведочи пред Анкетната комисија во Собранието (што има да крие, ако е невин?). А ја докрајчи со интензивирањето на пропагандната практика за „успесите“ на власта, која всушност го доведе „во облаци“ од кои е на пат да тресне. Затоа  како народ мора да учиме од грешките. Несмееме повеќе да дозволиме на политичари од овој ков да управуват со нашето достоинство, нашите пари, нашата иднина. Тие не можат да се растоварат од опсесијата дека за се‘ што е добро тие се заслужни, а за се‘ што е лошо се виновни другите. Овој тип на политичари секогаш настрадуваат од пропагандата кои тие ја конструираат, затоа што  пропагандата ја губи силата кога во реалноста избиваат на површина и се откриваат лагите и полувистините преку кои таа манипулира со недоволно информираните, сиромашните, преплашените за работните места, уценуваните и изборно корумпираните. Затоа тие не можат да видат дека е отсвирен крај на играта. Нема што повеќе да се дели. Секнуваат изворите. Настапува време на рестрикции, кои најпрво ќе ги погодат тие што навидум се офајдиле од досегашните прераспределби. Па, нели, рибата смрди од главата, а се чисти од опашката. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина