26 Април, 2024
0.0268

Сомнежот врз Ахмети од СЈО е знак за неговата лидерска позиција

Објавено во: Анализа 22 Март, 2018

Добивај вести на Viber

СЈО по повеќе години на критики дека води предмети само против високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ за прв пат покрена предмет против Али Ахмети, лидерот на засега најголемата албанска партија ДУИ, што е своевиден пресврт во начинот на кој досега работеше оваа правосудна институција, иако за волја на вистината веќе имаат обвинение за партиски членови на интегративците за изборни измами, но од пониските ешалони.

Првиот предмет во кој е осомничен Али Ахмети е „Попис“ и во лошото друштво на Никола Груевски, екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој глава не може да крене од тоа што буквално секој ден е во суд на рочишта кои се водат по предмети и обвинителни акти на СЈО.

Самата објава на оваа нова истрага на СЈО доаѓа и во доста сиптоматичен период кога владата на Заев е обвинета дека е „премека“ кон барањата на ДУИ и нивните непринципиелни придонеси во реформите. Министрите на ДУИ воопшто не се прославија со преземените политики или одлуки и поголемиот дел од нив како и да не постојат во јавноста со некој познат и признат проект, па ништо чудно некои министри одобрени од Ахмети да се најдат во аут по реконструкцијата која Заев ја најави, не дека министрите на СДСМ вршат некоја сјајна задача досега.

ДУИ имаше доста силен став пред изборите во декември 2016 година. Тогаш ДУИ велеше дека дава апсолутна поддршка на СЈО и дека проблематично ќе биде лица кои се осомничени или обвинитети од СЈО и против кои се водат предмети да бидат дел од новата Влада на Република Македонија.

Ахмети во таа смисла секако, не е висок владин функционер, тој е само пратеник, но сите добро знаеме дека е еден вид на премиер во сенка кој го има главниот збор најпрво за избор на кадрите кои ќе бидат министри, а потоа и за дел од нивните политики, односно за програмските определби на ДУИ кои Заев секако мораше да ги прифати за да се реализира коалицијата. 

Водењето на предметот „Попис“ ќе значи и притисок врз претседателството на Али Ахмети во ДУИ и знак дека треба можеби нешто порано да се најде негова замена како лидер на партијата. 

СЈО веќе нема право да поднесува обвиненија, но може да покренува истраги, а секако и овие предмети не смее да останат во фиока, туку некогаш кога ќе се создадат соодветните правни услови да бидат и процесуирани. Останува и да се види дали во наредниот период СЈО ќе продолжи да ги истражува функционерите на ДУИ кои ја водеа владата заедно со ВМРО-ДПМНЕ и какви правни чекори ќе преземе. 

Х.С.