26 Април, 2024
0.0340

Русија се подготвува за новата политичка реалност

Објавено во: Колумни 19 Октомври, 2020

Добивај вести на Viber

Минативе денови рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров имаше два јавни настапа во кои како да ја оцрта руската надворешна политика во наредниот период. За земја како Русија јасно е дека главен креатор на надворешната политика е претседателот на државата, во случајов Владимир Путин, но веднаш до него е Лавров, кој е и сивата еминенција на таа политика. Настапите веројатно беа со повод. А тоа, пред се, беа некои изјави и потези на ЕУ, Урсула Фон дер Лајен и санкции околу Наваљни, и дискусиите со САД за договорот СТАРТ-3. Се заборуваше и за Кина, постсоветското пространство, Нагорно Карабах...

Во вторникот Лавров беше дел од расправата во Меѓународниот дискусионен клуб „Валдај“. Покрај него учесници беа и експерти за меѓународна политика од странство и од Русија. Вкупно шестмина  дебатираа на тема: „Утопија на разнообразниот свет: Како продолжува историјата“. Скоро два часа говореше се полемизираше, а Лаворов го искористи своето време да каже некои работи и да одговори на некои прашања од учесниците во дебатата.

Зборувајќи за Европската унија Лавров оцени дека таа активно оди по патот на САД и дека се повеќе се потпира на заканите со примена на санкции. Па се создадени два механизми за казнување на оние, кои, според мислењето на Брисел ќе го применуваат хемиското оружје и ќе ги нарушуваат човековите права. Сето тоа е надвор од рамките на Советот за безбедност на ОН и на никаков начин не се впишува во принципите на Повелбата на ОН. Ако тоа е новата реалност, тогаш со неа треба да се бориме, смета Лавров. За него Организацијата на Обединетите Нации е местото каде што треба да се решаваат проблемите. „Јас сум убеден дека не само духот, туку и словото на Повелбата на ООН се апсолутно пригодни за современиот свет, ако сакаме, тој да биде подемократски и справедлив“, вели Лавров.

ОДЕЊЕ ВО САМОИЗОЛАЦИЈА

На прашање за потребата од самоизолација на Русија во периодот на ужасни потреси во наредните 25 години, како што се предвидува во материјалот за конференцијата „Утопија на разнообразниот свет: Како продолжува историјата“, па да се сконцентрира само на себе, оставајќи ги или минимизирајќи ги надворешнополитичките амбиции, па да ги остави другите да се тепаат за господарење со светот и се друго, Лавров вели дека и тука има длабока вистина. Но не во тоа за да се „оди во самоизолација“, престанувајќи да се води сметка за опкружувањето, кое има клучно значење за безбедноста на Русија.  Лавров вели дека  е согласен со некои политолози во тоа дека треба да се престане западните колеги, во тие рамки и ЕУ, да се гледаат како извори за оценка на поведението на Русија. „Ми се чини дека треба да престанеме да ги гледаме нив“, вели Лавров.

За рускиот министер за надворешни работи  не се прифатливи некои морални поуки од страна на Советот на ЕУ за надворешна политика, дека „Русија не ја искористи шансата да објасни што се случило со Алексеј Наваљни“. Згора на тоа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пред некое време изјави дека треба да се расчисти со илузиите дека Русија при сегашното раководство може да го обнови статусот на геополитички партнер на ЕУ. Затоа Лавров смета дека не треба да се гледаат тие оценки. Нему му пречи односот на ЕУ и на Германија кон инцидентот со Наваљни. Нему му пречи што ЕУ и Германија создаваат правила кои треба некој да ги почитува, а воопшто не ги почитуваат конвенциите и повелбите на кои се повикува Русија за случајот Наваљни, а кои се дел од меѓународното право. Се воведуваат правила наместо право.

„Има еден голем американски актер и гувернер, Арнолд Шварценегер, кој во своите кино ролји играше жестоко момче и секогаш кога некој ќе изразеше сомневање ќе речеше: „Trust me“(верувај ми). Јас сепак нему му верувам повеќе отколку на ЕУ, која сега се обидува таквиот приод да го направи како правило. Имено, правило, а не во рамките на меѓународното право“, вели Лавров. И додава: „ Ако не им веруваме, тогаш сами сме си виновни“. Тој смета дека луѓето од Запад одговорни за надворешна политика не ја разбираат неопходноста за разговор со заемно почитување. „Веројатно треба некое време да престанеме да контактираме со нив. Дотолку повеќе што Фон дер Лајен  изјавува дека со сегашната руска власт нема геополитичко партнерство. Така и ќе биде, ако тие го сакаат тоа“, вели Лавров.

НОВА ИСТОЧНА ПОЛИТИКА

Дискусијата во клубот „Валдај “ како да продолжи во средата на интервјуто на Лавров дадено за три медиуми и пренесувано на интернет портали. Новинарите не го штедеа министерот за надворешни работи. Го прошетаа од Нагорно Карабах, преку ЕУ, Британија, САД, Кина, Јапонија, постсоветско пространство... Се повтори гледањето на Лавров дека во блиска иднина односите со ЕУ нема да бидат добри. Иако Русија сака да се нормализираат, но на заемно почитување и рамноправна основа. Тврдењето дека односите нема да бидат добри Лавров го поткрепува и со искажувањето дека „во Германија „труст мозоци“ седнале и изработиле нова источна политика. Во неа нема ништо од досегашното партнерство. Сега, ако своевремено ЕУ говорела дека стратешки се разидува со Русија, но треба да се избираат области во кои може да се соработува врз база на заеднички интерес, тие, мислителите, дел од својот нов приод ја означиле и парадигмата, дека и соработка по избор е можна само ако Русите го сменат своето однесување“.

Ова е повод за заклучок дека може да се зборува и за промени во расположението на владејачката елита во Германија. Па затоа треба да се почека и да се види како сето тоа ќе се одрази врз практичната политика. Засега таа не е многу оптимистичка кога станува збор за лидерите на ЕУ, на Германија и на Франција. Иако, Лавров вели дека во Франција се повеќе расположени за зачувување на стратешките односи со Русија. Тоа е позицијата на францускиот претседател Емануел Макрон, која се реализира во контекст на неговиот договор со Путин. Во разговори со европски функционери, Лавров заклучува дека ЕУ не е во состојба да се справи со русофобското малцинство во него, кое грубо шпекулира врз принципите на консензус, принципите на солидарност и блокира повеќе или помалку контструктивни приоди за развој на односите со Русија. Но без ефект.

РАБОТА СО ОПОЗИЦИЈА

Навални и настаните во Белорусија и односот на ЕУ кон нив се повод Лавров да проговори и за промена на односот на Русија кон системската опозиција во земјите членки на ЕУ. На пример Навални беше посетен од Ангела Меркел, а Светлана Тихановскаја, белорускиот опозиционер, беше примена од куп европски лидери. Лавров искажа дека во Русија решиле пред некоја година да почнат да работат со опозицијата во Европа. Па така во 2017 година за време на изборната кампања во Франција, Марин Ле Пен по покана на руски парламентарци доаѓа во Москва. Ле Пен лидер на парламентарна партија,  легитимен политичар, дел од системот. Ја примил и претседателот Путин. Тогашниот колега на Лавров, французинот Жан-Марк Еро, јавно изјавил дека тоа е обид за мешање во изборите во Франција. Дека Франција не сака да се меша во внатрешните работи на Русија и се надева дека Русија исто така нема да се меша во внатрешните работи на Франција. „Погледајте со кого се среќаваат сега  и Макрон и Меркел... Како ја примаат таму Светлана Тихановскаја и никој не обраќа внимание дека тоа е мешање во внатрешните работи на Белорусија“, изјави Лавров, додавајќи дека Русија и понатаму ќе работи со опозицијата, но само со онаа која не повикува на насилно уривање на уставниот поредок на руските партнери.

Што се однесува до САД, Лавров не го одбегна прашањето на новинарите за тоа какви ќе бидат односите после изборите во ноември. Но, нагласи дека „подобро нема да биде“. Тој го отфрла американскиот притисок врз Русија за дистанцирање во односите со Кина. Затоа што тоа би било на штета на Русија. „Американците, тие веќе, далеку од дипломатски методи, отворено зборуваат дека Русија треба да ни помогне да ја казниме Кина, да ја натера Кина да се разоружи или да го замрзне своето вооружување.  Тие шпекулираат без пардон, како измамници. Неодамна нивен претставник изјави дека Русија не’ поддржа, ќе се договориме до претседателските избори во САД за тоа дека ги замрзнуваме нуклеарните боеви глави, и Русија многу сака кон тоа да се присоедини и Кина. Слушајте, тоа е валкано“.

СО СВЕТОТ ЌЕ ВЛАДЕАТ „ИМПЕРИИ“

Русија не очекува ниту постигнување договор за продолжување на договорот СТАРТ-3. Работите на тој план тешко ќе можат да доведат до почитување на обостраните интереси. САД тргнуваат од своите, а Русите од нивните. Путин пред некој ден предложи продолжување на договорот, без ултиматуми, уште една година, а во тој период да се бара ново решение. САД имаа сосема друго барање. Би го продолжиле договорот за една година, ама под услов да се замрзне бројот на нуклеарните боеви глави. На ова се спротивставува Русија. Би било изненадување да има некаков договор до 3 ноември, денот на претседателските избори во САД. На Трамп му треба и некој надворешно политички успех. Но ќе мора да го бара на друго место. Лавров сето ова го знае и затоа не е оптимист.

Интересно е гледањето на Лавров кон иднината на повеќеполарниот свет. Поводот беше искажувањето на еден политичар од Русија дека таа е „империја“ и треба да води сметка за она што се случува во Нагорно Карабах. За Лавров тоа не е вистински термин, но смета дека може да се најде попрецизен за современата епоха. Термин кој ќе покажува дека  објективниот процес на формирање на повеќеполарен свет претполага издигнување и дијалог не меѓу 193 земји-членки на ООН, туку меѓу крупните држави. А тоа се постојаните членки на СБ на ОН. Тоа се и новите крупни политички формации, како ЕУ. Иако, како во секоја империја, која се шири и во Унијата почнуваат да се појавуваат внатрешни проблеми. Така е и со САД. Ширејќи го своето влијание тие наидоа на проблеми. И во Авганистан и во Ирак каде што објавија демократија, но нема држава. И во Либија каде силите на НАТО бомбардираа по иницијатива на САД со силна поддршка на Франција, која била и најактивна во целата операција. Обама претпочитал да игра споредна улога.

ЕВОЛУЦИЈА НАМЕСТО РЕВОЛУЦИЈА

Рускиот министер искажа уште многу работи. За нив нема доволно простор. На пример односите на Русија со Германија бараат посебен текст. Договорите со САД за оружјата исто така. Од она што се слушна од Лавров произлегува дека

Русија се  подготвува за нова политичка реалност. Знаејќи дека сегашните односи во блиска перспектива нема да се променат. И самата Русија е соочена со предизвици. Војна меѓу Азербејџан и Ерменија, протести во Белорусија, насилни промени во Киргистан,  Конфликт во Украина. Се' тоа се случува на постсоветско пространство, на или блиску до границите на Русија и може да загрози витални интереси на Русија, особено во поглед на безбедноста. Оттука и очекувано ќе биде ако наскоро се јави и Владимир Путин со став за руската надворешна политика и сите предизвици со кои се соочува неговата земја.

Дека ќе има промени поттикнува размислувањето, по слушањето на Лавров за тоа како уште во 1905 година Димитриј Менделеев гледал на политиката. Менделеев кој бил и хемичар и физичар и научник-енциклопедист, технолог, метролог, метеоролог, конструктор на машини, ја направи Периодичната таблица на елементите...Па така Лавров пред Дискусиониот клуб го спомена неговото искажување. „Ќе ви го соопштам искажувањето на Димитриј Менделеев, кој не само што ја напиша таблицата на елементите и, според кажувања, правел рецепти за популарни пијалаци, но се занимавал и со филозофија. Тој зборувал во полза на ненасилен, постепен развој. Тој во еден труд публикуван во 1905 година напишал:„ Идеалистите и материјалистите можностите за промени ги гледаат само во револуции, а реализмот признава дека вистинските промени се случуваат само постепено, по пат на еволуција“. Навидум банална вистина, но, според мене, во денешната меѓународна ситуација  таа е актуелна како никогаш. Во секој смисла за политичарот е главно да остане на позициите на реализмот“.

Ова за нас не се однесува. Ние сме една од 193-те земји членки на ОН. Ако реализмот на Лавров се оствари тогаш ќе имаме свет на „империи“. А кога тие ќе почнат да мислат за сите нас, тогаш ќе викаме: „Добро е се вративме во социјализмот“, кога на обичниот човек му се велеше дека нема потреба што тој да мисли. Зашто за него размислуваше партијата и нејзините експоненти на функции на сите нивоа. Сега ќе биде само прашање кој во која партија-„империја“ ќе се зачлени?

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД