РУСКОСКА ДА БИДЕ ИЗЗЕМЕНА ОД СУДЕЊЕТО ЗА МЕЃУНАРОДЕН СОЈУЗ - бара Фросина Ременски
Објавено во: Македонија 01 Јули, 2020
Tретообвинетаta во случајот „Меѓународен сојуз“, Фросина Ременски, заедно со Бојан Јовановски бара да се изземе обвинителката Вилма Русковска од случајот. Според неа, постојат цврсти докази дека „во сите фази на предистрагата и истрагата има селективност во постапувањето преку кршењето на правата на одбраната, но и во делот на попречување на правдата“.
Ременски наведе и дека Русковска вршела незаконски претрес во нејзиниот дом.
„Има повеќе од 16 докази приложени во барањето за изземање до државниот јавен обвинител, за што е прифатена и тужба до Судот за човекови права во Стразбур. Очекувам државниот јавен обвинител да ги разгледа совесно и професионално да одлучи за нејзино изземање како застапник на обвинението, во контекст на мене и на сите во случајот, затоа што се сомневаме дека сериозно се загрозени независноста и објективноста на постапката“, рече Ременски.
Tаа како почесен претседател на „Меѓународниот сојуз“ е обвинета заедно со Бојан Јовановски како претседател, Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ како потпретседател, таткото на Јовановски, Миле Јовановски, и неговата асистентка Христина Блажеска. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“.
Ременски, како почесен претседател на невладината организација, е обвинета за помагање во делото измама. Според обвинителството, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски дека ќе учествуваат во проект за изградба на старечки домови преку „Меѓународен сојуз“ и ги оштетиле со повеќе од милион евра.
Според Ременски, нејзиното име во обвинението се спомнувало само двапати, единствено затоа што сакала да даде поддршка на еден добар проект кој требало да го реализираат трети лица. „Ова може да има последици и во иднина, за сите јавни функционери кои ќе поддржат нешто што нема да биде реализирано од трети лица“, рече Ременски.