За што разговараа Меркел и Ципрас?
Објавено во: Свет 16 Декември, 2016
Грчкиот премиер, Алексис Ципрас во Берлин на средба со канцеларката, Ангела Меркел го заштити правото на Атина да ги компензира оние кои направиле саможртва за време на економската и бегалската криза.
Тој кажа дека Грците заслужуваат фер третман кон нив.
„Сакаме раните од кризата да се лекуваат за сите кои направија огромни жртви во името на Европа и Европската стабилност“- рече премиерот.
Вчера грчките пратеници одобрија доделување на дополнителни еднократни надоместоци за пензионери со пензии под 850 евра. Тоа, сепак, и донесе на Атина конфликт со кредиторите. Овие плаќања ќе ја чинат Грција вкупно 617 милиони евра.
И покрај тврдењата на Атина дека додатоците кон пензиите ќе дојдат од даночен вишок во износ од 1 милијарда евра, европските кредитори изјавија дека тие покренуваат „значителни проблеми“.
Еврогрупата соопшти дека ги замрзнува неодамна најавените мерки за олеснување на долгот на Грција, затоа што не била известена за одлуката на грчките власти да ги доделуваат дополнителни средства.
Меркел не ги коментира пензиските бонуси, но рече дека одлуките за спасувачкиот пакет за Грција зависат целосно од Европската централна банка (ЕЦБ), Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).