Тевдовски се фали со проекции за значително понизок јавен долг од претходната влада
Објавено во: Финансии 31 Мај, 2018
Гостувајќи во Алсат М телевизија првиот човек на финансии во државата се фали со нова фискална стратегија за која како што вели има проекции за долг кои се значително помали во однос на последната фискална стратегија на претходната влада.
„Во просек се работи за 3,5 процентни поени помалку секоја година, кажа министерот за финансии Драган Тевдовски .
- Согласно последната фискална стратегија на претходната влада од октомври 2016 година, за 2017 се предвидуваше јавен долг од 53,1 отсто. Оваа Влада ја заврши 2017 со 47,6 отсто јавен долг или дури за 5,5 процентни поени помалку. Првпат после осум години имаме намалување на јавниот долг на годишно ниво во 2017. Согласно последната стратегија на претходната влада од октомври 2016 година, во 2019 година планирано беше јавниот долг да достигне 56 проценти, и којзнае колку потоа. Со новата фискална стратегија максимумот што го проектираме е 54,8 отсто од БДП во 2020 година, кој потоа следната година веќе опаѓа, односно е во надолна линија. Планирана е постепена буџетска консолидација која предвидува буџетскиот дефицит да се намали на два отсто од БДП во 2021 година, посочи министерот Тевдовски, потенцирајќи дека досега во овој период немало фискална стратегија и не можело да се дадат никакви коментари.
Владата планира да го зголеми јавниот долг на државата до рекордни 54,8 отсто од Бруто одмашниот производ (БДП) во 2020 година. Планот е дел од новата фискална стратегија од 2019 до 2021 година. Според проекциите, вкупниот јавен долг ќе се зголемува во сите следни години. Така ако лани, Македонија должела сума која е 47,6 отсто од БДП, за годинава јавниот долг е проектиран да биде 50,6 отсто од БДП. Сепак во 2019 година оваа Влада предвидува раст на долгот до 54,2 отсто, додека до 2020 година да стаса до дури 54,8 отсто од БДП. Ова ќе биде рекорден јавен долг во историјата на државата. За 2021 година е планирано јавниот долг да биде 53,8 отсто од БДП. Од Министерството за финансии кое е креатор на стратегијата велат дека и покрај зголемувањето, нивото на јавниот долг ќе се задржи во одржливи рамки без да се наруши фискалната одржливост. Затоа, велат, долгот нема да премине 60 отсто од БДП.
„Врз основа на среднорочната буџетска рамка од која произлегува потребата за финансирање на буџетските дефицити на среден рок, потребите за отплати на претходни долгови, како и имплементацијата на проектите кои се надвор од централната власт, движењето на јавниот долг на среден рок ќе има умерен пораст, но сепак ќе се движи во адекватни рамки, односно нема да ја загрози одржливоста на долгот, стои во стратегијата.
Инаку според проекцијата само догодина или во 2019 година, Владата планира да позајми 600 милиони евра на домашниот и на странскиот пазар.