05 Мај, 2024
0.0247

Што помалку „остварувате“ толку подобро за народот

Објавено во: Колумни 24 Август, 2015

Добивај вести на Viber

За остварување на „ветувањата“  се трошат огромни средства, кои многу малку придонесуваат за економскиот раст, а се алиментираат, покрај со фискалните приходи и со пораст на долговите на државата. Тие веќе се причина земјата да се вброи како 14-та од 22 земји во светот кои се во длабока криза. Но и покрај агресивното зголемување на јавниот долг кој го регистрира статистиката, во конкретната општествено економска ситуација тој и  не е најголем проблем. Многу посериозните аномалии за жал не испливуваат така брзо на површина. Тие се покриени од бројките  на реализираните проекти,  градби, остварени ветувања.

Постарите се сеќаваат дека социјализмот пропадна поради тоа што се градеа фабрики кои произведуваа производи кои се посматраа во број и тони, а не како стоки кои треба да се продадат по цени со кои треба да се надокнадат трошоците и да се оствари добивка. Јавноста се радуваше на бројките, а во истовреме се создаваа загуби, се зголемуваа кредитите и ненаплатливите кредити, растеше долгот спрема странство, се заоструваа расправите за тоа кој е виновен за таквата состојба, се зголеми недовербата меѓу републиките...и како последица на тоа земјата се распадна.

Оттука, најмалку треба да се радувате на бројките за остварените проекти, без притоа да добиете анализа за ефикасноста во користењето на буџетските средства. Таквата анализа владата упорно не ја прави затоа што и нејзе и‘ е јасно дека остварувањето на популистичките ветувања е успешно, но само  во моменталното зголемување на довербата на гласачите на кои им се удвара со доделување на различни погодности. Отварањето на игралиште онаму каде се иселуваат младите , не затоа што нема тенис туку затоа што нема перспектива; отварањето на патишта во селата каде има се‘ помалку селани не поради калта туку поради безнадежноста или пак промената на дограмата во училиштата во кои има се‘ помалку ученици  се проблеми кои не се решаваат со реализација на проектите впишани во „програмата на желби“.

Во исто време сериозно се нарушува конзистентноста на пазарниот систем во земјата, а тоа пак предизвикува сериозни негативни последици во развојот.  Во  борбата да се прикаже  што повеќе „остварува“, владата почна суштински да ги нарушува и единствените услови за стопанисување. Веќе одамна правилата на игра за сите не се исти. Едни се за странските инвеститори, а полоши за домашните. Апсурдот станува поголем кога дел од домашните бизнисмени отвараат свои фирми во странство со цел во Македонија да добиваат бенефиции како странски компании. Притоа, не се работи за форсирање на   високо техничко-технолошко производство какво што се бара за ТИРЗ-овите, туку за  класично индустриско производство. Особено е деформирана цената на трудот поради државното субвенционирање на персоналниот данок и придонесите од платите на вработените во ТИРЗ-овите. Не е случајно што домашните бизнисмени подолго време бараат да се изедначат условите за стопанисување. И додека тоа не се направи тие ќе бидат немотивирани да се зафатат со подолгорочни проекти за развој, бидејќи имаат нелојална конкуренција во земјата, субвенционирана со буџетски пари.  Меѓутоа, ако условите  се изедначат во насока на оние кои важат за странците, тогаш тешко на работништвото, но и на државата. И онака ниските плати  ќе се најдат под притисок за натамошно намалување, а ќе се намали и основата за прибирање на средства за субвенционирање на платите.  Таквата состојба дополнително ќе ја искомплицира ситуацијата со веќе празната државна каса.

Власта го знае тоа и долго избегнува генерално да им удоволи на  барањата на „бизнис партнерите“. Меѓутоа, изгледа дека „водата и‘ е до гуша“ (бидејќи приливот на странски инвестиции не е во очекуваниот обем) па „откри“ модел на вработување со субвенционирање на персоналниот данок и придонесите за нововработени лица од различни старосни категории и за домашните бизнисмени. Значи, ако не може генерално, може парцијално. И постојано брои колку луѓе се вработиле врз таа основа, запоставувајќи дека на тој начин само го докрајчува консеквентното функционирање на пазарниот систем, во кој цената на трудот има исто значење како и цената на стоките и на капиталот.   Прашање е само до кога тоа може да се прави, а да не предизвика хаос кој не може да се контролира. А што подолго ќе се практикува, толку поголеми ќе бидат неповолните последици.

А и сега тие не се мали. Земјата  е се‘уште меѓу последните во Европа според просекот на платите и пензиите, се‘уште е со највисока стапка на невработеност, со висока стапка на сиромаштија, сврстена е во топ 20те земји во светот кои се во длабока криза поради високото ниво на државниот и вкупниот долг на земјата, има сериозни проблеми во социјалата, здравството и образованието, се регистрира  висока перцепција на корумпираност во сите сфери, неефикасност и партизираност на судството, контрола на медиумите од страна на власта....

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина