СЛАБА УТЕХА: Во што сме подобри од Грците?
Објавено во: Економија 30 Мај, 2018
Дури 41 отсто од македонските граѓани имаат заостанати долгови за комунални сметки, кредити и кирии, додека овој процент на ниво на Европска унија изнесува 10 отсто од населението. Ако е за некаква утеха, по овој показател на животниот стандард сме на приближно исто ниво со соседите, па дури сме и подобри од Грците. Ова го покажуваат најновите податоци на Евростат кои се однесуваат за состојбата во 2016 година во однос на заостанатите долгови за хипотеки, наемнини, сметки за комуналии и други плаќања за изнамување, кои обично се плаќаат како месечни рати. Со други зборови, четири од десет Македонци имаат вакви неплатени долгови и одложени плаќања во 2016 година, а овој однос во ЕУ изнесува еден на десет луѓе.
Според Евростат, речиси половина од населението во Грција (47,9 отсто) има заостанати долгови за хипотека, кирија, сметки за комунални услуги или плаќања за наем, во 2016 година. Околу една третина од населението во Бугарија (34,2 отсто) и повеќе од една четвртина во Кипар (26,6 отсто) и во Хрватска (26,4 отсто), исто така, имаа заостанати долгови од овој тип. Во Србија овој процент изнесува 36,7 отсто. Токму овие држави го расипуваат просекот на ЕУ бидејќи на спротивниот крај на скалата, во половината од 28- те земји- членки на Унијата, само 10 отсто од нивното население имаат потешкотии да ги платат сметките. Најмали проценти на заостанати долгови се забележани во Холандија (5 отсто), Чешка (4,4 отсто) и во Германија (4,2 отсто).
Оваа европска статистика ја потврдуваат и најновите податоци од нашата Регулаторна комисија за енергетика, според кои за една година драстично скокна бројот на исклучени домаќинства поради неплатени сметки за струја. Нивниот број во 2017 година изнесува 19.477 и е поголем за 166,8 отсто споредено со 2016 година, кога бројот на вакви исклучувања изнесувал 7.299 домаќинства.
Македонските граѓани, но и на другите балкански држави, многу подобро стојат кога се во прашање само долговите за кирија и за хипотеки, што покажува дека за нивниот џеб најголем товар се комуналните сметки. Но, овој тренд Евростат го објаснува со малиот процент од населението кое има хипотека или изнајмува стан по пазарни цени. Од друга страна, за разлика од западноевропските земји, во државите од поранешниот Источен блок многу поголем е процентот на граѓани кои имаат сопствен стан стекнат за време на социјализмот.
Највисок процент на неплатени кирии и хипотеки во ЕУ е забележан во Грција, каде што 15,3 отсто од вкупното население има неплатено долгови од овој вид во 2016 година. Ова е значително повисоко отколку во која било друга земја членка на ЕУ. Следниот највисок процент е забележан во Кипар (8,6 отсто), потоа следат Шпанија и Франција (по 5,2 отсто), Унгарија (5,1 отсто), Финска (4,9 отсто) и Италија (4,2 отсто). Спротивно на тоа, процентот на популација во заостанати долгови беше под 2 отсто во седум земји- членки на ЕУ: Естонија (1,8 отсто), Германија (1,6 отсто), Ирска и Литванија (1,4 отсто), Хрватска и Полска (по 1,3отсто)и во Романија (0,9 отсто).
Во Македонија овој процент изнесува 1,1 отсто, колку што е и во Србија, а во Бугарија достигна 2,1 отсто.
(М.Б.)