05 Мај, 2024
0.0255

Што помалку информации, толку поголем арамилук

Објавено во: Колумни 14 Септември, 2015

Добивај вести на Viber

Експресното одбивање на предлогот на опозицијата да се донесе закон за јавна контрола на трошењето на државни средства со точно утврдена динамика, ја досоголи  практиката на власта. Не само со  „менаџирањето на буџетот“, туку и за криењето на информации од сите сфери на општественото живеење.  Со игнорирањето на предлогот без било какви аргументи, власта јасно покажа дека во нетранспарентното водење на државните работи има сопствени интереси кои не може да ги жртвува.  Криењето на информации  е развиено до таков степен што слободно може да се каже дека  веќе се развил систем на манипулирање со јавноста особено во насока на глорифицирање на „успесите“ на  власта. Јавната недостапност до сметките од буџетските приходи и расходи, очигледно дека е во функција на замајување на јавноста со „остварување“ на илјадниците проекти и „градење“ на стабилна Македонија, а притоа да не се види раскалашеното трошење и дубиозите на стабилизационата политика. Впрочем од толку што „остваруваме“ веќе никој не зборува за деиндустријализацијата што се случува во Македонија или фактот што македонската економија се профилира во  увозно зависно стопанство, наместо извозно ориентирано. Во исто време се манифестира и  „невидена“ грижа за граѓаните, а се дава приоритет во реализација на „неветените“ проекти. Плус, за да не паѓаат во очи на подредените, врвот од пирамидата свесно замижуваа и на ним потчинетите, им дозволува корупциско однесување во сферата на нивното „владеење“, било во  државните институции, општините, јавните претпријатија. За да не и‘ се симне ореолот на безгрешност власта, и кога мора, на барање на странски мисии, прикрива информации кои се битни за оценка на реалните состојби во земјата. Но, како да се откаже од практиката за која мисли дека долго ќе ја одржи на власт. Во овој контекст  и натаму постојано се повикува дека јавниот долг на земјата е меѓу најниските во Европа, но како „змија нозе“ крие колкави се износите на обврските кон доверителите во земјата. Не е случајно ни тоа што со години не може да се добие валидна информација за бројот и структурата  на вработените во државната администрација. Таа ќе ја покаже  превработеноста до ниво на вработени кои седат дома а примаат плати. Сето тоа е правено со намера да се прикаже „успехот“  на власта во намалување на степенот на невработеност во земјата, независно од дубиозите од таквиот пристап во решавањето на тој проблем. Со криењето на информацијата власта признава дека таквото вработување е со краток здив и како да се срами од сопствениот популизам, иако со неговата примена  и со манипулации на примените „креира“ гласачи, кои за да се удомат во  администрацијата треба да убедат и неколкумина други да и‘ дадат поддршка  на власта на следните избори. Голем страв од транспарентно работење власта покажува  и во врска со нејзиниот „лост“  во развојот на земјата –странските директни инвестиции.  Толку ги експлоатира во пропагандните настапи во последните три-четири години, а не пружи елементарнни информации за тоа колку странски инвеститори  работат во земјата, колку вложиле, колку вработиле, какви се нивните придонеси во развојот вкупно, а не само нивните извозни ефекти, независно од порастот на увозот.  Да не зборуваме за износите на средства со кои го поттикнува нивното инвестирање во земјата за да се видат  ефектите по вложено евро (стапката на враќање на вложениот капитал).  Уште помалку за износот на субвенциите за персоналниот данок  и   за придонесите на вработените во ТИРЗ-овите. За начинот на трошење на буџетските средства земјата е веќе рангирана  со  најниско ниво  на транспарентност во окружувањето. Загрижувачки е што состојбата дополнително се влошува од година во година.  Власта  дури и не гледа проблем во тоа што многу државни органи и институции не ги  поднесуваат ниту задолжителните завршни извештаи  од работењето, а не се реагира ниту на наодите од државниот ревизор за нивното работење. Нема сомнение дека со криењето суштествени информации власта досега си го продолжуваше  векот на владеење. Меѓутоа, пропагандата не може бесконечно да ги прикрива реалните состојби кои се последица од расипничкото трошење на буџетските средства. Реалноста веќе почна да  ги минимизира пропагандните ефекти. По се‘ изгледа дека веќе поминуваме  низ период кога реалноста не може повеќе да се фризира туку мора да се бараат решенија за нејзино   вистинско подобрување и унапредување на подолг рок. А, за власт која има  цел да направи пресврт во демократскиот развој на земјата транспарентноста не би требало да и‘ претставува проблем, туку напротив,  средство за демократизирање на односите во општеството, за мобилизирање на граѓаните активно да се вклучуваат во решавањето и на општествените и на личните проблеми, наместо да чекаат тоа за нив да го прави власта. Криењето на информации, само покажува дека властодршците  се‘уште немаат таква намера и дека имаат „дебели “причини и натаму да ја игнорираат вистината. д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина