19 Мај, 2024
0.0270

Вистината и правдината

Објавено во: Колумни 29 Ноември, 2017

Добивај вести на Viber

Турандот, Севилскиот берберин, Аида, Риголето, се врвни уметнички достигнувања, а солисти во овие опери биле и се само великани на оперското пеење. Секој љубител на уметноста и музиката, барем еднаш ги има слушано изведбите на горе споменатите дела и верувам дека уживал во уметничките вредности на мајсторите на операта. Како главен солист на овие опери бил и големиот уметник на Македоснката оперска сцена, големиот Игор Дурловски, човек кому му се поклонувале вљубениците во операта, во градот, во кој со посебно сладострастие уживаме секој 1 јануари преку звуците на Виенскиот концерт, градот Виена. И уште многу пофални зборови и заслужени епитети можат да се напишат за Дурловски, и токму затоа многу збунувачки и недвојбено зачудувачки беше неговата улога во протестите, кои од денешна гледна точка, биле се само не патриотски.

  Навистина е тажно и жално за уметници, од калибарот на Дурловски, да учествуваат во активности кои се далеку од уметност, далеку од културна надградба, далеку од хуманизам и алтруизам, напротив, активности чија крајна цел видовме била вулгаризација на мотото под кое се одржувала и практицирање на насилство во највисокиот законодавен дом.  Несвојствено ми е за уметник, кој го имал светот на дланка и му се поклонувале уметнички, научни, политички елити, да дозволи да биде изманипулиран и заведен и да одработува за некои други лични интереси и како во Рациновата-за туѓи бели дворови да си копа црни гробови. Можеби премногу грубо звучи, но тоа е метафората, која неизбежно го носи прашањето-Колку била висока цената и кој бил мотивот да се приклучиш кон едно сценарио чиј краен епилог бил уништување на човечки живот. Колку и да сакаме да релативизираме и да сакаме барем тронка оправдание да најдеме во тие дејанија, оправдание не постои, едноставно е сулудо и крајно малициозно да се заложуваш себе си, со сиот потенцијал кој го поседуваш и со сиот бег раунд кој те окфаливикува како врвен, да се ставиш во функција на извршител на нечии луцидни и надвор од умот идеи и размисли. Ништо не го оправдува уметникот ако на било кој начин го подржува тиранинот и угнетувачот.

  Моралната дилема која се разви апропо настанатата ситуација, апсењата на личности кои имаат свој удел во крвавиот четврток, се однесува на вечните морални премиси-дали виновнкот треба јавно да се покаже и дали треба членовите на семејството да го видат родителот, чичкото, братот во улога на злосторник, бидејќи на тој начин, тој модел на идентификација и имитација се става во негативен контекст? Јас секогаш, без двојба велам дека се треба да се прави умерено и дека посебно децата не треба да се стресуваат и да чуствуваат дел од вината која ја направил нивен близок, бидејќи траумите од тие настани можат да бидат далекусежни. Но вечните морални релативизатори и критичари имаат двоен аршин, во едни случаи молшат и молчешкум прифаќаат се што нивните политички пулени практицираат, а сега грлати го издигнуваат на пиедестал на најважно морално прашање плачот на детето чиј татко бил спроведен на разпит.

  Хипокритизери, ајде еднаш заземете идентичен став, вистината е една и за сите подеднаква, како и правдината, каде бевте кога сите ние треперевме за нашите најмили кога им се уништуваше нивниот медиум и останаа без корка леб, каде бевте кога полициски специјалци влегуваа на полнок во домовите на нашите најмили врз основа на разни акции и благодарение на таа бруталност многу мои блиски беа навјасани од сериозни здравствени проблеми, дали ги гледавте  плачните очиња на децата на невино затворените, дали соцувствувавте со мајката која го загуби своето дете во затворот и уште многу такви ситуации, неброени а реални во последните 11 години. Не, немавте сомилост тогаш и бевте неми сведоци на една фашизоидна структура која подмолно не уништување и воопшто не и беше гајле за нашите судбини. Е затоа и денес некои молчат, бидејќи солзите им пресушиле и станале имуни на сето зло кое со години ги толчело и уште еднаш добро нека ви се вреже во глава дека Вистината е една и за сите, како и правдината, можеби забавува ама не заборава.

Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје


Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе