Ван Хојте на покана на ЗНМ лобира за медиумските реформи
Објавено во: Македонија 28 Јуни, 2017
Белгискиот правник Питер Ван Хојте повторно ќе престојува во Македонија, но овој пат по покана на Здружението на новинари со цел да лобира кај новата влада за итно спроведување на медиумските реформи.
Ван Хојте денеска, заедно со претставници на ЗНМ, се сретнал со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и со претставници на Амбасадата на САД во земјава.
Во текот на наредните денови Ван Хојте ќе има средба со претставниците на ЗНМ и на Новинарскиот форум, со дипломатскиот кор, како и со владини претставници.
„Утре претпладне Ван Хојте ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, со кој ќе разговара за потребата за медиумски реформи во Македонија. По средбата со Заев, Ванхауте и претставници на ЗНМ ќе одржат прес-конференција, на која ќе ги споделат впечатоците за престојаниот процес на медиумски реформи. На крајот на престојот во Македонија, Ван Хојте и претставници на ЗНМ ќе одржат заеднички брифинг со дипломатскиот кор за потребата од реформи“, информираат од ЗНМ.
Ван Хојте беше привремен посредник во преговорите кои се водеа во Пржинскиот процес но, поради неговите ставови беше побарано од ВМРО-ДПМНЕ да се повлече. Тој стана „хит“ во македонската јавност со објава на комични твитови со мачки преку кои се „закачаше“ со ВМРО-ДПМНЕ и пренесуваше пораки за тоа што е неопходно да биде договорено за преодната влада која ги организираше изборите во декември.