Состанок на ЕУ посветен на скандалот со коњското месо
Објавено во: Агробизнис 13 Февруари, 2013
Вонреден состанок ќе одржат министрите за земјоделство на земјите-членки на ЕУ попладнево во Брисел, посветен на скандалот со откривањето примероци на ДНК од коњи во говедското месо.
Како што јави ДПА, од средбата, на која ќе присуствува и еврокомесарот за здравство Тонио Борг, не се очекуваат никави конкретни мерки во врска со овој скандал.
По избувнувањето на аферата кабинетот на Борг соопшти дека нема сознанија за опасност по здравјето на граѓаните. - Не говориме за прашање поврзано со сигурноста на храната... Во оваа фаза каква и да било забрана не би била соодветна, изјави портпаролот на Борг.
Аферата избувна по откривањето на примероци на коњско месо во месни говедски производи на компаниите „Финдус“ и „Комижел“ во супермаркети од Франција и Велика Британија, кои веднаш беа повлечени од продажба. Во целиот синџир за набавка на спорното месо биле вклучени фирми од Франција, Луксембург, Романија, Ирска, Кипар и Холандија.