18 Мај, 2024
0.0260

Се трошат огромни буџетски средства, а ефектите се мизерни

Објавено во: Колумни 02 Февруари, 2015

Добивај вести на Viber

Кога од стотици реализирани проекти не се почувствува зголемување на благосостојбата на вработените и населението мора нешто да не чини. Посебно кога во името на тие проекти се потрошени огромни буџетски средства, а за дел од нив сме се задолжиле и во странство. Тогаш каде е проблемот за ваквата неефикасност? Одговорот е повеќе од јасен, проблемот е во лошото управување со средствата односно  во менаџирањето на домашната и дополнителната акумулација од странство. Доволно е ако се знае дека во целиот период по 2006 година буџетските расходи, просечно, растат  побрзо од просечниот пораст на  БДП во земјата. Просечната стапка на трошење на буџетските средства е за над 20% повисока од просечната стапка на растот на БДП. Ова зборува дека со 1%  буџетски пари не се обезбедува ниту  1%  пораст на БДП, а во поефикасни економии ваквиот ефект е значително поголем. Тоа зборува за нивно поефикасно користење на срадствата на граѓаните, наспроти кај нас. Зошто  имаме ваква ситуација? Најчесто, проблемот се лоцира во лошата распределба на средствата што се изразува во запоставување на производната наспроти финалната потрошувачка. Во рамките на оваа забелешка се укажува и на појавата на доминација на непродуктивните капитални инвестиции во однос на изградбта на продуктивни, кои генерираат раст. Ова е веројатно една од позначајните причини за недоволната ефикасност во трошењето на буџетските средства, но не е доволна само со неа се’ да се обајсни. Во дискусиите вниманието се свртува врз (не)ефикасноста и во изградбата на конкретни капитални инвестиции. Во тоа „очи бодат“ неколку од проектот Скопје 2014, поради повеќекратно зголемување на средствата за изградба од првично предвидените. А веќе пишував и за лошото менаџирање со фирмите во државна сопственост поради што во последниве неколку години некои од нив западнаа и во работење со загуби, а пред тоа покажуваа значителни добивки. Неверојатно е тоа што  овој проблем „најекономската влада“ целосно го  игнорира. Воопшто не одговара на критичарите, а многу е сериозна во одговорите  за некои банални критики. Се стекнува впечаток како прашањето на (не)ефикасноста да не е важно за неа, а критиките во врска со тоа како да се беззначајни, ако не и злонамерни, па не заслужуваат внимание и одговор. Притоа, се’ е поприсутно истакнувањето и постојаното повторување на бројките за досега изградените објекти и за идните кои ќе се градат. Се чини како единствена цел на власта е да изгради што повеќе објекти, независно од ефектите, независно од   исплатливоста и општествената оправданост (во времето во кое живееме). Тоа е, без сомнение, практика на непазарни системи. Не се далечни годините кога државните социјалистички стопанства таквата практика ја  имаа вградено во системот. Битно беше да се произведе што поголемо производство во физички показатели- тони и бројки. Така се дојде во ситуација во одделни земји да се надмине  производството во тони (на пример, железо, челик) во однос на капиталистичките земји,  а тоа да не ја подобрува материјалната состојба на населението. Нормално е дека за  бизнисмените, ефикасноста е  алфа и омега во нивното работење. Се борат, во условите кои ги создава власта, од еден денар да направат два. Притоа, таков пристап  не може да има и државата со сите средства, бидејќи голем дел од нив ќе мора да се трошат за задоволување на определени потреби на граѓаните независно од нивното чинење. Меѓутоа, не и независно од елементарната потреба за нивна поефикасна употреба. Особено не и со   толеранција на огромни пречекорувањата во трошењето на средствата, кои притоа не се образложуваат. Особено загрижува тоа што власта наголемо го потценува овој проблем. Како да се работи за лични средства на носителите на власта, а не за средства од граѓаните. Ваквата слабост не може да се замагли со остварувањето на бројни проекти за кои не се презентираат ни елементарни финансиски показатели. Некои од инвеститорите дури се толку комотни (никој не им бара одговорност) што  не изготвуваат и не презентираат годишни извештаи за своето работење, во кои би се дале соодветни образложени информации за конкретните неколкукратни пречекорувања на средствата за изградба. Се разбира, доколку ги има. Без тоа, останува сомневањето за поединечни или групни интереси во потценувањето на обврската за рационално трошење на средствата на граѓаните. Веројатно затоа не е случајно што на последниот индекс на буџетска транспарентност Македонија е сместена во категоријата држави кои објавуваат минимални информации за своите буџети. Тоа е четврта категорија од пет, при што во петтата категорија се земјите со оскудни информации за своите буџети. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе