СТИПЕ МЕСИЌ: Европа тоне во вртлогот на популизмот, a на Балканот ништо не се промени
Објавено во: Балкан 24 Септември, 2017
Поранешниот хрватски претседател, Стипе Месиќ во Приштина вчера изјави дека на политичката сцена на Балканот ништо не се промени и ние живееме во атмосфера на продолжена студена војна.
„Живееме во атмосфера на продолжена студена војна, додека Европа тоне во вртлогот на популизмот“ - изјави Месиќ.
Воведно излагање на Конференцијата имаше претседателот на Светската федерација на мирот, Томас Волш, а покрај Месиќ на собирот учествуваат и поранешните претседатели на Албанија и на Косово, Алфред Моисиу и Фатмир Сејдиу, како и пратеникот во косовското Собрание, Слобдан Петровиќ.
Месиќ синоќа во Приштина се сретна со косовскиот премиер Рамуш Харадинај, кој, како што јави Танјуг, му се заблагодарил за „силната поддршка што им ја дал на Косово и косовскиот народ во сите фази - од мировното движење во 90-те години на минатиот век, преку ослободителната војна и патот на земјата кон независност, па се до денес“.
Месиќ му честитал на својот соговорник за изборот за премиер и му посакал најдобри желби на евроталанскиот пат, додавајќи дека „политичките функции се минливи, но оти неговото пријателство со Рамуш Харадинај и народот на Косово ќе бидат вечни“.