Вилма Русковска кажа каде ќе ги донира парите ако ја добие тужбата против ВМРО - ДПМНЕ
Објавено во: Македонија 10 Септември, 2020
Ако ја добие тужбата против ВМРО-ДПМНЕ, обвинителката Вилма Русковска ќе ги донира парите.
Ова го соопшти денеска. Русковска вели дека 10.000 евра отштета кои ги бара од партијата, доколку ги добие на суд, ќе ги донира во хуманитарни цели. Изјави дека побарала извинување и повлекување на спотовите во изборната кампања, но дека тоа не се случило, и затоа поднела тужба.
„Сметам дека таа сума е реален износ, повеќе симболичен, а доколку со правосилна пресуда ми биде досуден износот, сакам да го донирам во СОС Детското село“, изјави Русковска.
Партијата го користеше нејзиниот лик во предизборната кампања.
Во еден од спотовите беше прикажано како човек од партијата на граѓанин меѓу другите понуди, му ја спомена и Русковска. При тоа се сугерираше дека власта има влијание врз судството.