Што пишуваат грчките медиуми за телефонскиот разговор Заев - Ципрас?
Објавено во: Балкан 03 Јануари, 2018
„Разговор на премиерот на Скопје со Ципрас и Коѕијас“; „Заев: има волја за решение“; „Оптимизам за решение на името“. Ова се само дел од насловите во грчките медиуми, кои ги пренесуваат изјавите на македонскиот премиер од вчерашната прес – конференција.
За разлика од претходно, кога ретко кога имаше простор во вестите за проблемот со името, како што јавува дописникот на МИА од Атина, сега, последните случувања во македонско – грчките односи се дел од изданијата на централните вести на сите грчки телевизии.
Откако македонскиот премиер, вчера, на прес – конференција откри дека додека бил во Солун, телефонски разговарал со премиерот на Грција, Алексис Ципрас и грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, од кабинетот на грчкиот премиер, синоќа, испратија официјално соопштение до новинарите.
„Премиерот Алексис Ципрас, вчера, имаше телефонски разговор со премиерот на ПЈРМ, Зоран Заев, по повод неговата посета на Солун, за да му ја честита Новата година“ - се наведува во соопштението од кабинетот на Ципрас.
Новинарите во нивните прилози детално ги пренесуваат ставовите и од официјално Скопје и од официјална Атина, а акцентот го ставија на телефонскиот разговор на Зоран Заев со Алексис Ципрас и Никос Коѕијас за време на приватна посета на македонскиот премиер на Солун.