02 Мај, 2024
0.0291

Руски рулет во македонските маркети, ќе се повлекуваат ли млеката од рафтовите?

Објавено во: Агробизнис 20 Февруари, 2013

Добивај вести на Viber

По магацините на увозниците на српските и хрватските млека, ќе се проверуваат и увозните млека на рафтовите во продавниците. Како што дознава Фактор, предмет на истрагата првенствено ќе бидат млеката од брендовите кај кои деновиве земјите од соседството утврдија зголемена концентрација на афлатоксин, и колку што може ќе се земаат мостри. Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека од минатата недела сите пратки што доаѓаат од овие земји се испитуваат. Вчера освен во дел од млеката на Дукат, српските надлежни институции утврдија зголемена концентрација на овој токсин била пронајдена и во дел од млеката на неколку српски млекарници и тоа кај Суботичка млекара, Нишка млекара, Имлек, крагуевски Мегле, Сомболед и Шабачка млекара.Секретарот за земјоделство во Војводина  Горан Јешиќ, изјави дека од 35 испитани примероци, 29 имаат зголемена концентрација на овој токсин. Од Управата за ветеринарство на Босна и Херцеговина пак соопштија дека зголемено присуство на афлатоксин е забележано кај дел од млеката од Словенија, Унгарија, Србија и Германија. Скандалот што го тресе цел Балкан и Европска го вклучи аларамот и македонските надлежни институции. Агенцијата за храна и ветеринарство најави засилени контроли на сите количини на млеко и преработки од млеко кои се увезуваат во земјава. Дополнителни контроли за авентуално присуство на афлатоксин ќе се спроведат и кај домашните преработувачи на млеко „Врз основа на информациите дека е можно присуство на афлатоксини и во млекото и преработките од млеко по потекло од земји членки на Европската Унија, по минатонеделното решение за задолжително испитување на афлатоксини во млекото и преработките од млеко кои се увезуваат од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и од Косово, Агенцијата за храна и ветеринарство, издаде решение за задолжително земање на мостри за лабораториско испитување на афлатоксини во целокупните количини млеко и преработки од млеко кои се увезуваат во земјава“ се вели во соопштението од АХВ. Од  Агенцијата, соопштија дека до добивањето на резултатите од анализите на мострите, млекото и преработките од млеко кои се увезуваат ќе бидат складирани кај увозниците, односно, нема да се пуштат во промет се додека за нив не се добијат позитивни резултати дека се безбедни. Афлатоксинот во млекото дошол преку добиточната храна И странските и домашните експерти коментираат дека присуството на овој токсин во млеката, особено во српското, беше очекуван поради тоа што во голем дел од родот на српската меркантилна пченка за добиточна храна, лани имаше зголемена концентрација на афлатоксин. Овој токсин во млекото стигнал токму преку добиточната храна. Србија е еден од најголемите извозници на пченка во Европа, а меѓу увозните се наоѓа и Македонија. Од земјоделскиот државен инспекторат смируваат, увезената пченка од србија лани и оваагодина е безбедна за исрана на добитокот. - Анализите на на увозните пратки на сите гранични премини се задолжителни. Резултатите од меркантилната пченка увезена од Србија покажаа дека таа  е безбедна, не ги надминува дозволените концентрации на афлатоксин и може да се употребува за сточна храна. Анализите на српската пченка што беа засилени во декември 2012 по алармот дека е токсична, покажаа присуство на патогената бактерија Fusarium од 4 до 5 отсто, но не и на габата Aspergilus која произведува афлатоксин. Од досегашните испитувања немаме никакви сознанија дека е надминато дозволеното ниво на афлатоксин кое согласно Правилникот за храна може да се движи од 10 до 50 микрограми во одредена количина сточна храна. Кај нас таа количина, во просек, е 2 до 3 микрограми афлатоксин- изјави директорот на Државниот земјоделски инспекторатот Румен Стаменов. Лани во земјава се увезени вкупно близу 55.000 тони српска пченка за добиточна исхрана, а во јануари 1.657 тони. Афлатоксинот во добиточната храна се појавува поради несоодветно чување на храната и зголемено присуство на влага. Изминатата сушна година беше идеално тло за создавање на овој канцероген токсин во пченката коментираат експертите. -Храната за животните е во директна врска со присуството на афлатоксините во хуманата храна. Според некои автори околу 3% од внесениот со храна афлатоксин ­B1 се излачува со млекото (афлатоксин М1). Микотоксините (нормално, во овој случај афлатоксините) можат да се јават за време на вегетација, жетва,берба,косидба, складирање и преработка. Препораките за добра земјоделска и хигиенска пракса, правилно складирање и правилната обработка/преработка, можат во одредена мерка да влијаат на намалување на застапеноста на микотоксините. Сушата имаше влијание, временските услови при вегетацијата и жетвата се фактори на кој фармерот не може да влијае, но складирањето е важно да се изведува според општо пропишаните стандарди за складирање и чување на храната. Едно мора да се нагласи, контаминацијата на храната со микотоскини не оди по предвидлива шема, односно, ќе се развие на еден дел од нивата, на еден дел од храната складирана во магацините, што значи не се рамномерно распоредени во храната, како што е случајот со квалитативните параметри (протеини, масти, целулоза итн)-вели професорот доктор Среќко Ѓоргиевски, од Институтот за анимална биотехнологија раководител на катедра за исхрана и технологија на добиточна храна при Факултетот за земјоделски науки и храна Од агенцијата за храна и ветеринарство најавија дека ќе ги засилат  контролите на фармите, во преработувачките капацитети, како и на домашниот пазар. Колку е безбедно домашното млеко? Лабораториски анализи на увозното млеко што влегува во земјава се прават на 50 отсто од пратките. Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека тоа не треба да прави заблуда во однос на безбедноста, бидејќи секоја земја има законска обврска со Мониторинг прогрмата да врши лабораториски анализи на суровото млеко, врз основа на што на граничните премини млекото стигнива со сертификат за безбедност. Дел од експертите коментираат дека таквите конторли се легитимни за млека увезени од Европската унија, но не и за земји кои не се членки на ЕУ. -Од каде може да бидеме сигурни во нивните лаборатории, доказ за тоа се последните случувања со млекото кое веќе беше влезено во земјава, но за среќа во магацините. Ние имаме добри законски акти, но лошо се реализираат-вели Борис Анакиев, пензиониран професор од Факултетот за земјоделски науки и храна. Кај домашното млеко лабораториски анализи се прават само на суровото. Согласно Мониторинг Програмата, годишно Агенцијата е должна да испита 81 мостра сурово млеко. „Производството на млеко во државава е под постојан мониторинг на Агенцијата за храна и ветеринарство, преку спроведување на Националниот мониторинг план за контрола на резидуи од ветеринарно медицински препарати и контаминенти кај живите животни и производите од животинско потекло во  Македонија, кој е одобрен од Европската Комисија. Минатата година врз основа на овој мониторинг план, испитани се 81 мостри од сурово млеко, земени од различни фарми во државава. Според добиените резултати, ниту во една мостра не е утврдено присуство на афлатоксин, објаснуваат од АХВ Но со Правилникот за безбедност на храна, не е задолжително испитувањето на афлатоксин на финалните млечни производи. Од АХВ предупредуваат дека тоа не треба да создаде паника кај потрошувачите во однос на безбедноста на млекото, бидејќи штом резулатите од суровото млеко се негативни, тогаш афлатоксинот го нема и во финалните производи. Сепак најавуваат дека се подготвуваат измени на Правилникот, според кои и лабораториските анализи на финалните производи ќе бидат задолжителни. Ј.С

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?