15 Мај, 2024
0.0321

Спасовски: Денеска одлука за полицискиот час, не е поради Рамазан

Објавено во: Македонија 22 Април, 2020

Добивај вести на Viber

На денешната владина седница ќе се разговара за носење одлука со која ќе се олесни забраната за движење односно скратување на полицискиот час и тоа да почнува во 19 часот и да трае до 05 часот наутро, за да се дадеме поголем простор, односно временска рамка за движење на повозрасните луѓе од 67 години да можат да се движат некаде од 05 часот наутро до 12 часот напладне и младите до 18 години да се движат од 13 до 19 часот, информира премиерот Оливер Спасовски во интервју во Утрински брифинг.

Тој потенцира дека ова се предлози кои стигнале од Комисијата за заразни болести пред се имајќи неколку параметри во вид, а тоа е бројот на новозаболени, бројот на излекувани, старосната група, структура на оние што се носители на болеста. Тие предлози биле разгледани на Главниот штаб, а денеска ќе се разговара и на седница на Владата.

– Овие одлуки што ќе се донесат на Влада апсолутно не се детерминирани ниту од какви било верски празници, ниту од какво било залагање на еден или на друг. Ако ги носевме мерките само заради тоа што некој предложил да се носи таква мерка или само заради тоа што им се допаѓа на одредена група на луѓе, тогаш тоа не се сериозни мерки кои ќе дадат резултат. Знаете дека со носењето на мерките за рестрикции од самиот почеток реков дека ова се мерки коишто не се посакувани од кој било во Владата. Ова се мерки што едноставно мора да бидат донесени се со цел да се заштити животот и здравјето на граѓаните. Јас сум среќен што овие мерки даваат резултати во овој период. И денеска кога ги гледаме тие резултати можеме да размислуваме на нов сет на мерки коишто би значеле и релаксирање на целата оваа ситуација. Така впрочем се и најавите – да почнеме постепено да ги релаксираме мерките, тоа нема да оди веднаш, нема да оди со една одлука, туку постепено да ги намалуваме мерките и постепено да се учиме сите ние дека треба да се однесуваме на поинаков начин и да таа свест за самозаштита биде на едно повисоко ниво, појасни премиерот Спасовски.

Намалувањето на рестриктивните мерки, порача тој, не значи сега да се опуштиме и да се однесуваме сосема неодговорно и кон себе, и кон семејството и кон останатите граѓани. Мерките, апелиреаше, мора да ги почитуваме.

Двете најважни работи коишто се константа во сите мерки во сите држави, истакна Спасовски, се физичката и социјалната дистанца, да одржуваме растојание минимум од два метри и да се носи заштита опрема.

Прашан за неговиот личен став односно како ги толкува заканите од поглаварот на ИВЗ, Спасовски одговори дека на почетокот на кризата разговарале со верските водачи во нашата држава, во смисла на почитување на одлуките се со цел да се зачува животот и здравјето на граѓаните.

– И мислам дека тука одговорност имаат сите, не само државните органи, не само носителите на функции, туку одговорност имаат токму и водачите на верските заедници и мислам дека досега имаат почитување со некакви можеби исклучоци. Знаете дека ИВЗ донесе одлука не работеа џамиите во овој период. Јас очекувам дека таа одлука ќе биде одлука врз основа на која што и понатаму ќе се продолжи со работењето се со цел да немаме никаков ризик по животот и здравјето на граѓаните. Така што, важно е да се почитува. Тоа што ќе имаме јавни настапи и начин на којшто ќе се соопштуваат некакви одлуки и лични ставови тоа се нивни работи и тука јас не се мешам воопшто. Меѓутоа, треба да се знае дека тоа што е одлука на Влада, тоа што е одлука што важи за сите мора да важи подеднакво за сите без разлика од каде доаѓаат, истакна Спасовски.

Во однос на реакцијата на СЗО која што има предупредување до сите влади кое што гласи – внимателно со разлабавувањето на меркитe, премиерот Спасовски нагласи дека сите мерки не само Северна Македонија, сите држави носат одлуки врз основа на анализите на епидемиолозите и притоа користејќи ги искуствата од насоките од СЗО. И тука, дециден е, нема исклучок.

– Ние врз основа на препораките на СЗО ги димензионираме и нашите мерки коишто се мерки прилагодливи за македонското општество. Тоа што ни се случуваше досега, тоа што се случува сега и мислам дека пораката која што се упатува од СЗО е порака која што треба секако да ја имаме сите во вид. Разлабавувањето, целосно враќање на државата во нормално функционирање може да биде погубно за секој од нас и затоа мора да внимаваме многу, врз основа на анализите коишто ги добиваме од здравствените власти како и во кој степен да се намалуваат овие рестриктивни мерки. Затоа реков, ќе ги носиме одлуките. Тоа нема да биде брзо, нема да биде одеднаш, но мора да започне процес којшто полега ќе го враќа животот во нормала, најави тој.

На новинарско прашање колкав е притисокот кој како техничка Влада го чувствувате од бизнис заедницата, премиерот Спасовски рече дека секоја влада без разлика која е, од каква политичка структура е составена, секогаш има притисок, има одговорности, има обврски коишто мора да ги остварува.

– Ние имаме  обврски во овој момент да се справуваме и со КОВИД 19, меѓутоа и да направиме се што можеме да направиме и нормалниот живот на граѓаните да тече максимално. Секако дека ова е криза во која што секој од нас губи по нешто. Нормално е да имаме барања и од бизнис заедницата заради тоа што неколку пати го соопштивме и нашиот став е дека покрај животот и здравјето на граѓаните еден од елементите е да направиме се да помогнеме и на економијата, да направиме се за да ја одржиме таа економија во живот, да ги сочуваме компаниите, да ги сочуваме работните места, да помогнеме на работниците и тоа го правиме со мерките коишто ги носиме со првиот и вториот сет на економските мерки. Разгледуваме секако нови предлози коишто ги добиваме дали се од бизнис заедницата, дали се од синдикатите, дали се од Организацијата на работодавачите се со цел да таму каде што има простор се помогне уште повеќе. Така што, јас би рекол дека сето тоа е еден дијалог помеѓу работниците, помеѓу работодавачите, помеѓу Владата, појасни Спасовски.

Прашан дали тоа партнерство е конструктивно, тој со став дека тоа партнерство е конструктивно  заради тоа што, подвлече, ги разбираме сите состојбите во коишто се наоѓаме.

– Најголем дел од компаниите гледаат во каква состојба се наоѓа државата, работниците исто така. Едноставно треба да се знае дека ова е криза во која што сите по малку ќе изгубиме. Не може никој да профитира од оваа криза. Секој што се обидува да профитира, дали е тоа на економски план, дали е на политички план да знае дека ќе изгуби заради тоа што нема профити на грбот и на здравјето на граѓаните. Тоа е нешто што е недозволено и што никако не треба да се случува од кој било. И затоа апелирам често да бидеме одговорни. Покрај тоа што ќе бидеме одговорни во зачувувањето на животот и здравјето на граѓаните, да бидеме сите заедно одговорни и кон иднината на оваа држава и кон сето она што значи однесување во еден ваков момент. Така што, сметам дека најголемиот дел од луѓето ги разбираат состојбите. Секој од нив бара начин како и на кој начин да се одржи да може да опстои во ова време. Владата е тука, ќе прави се што треба да прави и тоа го правиме во целиот овој период за да се помогне да се заштити прво здравјето и животот на граѓаните, па да помогнеме и на економијата, потенцира премиерот Спасовски.

Премиерот Оливер Спасовски домашниот карантин го поминува работно, обврските што ги има ги извршува преку конференциски врски, така што, како што рече, со многубројните задачи, со многуте активности времето поминува.

– Ова е време кое што бара дополнителна посветеност и ангажман пред се во справувањето со КОВИД 19 и тоа го прават сите членови на Владата, сите оние коишто активно се вклучени во справувањето со оваа криза, рече Спасовски.

Премиерот истакна дека сака сите мерки што се носат се врз основа на анализите што ги прават стручните луѓе – епидемиолозите, Комисијата за заразни болести и оние кои се справуваат секојдневно со оваа криза. 


Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Медицинскиот директор на Токсикологија е разрешен

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Медицинскиот директор на Токсикологија е разрешен

ТРАЈАНОВ: Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ наскоро ќе обезбеди 63 – 64 пратеници

ТРАЈАНОВ: Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ наскоро ќе обезбеди 63 – 64 пратеници

ФУНКЦИОНЕР НА НАТО: Северна Македонија во НАТО влезе под уставното име и тоа е името под кое се претставува

ФУНКЦИОНЕР НА НАТО: Северна Македонија во НАТО влезе под уставното име и тоа е името под кое се претставува

OСМАНИ СО АМБАСАДОРИТЕ: Изразив загриженост за компромитирање на изборниот процес

OСМАНИ СО АМБАСАДОРИТЕ: Изразив загриженост за компромитирање на изборниот процес

OJO ЗА УБИСТВОТО ВО СТАЈКОВЦИ: Eдно лице ги убило сопствениот брат и сопругата на другиот брат

OJO ЗА УБИСТВОТО ВО СТАЈКОВЦИ: Eдно лице ги убило сопствениот брат и сопругата на другиот брат

ПОСВОЕНИТЕ ИМААТ ПРАВО ДА ЗНААТ КОИ ИМ СЕ РОДИТЕЛИ: Дали пресудата од Стразбур во корист на Митровска ќе го смени Законот за семејство?

ПОСВОЕНИТЕ ИМААТ ПРАВО ДА ЗНААТ КОИ ИМ СЕ РОДИТЕЛИ: Дали пресудата од Стразбур во корист на Митровска ќе го смени Законот за семејство?

ТРАГЕДИЈА: Двојно убиство го потресе Стајковци

ТРАГЕДИЈА: Двојно убиство го потресе Стајковци

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ПРЕСЕЧЕ - разрешен е директорот на Токсикологија, Данил Петровски

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ПРЕСЕЧЕ - разрешен е директорот на Токсикологија, Данил Петровски

ПОВЕЌЕ НАРЕДБИ ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ПРИЧИНИТЕ ЗА СМРТТА НА БЕБЕТО ОД ВЕВЧАНИ: ОЈО прибира докази, земени се документите од „Св Еразмо“

ПОВЕЌЕ НАРЕДБИ ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ПРИЧИНИТЕ ЗА СМРТТА НА БЕБЕТО ОД ВЕВЧАНИ: ОЈО прибира докази, земени се документите од „Св Еразмо“