10 Мај, 2024
0.0287

„УДАРНАТА ВЕСТ ОД БЕЛГРАД ТРЕБА И НАС ДА НÉ РАСОНИ“: Психологот Блажевска за страшните последици од булингот и меѓуврсничкото насилство

Објавено во: Македонија 04 Мај, 2023

Добивај вести на Viber

По големата трагедија што вчера се случи во едно од најуспешните основни училишта во Белград, „Владислав Рибникар“, при што 13-годишниот Коста Кецмановиќ застрела осум свои соученици и работникот од обезбедувањето, но рани и уште шест ученици и наставничката по историја, Фактор побара одговори од психологот и психотерапевт, доц. д-р Весна Блажевска, во однос на тоа што може да биде толкав голем тригер за едно дете да направи вакво монструозно злосторство. Според неа, булингот и меѓуврсничкото насилство се фактори кои имаат клучна улога за вакво нешто.

-Вчера изутрина „добро ме расони“ веста од соседна Србија  - тринаесет годишник усмртил со пиштол осум ученици од своето училиште, чуварот и наставничката по историја. Веднаш се сетив и на младиот Кирил, ученикот од познатиот „Корчагин“ кој неодамна си го одзеде животот соочувајќи се булинг кој веројатно долго го доживувал и од учениците и од наставниците. Се сетив и на моето предупредување дека наскоро ќе читаме новинарски наслови и текстови каде ќе се пишува за ученици кои ќе вршат масовни убиства низ училиштата...Од денес, за жал „ова“ веќе не е далечната американска приказна, ова е нашата реалност. Во суштина и големиот ум Зигмунд Фројд тврдел дека „секое самоубиство е спречено убиство“ а кога станува збор за булинг/мобинг, оваа негова изјава има длабока психологија со која задолжително мора да е запознаен секој психолог, психијатар и било кој што се занимава со ментално здравје или ментална болест, појаснува Блажевска, која е и Декан на на факултет по психологија на МИТ Универзитет.

Вели дека посебно во последните четири-пет години во нејзината пракса сѐ почесто се среќава со млади кои во нивните дваесетти години сфаќаат со какви последици се соочуваат како резултат на булингот со кој се соочувале во основно или во средно училиште. Изненадени се, вели Блажевска од сопствените доживувања и повторно интензивно ги преживуваат емоциите кои биле актуелни додека биле ученици.

-Кај секој од нив се појавува крајно нарушена и негативна слика за себе, ниска самопочит, ниска самодоверба, социјална анксиозност, изразена депресивна симптоматологија, социјална изолација, неоправдани стравови, панични напади, симптоматологија на комплексна траума, комлексен трауматскои стрес,а сето ова бара долготрајно и упорно лекување, опстојување во тежок и мачен психотераписки процес кој понекогаш трае и со години.  Да биде ситуацијата уште посериозна, оваа комплексна симптоматологија низ годините ги модифицирала и одредувала постапките, ставовите, однесувањето и начинот на справување со стрес кај младите лица кои како созреваат имаат нови и сѐ покомплексни проблеми со кои многу тешко и несоодветно се справуваат. Со годините поминати во пракса сфаќам дека нашиот образовен систем потфрла во стратегијата за справување со меѓуврсничкото насилство. Свесна сум дека многу просветни работници, педагози, психолози и други професионалци вклучени во образовниот систем се добро обучени да забележат и да се справат со булингот, но проблемот за големите пропусти мора навремено да се детектираат со цел да се превенираат последиците по менталното здравје на младите – овој свет на нив останува и ако не се погрижиме добро за менталното здравје на децата, ќе следи сѐ поголем и подлабок распад на вредностите, етиката и моралот, вели таа.

Цени дека сите семејно-општествени вредности се нарушени од силно и брзо навлегување на ново-наметнатите западни вредности кои речиси е невозможно да се постигнат во нашава средина.

-Традиционалното воспитување на децата и авторитарниот родителски стил (кој впрочем во пракса е докажан како најдобар),  полека се напушта, а се вопоставуваат демократски или слободни стилови на воспитување каде се губи улогата на родителот, на децата се дава огромна слобода на одлучување, експериментирање и слабо насочување кон цели и идеи на детето. Одговорноста на родителите во превенција и справување со булингот е огромна. Секој родител е должен стабилно и цврсто да го насочи сопственото дете кон етика, емпатија, да му помогне да развие добар морал, а тоа ќе го постигне со покажување почит и разбирање кон него и околината, посветување соодветно време и внимание, поставување на јасни граници што смее, а што не смее. Овој процес во денешницата, упорно им бега на голем број од родителите. За жал стануваме нарцисоидно општество каде индивидуализмот е на голема цена, колективизмот и заедништвото го сметаме за примитивизам и несоодветно однесување, никако да се разбере дека заедно сме посилни и би имале поинтензивен развој во секој поглед.  Социјалните медиуми одат во прилог и го зајакнуваат меѓуврсничкото насилство - поминување неограничено и неконтролирано долго време на социјални мрежи од удобноста на домот, криејќи се позади малото екранче на телефонот, многу лесно повлекува појава на слаба емпатија и безобзирно и безобразно навредување и понижување на другите, понекогаш без никаква провокација, дури и само да се биде „кул“ и да се привлече внимание од другите. Родителите мора да воспостават поголема контрола на времето и содржините кои децата ги поминуваат на интернет. Како што напоменав, улогата на родителите е клучна, смета Блажевска. 

Сѐ на сѐ, како што посочува во нашиот разговор, за да се справиме соодветно со булингот и да не читаме за масовни убиства извршени од деца, да не читаме за самоубиства на малолетници, мора сериозно да се пристапи кон превенција и спречување на меѓуврсничкото насилство.

-Потребно е да се изгради соодветна стратегија за тоа и да се инсистира за нејзино строго спроведување. Да напоменам дека е многу важно да се работи и со лицата кои се жртви на насилството, но и со оние кои го вршат тоа насилство. За волја на вистината, на сторителите им треба многу помош и поддршка, тие се за жал нечија жртва која се справува на крајно несоодветен начин со болката која ја доживуваат. Тука се работи за жртва која станува џелат. Верувајте дека болката на она 13 годишно дете во Белград е огромна и неподнослива, но начинот да се справи со неа е крајно несоодветен и деструктивен, не можам да замислам потешка последица од булинг како оваа што се случи денес во Србија. Трагично е за семејствата, трагично е за сите, трагично е за тоа 13 годишно дете,  трагично е за ова современо општество кое полека и сигурно скапува и тоне неуспевајќи да се справи со проблемите и предизвиците со кое се соочува секојдневно. Се надевам дека оваа ударна вест денес, конечно ќе ги „расони“ и нашите институции, но и родителите, кои во најскоро време мора заедно и многу посериозно да се занимаваат со превенција и справување со последиците од меѓуврсничкото насилство, потенцира Блажевска. 

Анита Буховски

Можеби ќе ве интересира

МОЖНО Е ИЗЛЕВАЊЕ НА КРИВА РЕКА, АКО ПРОДОЛЖИ РАСТОТ НА ВОДОСТОЈОТ: ЦУК со предупредување

МОЖНО Е ИЗЛЕВАЊЕ НА КРИВА РЕКА, АКО ПРОДОЛЖИ РАСТОТ НА ВОДОСТОЈОТ: ЦУК со предупредување

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Лидерите од регионот и пошироко ја честитаат победата на Гордана Силјановска Давкова

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Лидерите од регионот и пошироко ја честитаат победата на Гордана Силјановска Давкова

АЛБАНСКИОТ МИНИСТЕР ЗА ЕВРОПА И НАДВОРЕШНИ РАБОТИ: Го поздравувам историскиот резултат на Албанците во Северна Македонија

АЛБАНСКИОТ МИНИСТЕР ЗА ЕВРОПА И НАДВОРЕШНИ РАБОТИ: Го поздравувам историскиот резултат на Албанците во Северна Македонија

МИЦКОСКИ: Граѓаните јасно и гласно зборуваа зад параваните

МИЦКОСКИ: Граѓаните јасно и гласно зборуваа зад параваните

„KATИМЕРИНИ“: Атина ја чека заклетвата на Силјановска-Давкова да види како ќе ја нарече државата

„KATИМЕРИНИ“: Атина ја чека заклетвата на Силјановска-Давкова да види како ќе ја нарече државата

ВЈОСА ОСМАНИ ДО СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА: Честитки што стана првата жена претседател на земјата

ВЈОСА ОСМАНИ ДО СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА: Честитки што стана првата жена претседател на земјата

„ОСТАВКИ СЕГА ВЕДНАШ, НЕ СО ОДЛОЖЕНО ДЕЈСТВО И УСЛОВЕНИ“: Деспотовски побара храброст од врвот на СДСМ да го прифати поразот

„ОСТАВКИ СЕГА ВЕДНАШ, НЕ СО ОДЛОЖЕНО ДЕЈСТВО И УСЛОВЕНИ“: Деспотовски побара храброст од врвот на СДСМ да го прифати поразот

СТРАШНО НЕВРЕМЕ ВО ГЕВГЕЛИЈА: Паѓаше град со големина на орев

СТРАШНО НЕВРЕМЕ ВО ГЕВГЕЛИЈА: Паѓаше град со големина на орев

ПАДНА ПАЗАР МЕЃУ УШТЕ НЕОФОРМЕНАТА ВЛАСТ? Еве што сподели професорката Ванковска

ПАДНА ПАЗАР МЕЃУ УШТЕ НЕОФОРМЕНАТА ВЛАСТ? Еве што сподели професорката Ванковска