Што ќе направи Макрон ако седне во претседателската фотелја?
Објавено во: Свет 03 Мај, 2017
Претседателски кандидат на центарот во Франција, Емануел Макрон вчера вети донесување етички кодекс со кој ќе спречи вршителите на јавните функции да дојдат во судир на интереси, непотизам и други слични проблеми кои се од големо значење за гласачите.
Макрон, поранешен министер во социјалистичката влада кој пред година дена основа свое движење, исто така вети дека би можел да обезбеди пратеничко мнозинство кое би го одобрило тој етички кодекс, но и други кодекси кои се потребни за Франција да се извлече од финансиските потешкотии.
Според најновите анкети, Макрон во вториот круг би можел да освои 59% од гласовите, додека неговиот противкандидат, лидерот на крајната десница Марин Ле Пен, се очекува да добие околу 41% од гласовите.
Вториот круг од претседателските избори во Франција ќе се одржи на 7 мај, а парламентарните избори во земјата се закажани за јуни.