Туркменистан сака да го стопира неограниченото снабдување со бесплатен гас
Објавено во: Свет 19 Јануари, 2014
Туркменистанскиот претседател Гурбангули Бердимухамедов изјави дека властите ќе почнат да поставуваат апарати за мерење на употребата на гас за домаќинствата, со што ќе се стави крај на неограниченото снабдување на граѓаните со бесплатен гас во централноазиската држава, која е богата со енергетски ресурси.
Бердимухамедов во телевизиско обраќање изјави дека Владата се надева оти апаратите за мерење на потрошениот гас ќе ги натера граѓаните да бидат поекономични.
Туркменистан се наоѓа на четвртото место во светот според резервите на природен гас. Снабдувањето на домаќинствата со гас, електрична енергија и вода е бесплатно од 1993 година. Кога во 2006 година стана претседател Бердимухамедов вети дека ќе ја продолжи таа политика до 2030 година.
Тој владее со „железна рака“, не дозволува несогласување или независни медиуми во земјата, која има пет милиони жители.