ЗА ЈАХТИ, ХАЦИЕНДИ И СКАПИ КОЛИ ЌЕ СЕ ПЛАЌА ПОСЕБЕН ДАНОК, ЗА ПЛАТИ НАД 7.700 ЕВРА 40 ОТСТО ПЕРСОНАЛЕЦ - еве какви решенија нуди Левица
Објавено во: Економија 28 Април, 2024
Политичката парија Левица во својата програма, како што и се очекува од партија со таков идеолошки предзнак, нуди прогресивен данок, и тоа и кај личниот доход, односно персоналецот, и кај данокот на добивка.
Еве колку би изнесувале тие два данока, кои сега се еднакви и изнесуваат по 10 проценти.
Кај платите, за дел од нив би се плаќале и пониски даноци, и тоа до минималната плата би се плаќал персонален данок од 5 отсто, а од минималната која е 330 евра, до 550 евра, стапката би изнесувала 7,5 отсто.
Потоа, од оваа граница, до плата од 1.110 евра, данокот би биле колку сегашниот, 10 отсто.
И потоа доаѓа зголемувањето. Од 1.100 до 2.200 евра би бил 12,5 отсто, а до 3.300 би бил 15 проценти.
И се така нагоре, па до 7.700 би изнесувал 35 отсто персоналец, а оние што земаат над 7.700 евра данокот на личен доход би бил 40 проценти.
Во делот на данок на добивка, тој би бил 10 отсто само за профити до 12 илјади евра. Над тоа до 24 илјади е вра би изнесувал 12,5 отсто.
Прогресијата продолжува, па за добивка од 108.001 евро данокот би бил 32,5 отсто, а над 120.000 евра би изнесувала даночната стапка 35 проценти.
Ќе има и нови корпоративни даноци за богаташите, олигарсите и капиталистите. и тоа данок на експлоатација, данок на екстра профит, данок на богатство, како и данок на луксуз - за екстремно скап накит, облеки, обувки, слики, коли, јахти, хациенди, воздухоплови и слично.
Познато е дека вакви пари, богатства и профити имаат моќните директори и големите компании во земјава.