Србија бара да не се дозволи формирање армија на Косово
Објавено во: Балкан 07 Март, 2017
Србија жестоко се спротивставува на формирањето „таканаречената армија на Косово“ на територијата на својата јужна област и од меѓународната заедница бараме да ја запре оваа постапка, изјави директорот на српската владина Канцеларија за Косово, Марко Ѓуриќ, цитиран од Танјуг.
„Бараме меѓународната заедница, без одложување, да ја запре оваа опасна ескалација на политичките односи во јужната област. Факт е дека великоалбанскиот проект е главната закана за стабилноста на регионот и формирањето некаква албанска паравојска во Косово ќе биде долевање масло на огнот и закана за тешко воспоставениот мир“- рече Ѓуриќ.
Косовскиот претседател Хашим Тачи денеска на претседателот на косовскиот Парламент, Кадри Весели, му го предаде нацрт законот за трансформирање на лесно вооружените косовски безбедносни сили во редовна армија.
Србија не ја признава еднострано прогласената независност на Косово, која досега е призната од 114 држави.