СВЕТСКИ ДЕН НА ШТЕДЕЊЕТО: Што да направите за да заштедите повеќе пари?
Објавено во: Финансии 31 Октомври, 2016
Една од побитните човечки доблести е да имате јасна слика за својот домашен буџет, својата заработувачка, редовни и останати приходи, како и уште појасна слика за секојдневните трошоци за намирници, медицински препарати, режиски трошоци ...
Јасно дефинираните желби и цели ќе станат Ваша реалност само доколку ги имате на ум како Ваш приоритет при секојдневното изложување на нови трошоци, кои често знаат да бидат и сосема непотребни и да Ве изложуваат на непотребни задложувања.
Често купуваме работи за секој случај, затоа што можеби ќе ни затребаат, за да се најдат... Дали знаете на што ги трошите Вашите пари? Одвојувањето на еден мал дел од Вашиот домашен буџет денес, може да значи остварување на Вашите животни желби утре. Вашата животна цел ќе биде уште подостижна доколку си поставите и временска рамка за нејзно остварување.
Орочениот депозит во банка, или штедењето во банка е најкласичен начин на штедење. Многу често луѓето се одлучуваат своите пари да ги штедат во банка, бидејќи овој начин на штедење го сметаат за најсигурен и најбезбеден.
Како да дојдете до поголема заштеда?
Ако сакате вашите финансии да ги доведете во ред, мора да направите финансиски план.
Економистите можат да дадат совети за тоа како да заштедите, но мора да се придржувате до овие совети.
Бидете одредени. Да заштедите пари е добар чекор, но мора да одредите колку пари ќе штедите месечно. Направете пресметка колку пари можете да тргнете настрана.
Вашиот план за штедење бара и конкретна акција. Ако сте одлучиле дека нема да јадете надвор, туку ќе носите храна со себе или ќе „скратите“ некое излегување, тоа мора да го направите.
Не купувајте кога сте под стрес, нервозни, уморни, затоа што тогаш немате самоконтрола за тоа што и колку купувате.
Кога ќе трошите пари на непотребни работи, сетете се на некоја личност која е одговорна со финансии. Истражувањата покажуваат дека поголема самоконтрола ќе имате ако размислувате за некој кој ја поседуваа оваа особина.