ЗА ДИМИТРОВ СРЕДБАТА БИЛА НУЛА: Ѓоргиев вели нема согласност за Цар Самоил
Објавено во: Македонија 04 Декември, 2020
Драги Ѓоргиев од Комисијата за историски прашања денеска изјави дека имале многуслојна дискусија, но тоа не донело резултати.
„Од оваа средба всушност нема резултати, но кога нема, и тоа покажува нешто“, изјави Ѓоргиев.
Записниците не се потпишани поради придавката „македонски“, затоа што според историчарот има различно толкување на Договорот од Преспа.
„Засега останува тој проблем, се разговара на едно повисоко ниво и се надевам дека ќе се најде решение“, кажа Ѓоргиев.
Разменети се неколку варијанти, предлози, но имале различни мислења и гледања за тоа како треба да изгледаат идните учебници во двете земји.
Бугарскиот историчар Ангел Димитров вели дека има суштински проблеми. Тој рече дека 11-та средба е нула и нема ниту еден минијатурен чекор. Според него, факт е дека блокирањето на потпишувањето на записниците, ја става под сомнеж работата. На два записници немало потписи.
„Тие кажуваат за немање на желба да се работи поинтензивно и да се добие резултат“, вели Димитров.
Додаде дека се многу далеку од завршување на работата во врска со учебниците кои децата ги користат во 7 одделение. Имале забелешки за 14 точки, а сега се на 4-та точка. Денес дискутирале за Цар Самоил, и нема резултат на оваа тема.
„11-та средба покажува дека се движиме многу полека, како желка и не се покажува некој договор кој треба да биде исполнет“, вели Димитров.
Се надева дека идната година ќе има договор.