04 Мај, 2024
0.0260

За нашето пусто проклетие

Објавено во: Колумни 09 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Обземена од горчина, на моменти бес, лутина и тремор ми ја обземаат душата и немо стојам, не можејќи да изустам ни збор, а камо ли да отворам уста и крикнам силно, испуштам глас, овие денови и  овие мигови, кога негативното ми доминира над позитивното, овие денови и овие мигови кога се навраќам на милион прашања кои себе си сум си ги поставила, а сеуште не сум нашла одговор, овие денови кога мислите и размислите ми се окупирани со една единствена тема:за нашето пусто македонско проклетие...за нашето пусто македонско битисување...за нашето пусто македонско умување... Освен алергиите кои ме тиштат деновиве и кои можеби придонесуваат за дополнение на песимистичките мои согледувања, на пиедесталот на приоритети ми се изнадри темата за македонските великани, за големите умови, за мудрите дејци кои се родиле на оваа почва, тука твореле, тука битисувале, тука умувале, дале придонес и со ум и разум создавале за нашата ни мила држава, а што добиле, како биле вреднувани, каква сатисфакција добиле за сиот оној труд кој го создале и за сета пот која ја пролеале творејќи, умувајќи, научно оплотувајќи се.... Вистината за големите луѓе кои оставиле големи дела Простете ми за овој бес кој го искалувам, простете ми за овие реченици кои ги пишувам, а кои се резултат на гневот кој го носам деновиве, простете ми бидејќи не сте вие виновни да ги читате моите жалопојќи и не сте навикнати на песимизмот кој во овие мигови блика од мене, простете ми што за момент ќе ве обземе меланхолијата кога ќе ги прочитате овие редови, простете ми за лутината која можеби ќе ви навре кога ќе го читате ова мое писание, простете ми за болката која можеби ќе ви ја обземе душичката после оваа колумна, простете ми за немирот кој ќе ви го растрепери вашето срце голтајќи ги редовите напишани од мене, ама едноставно морав. Посилно од мене беше, излезе од моето срце сиот бес и сета лутина која со години тлееше и ми ја подјаремување душичката, едноставно имав исконска потреба, преку пишаниот збор, да се обратам на сиот наш народ, да се обратам на секој добронамерник, да се обратам на секој оној кој го милува мојот пишан збор, да се обратам и да му соопштам една вистина која како коров е вгнездена во мене и како троскот, горлив ме труе и ме подрива, а ова е вистината за големите луѓе кои оставиле големи дела, а биле сосема обични смртници, заминале без посебен пиетет, без ловорики, тивко, некои се уште бледеат и тивко изгаснуваат, а толку дале за нашата култура, традиција, за нашиот идектитет. Дали државата е за некого мајка, а за некого маќеа Јад ми ја обзеде душата  кога го видов ликот на доајенката на македонската музика, жената со глас како ѕуница, жената чии песни се пееле и останале ненатпеани, жената на која и се поклонувале великани и државници, жената која била со овации пречекувана низ светските метрополи, жената која пеејќи ја величела нашата култура, нашата традиција, нашата држава, жената која била наш културен амбасадор, една и единствена Вања Лазарова. Немо гледав во екранот, неверувајќи на сликата која е пред мене, молчешкум и вкочането, како да ми откорнале месо од моето тело, со болка, гледав во едно изнемоштено лице, случајно пронајдена во еден старечки дом. Без глас во себе проговорив и опцув, да драги мои, излета и вулгаризам од мене, во бестрага реков, па зар оваа македонска жена, зар овој славеј, зар овој златен глас е оставен на забот на времето, некаде таму сама да битисува... Постојано ми навираше истата мисла која ми ги окупира моите нервни ќелии-зар е можно ова, зар е можно никој повикан да не запраша каде е великанката Вања Лазарова, каде живее таа, дали и е потребно нешто, како опстојува...А до пред само неколку години политичката елита се сликаше со неа и по неколку пати на бис ја враќаше да ја запеее ненатпеаната Со маки сум се родила. Уф морници ме лазат слушајќи ги зборовите на песната која е обележје на големата Лазарова, како судбинска, автобиографска. И постојано и постојано се запрашувам, дали таа заслуши национална пензија, дали заслужи еден поинаков третман, дали државата е за некого мајка, а за некого маќеа...ах Вања, ми ѕенѕаат усните потпевнувајќи си со маки сум се родила, со маки јас ќе си умрам... Науме Радически - тој голем деец многу даде, а малку доби Деновиве замина уште еден голем деец, голем ум, скромен, доблесен, колегите негови љубеа да го наречат жива енциклопедија, професорот Науме Радически. Имав среќа да го познавам овој едноставен и умен мудрец, мој стружанец, човек за кој скромноста беше доблест, човек кој толку многу создаде, а толку малку доби...Професорот од кој студентите учеа, во вистинска смисла на зборот, творец, создадетел и иако малку го познавав, умеев да ја познаам таа негова питкост. Знаеше да наврати кај нас дома, по струшка и научна линија, да помуабетат со мојот татко, да разменат мислење, бидејќи големината на интелектуалците е во споделената размисла и дијалог за суштествени прашања. Јас со уживање ги слушав нивните разговори, учев и ги впивав мудростите од нив и тоа е нешто што доживотно ќе остане врежано во мојот бит. Тој голем деец многу даде, а малку доби, никогаш можеби до крај не разбран и не доволно награден за сиот труд и создадетелство што го остави. Големите луѓе никогаш не се заборавени и никогаш не умираат, делата ќе говорат за нивната големина Е затоа мили мои, почитувани читатели, деновиве сум тажна и од мене блика немир, затоа ми ја гори душичкава пламенот кој бликна од мене и ме натера наместо реченици исполнети со радост и милост да прочитате бол и бес. Не можам да премолчам една вистина, еден факт, дека големите луѓе никогаш не се заборавени и никогаш не умираат, делата ќе говорат за нивната големина, за нивната силина со која воспевале и создавале, делата се доказ и показ за тие луѓе кои оставиле длабока и ненадминлива трага во своето живеење... Но прашањето е дали треба да се сетиме на нив и на нивната величина дури после нивното земско заминување, дали треба да ги глорифицираме и воспеваме после смртта, дали не е достоинствено, и пред се човечно да им се даде признание, макар со убав збор, макар со емисија, трибина, или некоја симболична награда со која ќе им се каже едно големо благодарам за се што сторивте  за нацијата, за идентитетот, за остојувањето, за татковината. П.С. Овие ликови нека бидат пример за понатаму, нека бидат пример и патоказ за новите генерации, но и нека бидат поука за секој од нас, бидејќи имаме дејци со кои треба да се гордееме и да ги славиме, чествуваме, почитуваме и цениме додека се плодоносни, додека творат, додека создаваат, бидејќи само така ќе им докажеме дека се наша гордост, дека ни е чест што имаме такви мудреци и само така ќе си обезбедиме место во алеата на големите држави кои изнедриле умови кои дале многу за сопствената татковина, но и за светот...Мојата маленкост им се поклонува. Д-р Татјана Стојаноска Иванова, Институт за социологија, Филозофски факултет-Скопје  

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина