Вучиќ: Персоналот од Амбасадата во Македонија повлечен поради разузнавачко дејство против Србија
Објавено во: Балкан 21 Август, 2017
Вработените во Амбасадата во Македонија се повлечени по добиените докази за многу офанзивно дејство против органите и институциите на Србија, изјавил денес српскиот претседател Александар Вучиќ.
Вучиќ како што пренесуваат српските медиуми навел дека вработените во амбасадите се повлечени на консултации откако од надлежните разузнавачки органи „се добиени доволно докази за многу офанзивно дејство против органите и институциите на Србија“.
„Наше е нашите луѓе да бидат подготвени. Ќе има неколку промени во нашиот персонал и да го заштитиме пријателството со Македонците, а и како да се однесуваме во новата околина. Има многу шпекулации и мислам дека во наредните 10 дена се ќе биде многу појасно“, рекол Вучиќ.
Тој додал дека Србија ќе продолжи да развива пријателски однос но и дека мора да ги заштити своите интереси.
„Ќе градиме добри односи со Скопје, но ќе мора тие односи да бидат засновани на взаемно почитување. Ќе видме дали Албанците ќе тргнат да го зацврстат Косово во Унеско, тогаш ќе чекаме што ќе кажат Скопје и Подгорица. Наше е да се подготвиме и да умееме да одговориме“, рекол тој.
Персоналот на Амбасадата на Србија во Скопје е повлечен синоќа на консултации во Белград.
Официјална потврда зошто дошло до тоа и понатаму нема, а премиерката на Србија Ана Брнабиќ навела дека не е во прашање „мала работа“.
Спутник пак пишува дека причина за повлекување на дипломатите од Скопје е тоа што Владата на Македонија подготвила предлог за поддршка на зачленувањето на Косово во Унеско.