Трамп сега бара оружје за американските учители
Објавено во: Свет 22 Февруари, 2018
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека вооружувањето на учителите би спречило напади како оној на Флорида, кога минатата недела беа убиени 17 лица.
- Вооружен персонал би можел многу брзо да го прекине нападот - истакна Трамп.
Републиканскиот претседател исто така ги поддржа повиците за построга контрола на потенцијалните купувачи на оружје.
- Ќе бидеме многу строги при проверката, со посебен фокус на психичкото здравје на некого - додаде Трамп во обраќањето пред дел од учениците од средното училиште на Флорида, кое беше цел на неодамнешниот напад.
Шефот на Белата куќа исто така го поддржа предлогот, кој одамна го заговара Националната асоцијација за оружје (НРА), за вооружување на наставниците и образовниот персонал во САД.
- Ако има учител кој е искусен со оружје, тогаш тој би можел многу бргу да го прекине нападот. За да носи учителот сокриено оружје со него, тогаш ќе мора прво да помине специјална обука и после тие ќе бидат таму - истакна Трамп.
На средбата во Белата куќа, Трамп ги слушна барањата на околу 40 ученици, наставници и семејства. Тие бараат реформи на законите за оружје, иако некои ја поддржале идејата за вооружување на наставниците.
Од друга страна, стотици тинејџери од предградијата на Вашингтон протестираа пред Белата куќа, непосредно пред да почне средбата со Трамп, јави Би-би-си.