Србија мора за два месеца да го заврши Коридорот 10 или го губи кредитот!
Објавено во: Балкан 12 Април, 2014
Ако во рок од два месеца Србија не ги заврши работите на делниците од Коридорот 10, вредни 16,1 милиони евра, постои можност Светска банка да го повлече претходно одобрениот кредит за таа намена.
Кога на Србија пред четири години и беше одобрен заем во висина од 388 милиони долари да ги изгради трасите на Коридорот 10, јасно беше утврдена и динамика по која ќе се спроведуваат активностите како и услови за повлекување на одобрениот кредит. Една од обврските на Србија е до 16 јуни да искористи 40 отсто од заемот. „Проблемот е што во првите години се искористени само 13 отсто, а ние во последната година извлековме уште 22,29 отсто. Сега се наоѓаме на вкупно 35,29% и имаме уште 66 дена да стигнеме до 40%“, вели за „Блиц“ директорот на „Коридори Србија“ Дмитат Ѓуровиќ. Во спротивно кредитот ќе биде неизвесен, па српските власти барале од изведувачите „да уфрлат во петта брзина“ и исклучително да го забрзаат изведувањето на работите. Не постои опасност Србија да плаќа пенали, но има сериозна закана дека средствата можат да бидат стопирани. Она што особено доцни е изградбата на обиколницата околу Димитровград, затоа што градежната фирма на која и биле доверени работите во меѓувреме банкротирала. Инаку, Коридорот 10 поминува и низ Македонија, а на истиот е и делницата Демир Капија - Смоквица која ја гради грчката фирма „Актор“.