ВМРО-ДПМНЕ: Македонија ги преживува најтешките моменти од осамостојувањето
Објавено во: Македонија 21 Октомври, 2018
Oд ВМРО-ДПМНЕ велат дека Македонија ги преживува најтешките моменти од осамостојувањето.
Според портпаролот, Наум Стоилковски, власта ја силува демократијата, а тоа уште повеќе го поларизира општеството. Вели дека сега на виделина излегла позадината за 27 април и затворањето на пратеници и уметници.
„Уште еднаш целосно беа погазени Уставот, законите, Деловникот и демократијата. Згазени се човековите права. Згазени се основите на човечноста и достоинственоста на цел народ. Тоа не се европски, западни, цивилизациски вредности. Креиран е чин кој води кон етноцит“, вели Стоилковски.
ВМРО-ДМНЕ нема да поднесе докази до Јавното обвинителство во однос на обвинувањата за закани, уцени и поткуп на пратениците за да гласаат за уставните измени.
„Веројатно дека е време да работи Обвинителството. Но, сега е време кога е згазена демократијата, кога е згазено човечкото достоинство, кога се згазени и правото и правдата во Република Македонија“, рече Стоилковски.
Вели дека сега веќе поранешните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ не ја испочитуваа волјата на граѓаните на референдумот и ставот на партијата. ВМРО-ДПМНЕ не размислува за нивно враќање во партијата.